Емотивна приказна за бардот на македонското глумиште Ненад Стојановски сподели Војо Љ. Цветановски, кој е познат како пантомимичар, писател, режисер, колумнист и уличен артист. Во приказната е и ќерката на Ненад Стојановска, актерката и пејачка Јана Стојановска.
Таа имала само 13 години кога го загубила татко ѝ, а сестра ѝ, актерката Ана Стојановска 9. На вчерашен ден, 19 август во 1952 година е роден Ненад Стојановски, кој почина многу млад, на 14 јули во 1998. Јана сподели стари слики со својот покоен татко на неговиот роденден, но ја сподели и приказната од Цветановски во која се раскажува и за неа.

„После подолго време попладнево седнав во бифето на Драмски театар. Отворам меморис да видам што сум објавил на денешен ден. Прв ми излегува постот подолу што ќе го прочитате. Али пази, ми излегува баш во Драмски театар. Ништо не е случајно. Си велам, постојат работи кои секоја година вредни се да ги повторуваш, за никогаш да не се заборават.
На Ненад од срце. Кај нас у маало *Три Бисери* позади двете бели војни кули има плочкаста безимена уличка која ги спојува белиот трговски кај што денес е сендвичарницата ‘7’ и тревникот, односно паркинг улицата која носи до нашите згради. Имав дванаесет години. Мајка ми ме прати да купам јуфки и јогурт во продавницата попозната и по името “Камелија”. (оние што знаат – знаат)
Купив. На враќање минував точно од зад двете војни кули по плочкаста безимена уличка. Од другата страна на истата, длабок глас ја пееше ‘Загрли ме око врата олуја се диже…” од Арсен Дедиќ. Ја пееше татко им на Јана и Ана, чичко Ненад, нашите соседи. Тогаш првпат ја слушнав таа песна.
Кога се разминувавме ми рече:
– Кај си бе копиљ – ми се насмеа, ме погали по главата и си продолжи по патот заедно со Арсен, сврте и рече – Еј, поздрави ги дома. Можеби тоа е еден од пресудните моменти зошто денес се занимавам со театар, кој да ти знае, Пиги?
п.с. беше Јана со нејзиниот Ненад годинава на Статуафест, баш ми е криво што не успеа да го видиш Статуафест. Знам дека ќе ме “испи*караше” и милион маани ќе најдеше, ама нема везе, барем знам дека од добро што ми мислиш ќе ме “испи*караше” и ќе ми кажеше што да поправам. Одма!
Среќен роденден, Ненад Стојановски. Вечна слава“, напиша Цветановски.

Ненад инаку се вика и синот на Јана Стојановска, кој таа го роди во септември во 2017, во седмиот месец, откако сосема неочекувано, два месеци пред терминот за породување, ѝ пукнал водењакот. Актерката тогаш рече дека бебето се вика Ненад и по татко ѝ, и по моментот дека сите ги изНЕНАДил.
