8.4 C
Скопје
11:03 - 19 март, 2024

Чавела Варгас: Глас длабок како болката на душата

Таа не пеела за болка, љубов, жени, алкохол, осаменост, туку таа била сите тие работи, затоа нејзините песни одземаат здив и те тераат да заплачеш.

„Стави ја раката тука Макорина, стави ја раката тука“ – овие зборови се повторуваат неколкупати, со бавен, сензуален ритам, во мексиканска песна од 40-те години на минатиот век. Макорина, родена како Марија Калво Нодарсе, била првата жена што добила возачка дозвола во Хавана и прва што возела автомобил во Куба, во 1917 година. Макорина била убава; побегнала од дома поради љубов на 15 години и, во бурните дваесетти години во Куба, откако го напуштила своето момче, започнала да се забавува со богати мажи.

„Десетици мажи паѓаа пред моите нозе, полни со пари, молеа за љубов“, рече во 1958 г. Но, текстот на песната за Макорина оди многу подалеку од нејзината заводливост, и претставува легенда на 40-те години. Жената која ја испеа оваа песна и стана славна преку ноќ токму поради неа, е Чавела Варгас. Скандалозно за тоа време – Чавела носела панталони и пеела за љубов кон друга жена, и тоа на експлицитен и провокативен начин.

Чавела, подеднакво уникатна како и Макорина, имала повеќе храброст во нејзините вени отколку крв, а подоцна, повеќе алкохол отколку крв – зашто за да остане Варгас во тие години на длабок машки шовинизам, таа требала да биде повеќе „мачо“ од мажите, посилна и поопиена од сите околу неа.

Нејзините родители никогаш не биле горди на неа, ја криеле како бесно куче кога имале гости, поради нејзиниот чуден начин на облекување и однесување. Никогаш не играла со кукли како сите мали девојчиња, и пеела секогаш и секаде, дома, во црква, на улица. Кога родителите се развеле, завршила во рацете на чичковците. На 17 години, во најдлабоката осаменост и очај – „плачот се претвори во цемент во моите вени“ – таа решила да побегне, сама, во Мексико, сигурна дека таму ќе го најде она што го бара. Почнала да пее по улиците на Мексико и ја нарекувале Лас Варгас бидејќи има глас што звучи како да пејат одеднаш три гласа. Брзо била забележана и повикана да пее во ноќни клубови, пред сè благодарение на поддршката од композиторот и пејач Хозе Алфредо Хименес, кој важи за најдобар мексикански композитор на сите времиња. Чавела го револуционизира начинот на пеење на мексиканската популарна музика. До нејзиното појавување на сцената, пејачките носеле тантела, кринолини, долги здолништа и цвеќиња во косата. Лас Варгас пак, ја истрижала својата долга црна коса, и настапувала во панталони со црвено пончо под кое се гледала футролата за пиштол. Со цигара меѓу усните таа продолжувала да пее љубовни песни посветени на жени, а чаша текила секогаш имала пред себе.

Познатата сликарка Фрида Кало откако првпат ја сретнала Чавела, јавно изјавила дека „оваа извонредна жена, лезбејка, сосема еротски ме освои“, додавајќи дека ако таа побара од неа да се соблече гола, тоа веднаш би го направила. Така започнало ова пријателство, а Варгас живеела со Фрида и Диего Ривера цели пет години.

На 42 години го снимила својот прв албум и успесите се ределе, толку била барана во Холивуд што пеела на свадбата на Лиз Тејлор и Мајк Тод, а се зборувало дека Ава Гарднер лудува по неа. Но, Ава сигурно не била единствената: Чавела била заводничка, имала безброј љубовници, дури и многу славни, а меѓу нив и многу жени на политичари и интелектуалци. Љубовните болки пак ги лечела со повлекување во самотија и со многу текила. Своевремено изјавила дека во текот на животот испила 45 илјади литри текила, но и дека има добар црн дроб. Сепак, станувало збор за сериозен алкохолизам, за кој признавала дека е „зависност на душата и психата“, дека ги уништува мозокот и телото, и дека тоа е болест на осамен и напуштен човек.

Во 70-те години исчезнала целосно од сцената. Живеела сама во колиба, без пари, само со донации од пријателите. По 15 години самотија се вратила во Мексико Сити, каде што сите мислеле дека е веќе мртва. Но, „Ла Чаманата“ (шаманката), како што ја нарекувале, била жива – застанала на сцената како да е одново родена и импресивно го освоила светот. Во Мадрид го сретнала Педро Алмодовар, кој ќе стане нејзин голем пријател, на 82 години издала над 80 дискови, а на 85 настапила во њујоршкиот Карнеги Хол, се појавила и пеела во повеќе филмови, меѓу кои и во филмот „Фрида“, со Салма Хајек.

Сакала да умре пеејќи на сцената, и се обидела, но не ѝ успеало. На 93 години, во инвалидска количка (која ја мразела), го одржала својот последен концерт во Мадрид. Набргу откако ја однеле во болница, побегнала зашто не сакала да умре во Мадрид, туку во Мексико. Така и се случило. Шаманката со својот железен карактер и исклучителен темперамент стигнала во Мексико, сама, и запеала со смртта – пеела додека ѝ откажувале сите органи, во август 2012 година.

Слични објави

(Фото) Сопругата на Канје Вест пак шокира: За 24 часа две „голи“ модни изданија

еспресо

Ќерката на Деми Мур и Брус Вилис ја потврди својата тешка дијагноза: „Тоа ми го промени животот“

еспресо

Астропрогноза за вторник, 19 март: Убави вести за Близнаците, исполнување на сонот за Скорпиите

еспресо

(Фото) Нова фотографија од „исчезнатата“ Кејт Мидлтон: „Дали навистина е Кејт?!“

еспресо

На седмо небо: Три хороскопски знаци ќе ја најдат судбинската љубов многу наскоро

еспресо

(Фото) Ким Кардашијан покажа ретка фотографија пред пластичните операции: Нема да ја препознаете!

еспресо
Се вчитува....