Стилистката Мила Арсовска која повеќе од една деценија живее во Њујорк и соработува со едни од најпознатите светски познати имиња, сподели прекрасна вест на социјалните мрежи. Имено, благодарение на поддршката од јавноста и хуманитарната кампања, таа конечно ја доби својата специјално изработена протеза за стапалото.
Тешката животна приказна започнала кога имала само две години. Додека си играла во близина на железнички шини, Мила доживеала страшна несреќа кога ја прегазил воз. Поради тешките повреди, лекарите морале да ѝ ампутираат дел од стапалото.
„Ги изгубив прстите на ногата. Станав инвалид. И долго време мислев дека таа приказна е премногу тешка за да ја споделам. Но, еве што научив: 90 отсто од она од што се плашиме е само непознатото, а молчењето ги прави работите уште поголеми. Твојата приказна, каква и да е, не е премногу. Сподели ја. Затоа што некаде таму, некој се чувствува осамено во истото тоа што ти си го преживеал“, изјави таа во емотивната исповед на социјалните мрежи.

Со децении Мила ја криеше оваа болка од светот. Играла одбојка, градела успешна кариера и се трудела никој да не ја забележи нејзината физичка пречка. Меѓутоа, со текот на времето, неправилното чекорење почнало сериозно да го загрозува нејзиното здравје, со ризик за оштетување на коленото и колкот.

Набавката на протезата изработена по мерка била инвестиција вредна 25.000 долари која не ја покрива осигурувањето, затоа таа за првпат јавно ја сподели својата приказна и побара помош преку јавна кампања. Хуманите луѓе брзо се обединија, па овој сон конечно стана реалност.
Емотивните зборови со кои таа им се заблагодари на сите кои ѝ помогнаа ја пренесуваат целата нејзина среќа:
„Не знам ни од каде да почнам … Денес, по цели 40 години, ја добив мојата протеза. Со години го замислував овој момент и се прашував дали некогаш ќе стане реалност. Кога конечно го доживеав, плачев. Не поради тоа како изгледа, туку поради тоа што значи за мојот живот.“
Таа искрено признава дека барањето помош било најтешкиот чекор за неа бидејќи била навикната сè да прави сама, но поддршката од луѓето ѝ ја вратила верата.
За првпат во животот таа сподели видео на кои се гледа како носи отворени сандали и има лакирани нокти. Иако моментот е за славење, пред неа стои нов предизвик. Поради болките и адаптацијата, Мила во моментот практично учи да чекори одново, овој пат со целосно рамнотежа и со крената глава.
Мила Арсовска со потресна исповед: „На две години ме прегази воз, ми ампутираа дел од стапалото“
