Семејството на Бритни Спирс е сè позагрижено за пејачката, која во последно време, според пишувањата на странските медиуми, покажува сè понестабилно однесување. Нејзините блиски разговараат за тоа како да интервенираат пред да биде предоцна.
Неодамна, пејачката беше снимена како вози во погрешна сообраќајна лента по ноќно излегување, а беше видена и во ресторан каде што едвај стоела на нозе. Поради тоа, нејзиното семејство се грижи дека „ја изгубила контролата“.
Како што пренесува „Дејли мејл“, семејството на Спирс одржува „кризни разговори“, стравувајќи дека нејзиното однесување потсетува на периодот што му претходеше на нејзиниот нервен слом во 2007 година, кога ја избричи главата, го загуби старателството над синовите и двапати беше хоспитализирана.
Извори блиски до семејството изјавиле за медиумите дека роднините не се сигурни како да интервенираат, а притоа да не отворат стари рани. Некои од нив предложиле Бритни повторно да биде ставена под старателство, со кое делумно управуваше нејзиниот татко, Џејми. Старателството траеше од 2008 до 2021 година и секој аспект од нејзиниот живот беше под контрола.
„Постои голема загриженост. Сите отсекогаш сакале само најдобро за неа, а сега таа покажува дека донесува лоши одлуки. Тоа е застрашувачки. Затоа многу се разговара за тоа што да се направи, ако воопшто нешто. Како можеме да ја заштитиме од самата себе?“, додале изворите.
Сепак, блиските лица на Бритни не сакаат повторно да ги преживуваат катастрофалните последици што следеа откако нејзиното семејство последен пат презеде нешто.
„Последниот пат кога Џејми интервенираше за да ја заштити својата ќерка, тој стана јавен непријател број еден. Луѓето велеа дека се обидува да ги земе нејзините пари, што не е вистина. Значи, прашањето е дали некој воопшто треба да интервенира за да ѝ помогне и да се справи со последиците од тоа“, истакнале тие.
Минатата недела, сведоци кои ја виделе Спирс за време на нејзиното излегување, рекле дека таа срушила неколку чаши и други предмети на подот од ресторанот. Во еден момент, таа подигнала чаша и на бизарен начин наздравила со сите во ресторанот, притоа изгледало како едвај да одржува рамнотежа. Нејзина пријателка ја држела за рака, а потоа ја извела надвор. Спирс, и покрај предупредувањата од сите присутни, влегла во својот автомобил и почнала опасно да вози – нагло се вртела во спротивна насока, силно забрзувала, скршнувала од патот, а потоа преминала и во спротивната лента.
Нејзиното семејство го видело тоа видео и било многу загрижено поради она што се случило, како што велат три различни извори за медиумите.
„Навистина е тешко да се гледа. Но, во овој момент ништо не може да се направи. Таа мора сама да го среди сето тоа. Но, се надевам дека знае дека има многу луѓе кои некогаш биле дел од нејзиниот живот, а кои се загрижени за неа и искрено се грижат за неа“, рекол еден од изворите.
„Треба повторно да се стави под старателство. Ова е токму она што го видовме пред 18 години. Тогаш ѝ требаше помош, а ѝ треба и сега. Таа не е во добра состојба и очигледно е дека нема луѓе во нејзиниот живот кои се грижат за неа. Треба ѝ некој да интервенира и да ѝ помогне“, додал друг.
Спирс почна да ги загрижува семејството и фановите откако нејзиниот поранешен сопруг, танчарот Кевин Федерлајн, ги објави мемоарите„Мислевте дека знаете“ (You Thought You Knew), во кои откри шокантни детали за пејачката. Кевин, кој беше во брак со Бритни од 2004 до 2007 година, имаше старателство над нивните два сина поголемиот дел од нивното детство. Нивните деца – Шон Престон и Џејден Џејмс, денес имаат ограничен контакт со мајка си, за што Кевин проговори минатата недела во интервју со Пирс Морган.
