-4.2 C
Скопје
02:45 - 23 декември, 2024

Moите 1+5 филмови: По избор на Кица Колбе, „Жил и Џим“ на Франсоа Трифо

Кица Колбе

Само парадоксалниот и трагичен крај во уметноста ја спасува љубовната приказна од тоа да стане тривијална.

Има филмови што „не стареат“, кои ви се чини дека постојано ги откривате одново, затоа што во себе кријат тајна што ги прави недопирливи на начинот на кој ни станува недопирливо нашето изминато време на сопствените фотографии. Таков филм е за мене „Жил и Џим“ на Франсоа Трифо. Загатка и парадокс, во кој чудесно се преплетуваат фикцијата и реалниот живот, литературата и филмот, поезијата и филмската вештина. Снимен е по истоимениот автобиографски роман на францускиот писател Анри-Пјер Роше, објавен во 1953 година. Во него тој пишува за своето пријателство во Париз пред Првата светска војна со германскиот писател Франц Хесел и нивната заедничка љубовна врска со младата Германка Хелен Грунд, студентка по сликарство, со која Хесел подоцна се оженил. Тројцата останале пријатели до крајот на животот.

Трифо го прочитал романот на 23 години, се вљубил во него и посакал да направи филм, што го сторил во 1961-та. Во „Жил и Џим“ е оживеан духот на времето пред Првата светска војна во Париз. Тој пулсира со творечки стремеж за надминување на сите граници и закони во уметноста, но и во животот. Тоа е Париз на Жан Кокто, на Пабло Пикасо, на Константин Бранкузи, на Марсел Дишан. Секако, Анри-Пјер Роше, писател и колекционер на уметнички дела, го познавал Кокто и Бранкузи, а се раскажува дека тој го запознал Пикасо со Гертруд Штајн.

Тоа што оваа приказна ја прави радосна и тажна, бестелесна и невина, е длабоката поетичност на филмскиот јазик на Трифо. Несекојдневната атмосфера на времето кога се создаваше модерната уметност во Париз, тој ја прикажува низ желбата на двајцата пријатели да собираат заедно нови искуства, разменувајќи ги не само естетските и литературните доживувања, туку и еротските, отстапувајќи си ги љубовниците. Сè дури на патувањето во Грција не ја здогледаат загадочната насмевка на најубавите камени усни на статуата на непознатата божица, која обајцата ги восхитува и ги исполнува со непознат копнеж. Грција е симбол не само за „сетилноста“ која Гете ја откри во Италија, преобразена во естетскиот копнеж. Грција е и симбол за тајната на „хетерите“, жените кои во себе ја обединувале вештината на љубовта и мудроста на филозофијата. Така еден ден Жил и Џим во Париз ја откриваат загадочната насмевка на грчката божица врз усните на младата Французинка Катерин. Всушност, магијата на „Жил и Џим“ зрачи и од харизмата на Жана Моро, која ја игра Катерин. Таа е фокусот на филмот. Нејзината глума го исполнува филмот со леснотија, со животна радост и слобода, но и со скриена тага. Катерин е посилна од обајцата мажи. Нејзината слобода потекнува од способноста да ги љуби обајцата. Пријателите Жил и Џим, Германецот и Французинот, се способни да ја живеат слободата над сите норми сè дури не посакаат да ја поседуваат Катерин само за себе. А таа, всушност, сака да биде еднаква со нив, во секоја смисла. Тоа е најсилно изразено во сцената кога таа се облекува во машка облека. Во мигот кога одлучува да се омажи за Жил, иако и го љуби и Џим, приказната на Катерин може да стане само тривијална, но од тоа ја спасува „скокот“ во амбисот на смртта. Само парадоксалниот и трагичен крај во уметноста ја спасува љубовната приказна од тоа да стане тривијална. Тоа го знаеше ненадминатиот поет во филмот Франсоа Трифо.

+5:

Monsieur Klein“, Џозеф Лоузи (1976)
„Последното метро“, Франсоа Трифо (1980)
„Фани и Александар“, Ингмар Бергман (1982)
„Жртва“, Андреј Тарковски (1986)
„Рај“, Андреј Кончаловски (2016)

Извор: Слободен Печат

Слични објави

Славниот водител сподели тажни вести: „Никогаш нема да те заборавам, многу поминавме заедно“

Еспресо

(Фото) Сув луксуз: Петар Грашо вложил 160.000 евра во станот на планина

Еспресо

(Фото) Анастасија Ражнатовиќ без трошка шминка и во лежерно издание! По славата на мајка си веднаш се врати во Севиља

Еспресо

(Фото) Потресна објава на Милиќ Вукашиновиќ: По ампутацијата на ногата, умирам од болки, дома е хорор

Еспресо

(Фото) Тежок луксуз, облечена во десетици илјади евра: Џина Џиновиќ во Монте Карло рамо до рамо со најбогатите

Еспресо

Хороскоп за 22 декември: Бикот да го направи првиот потег, Скорпијата ја чека изненадување, а вие?

Еспресо
Се вчитува....