Повеќегодишниот спор околу наследството на починатиот Видоје Ристовиќ доби нов пресврт. По четири години судска постапка, хрватската водителка Николина Пишек постигна спогодба со ќерката на својот покоен сопруг од првиот брак во врска со луксузната вила во Загреб, но, според сè, финансиските проблеми сè уште не се завршени.
Според пишувањата на хрватските медиуми, Пишек ќе треба да исплати стотици илјади евра, а дополнителен товар претставува и хипотеката од 400.000 евра.
Луксузниот имот во загрепската населба Шестине, кој во еден период бил огласен за продажба по цена од 1,7 милиони евра, со години е предмет на семеен спор. Вилата во која Николина и Видоје Ристовиќ планирале да живеат заедно стана една од главните точки на несогласување по неговата ненадејна смрт во мај 2022 година.
Како што пишува „Слободна Далмација“, на Општинскиот граѓански суд во Загреб е постигната спогодба меѓу водителката и ќерката на Видоје од првиот брак. Според наводите на медиумот, Пишек ќе мора да издвои стотици илјади евра, а во целата ситуација се споменува и нејзиниот поранешен свекор Миша Гроф, со кого со години е во конфликт.
Точната сума што треба да биде исплатена не е потврдена, но се наведува дека дополнителен финансиски товар претставува хипотеката од 400.000 евра.
Да потсетиме, Николина, во обид да го заврши конфликтот со Миша Гроф, се согласи да се откаже од вредните уметнички дела од луксузниот стан во белградската населба Врачар, во кој живееше со покојниот сопруг.
Според тогашните информации, некои од уметничките дела вределе и до 100.000 евра, а за возврат Миша требаше да се откаже од побарувањата поврзани со вилата во Загреб.
Сепак, договорот не беше испочитуван, а на недвижноста остана судска забелешка што ја спречуваше нејзината продажба.
Вилата се простира на околу 400 квадратни метри, на земјиште од приближно 1.500 квадратни метри. Николина претходно се обидуваше да ја продаде, а потоа одлучи да ја издава под закуп. Луксузниот имот го изнајми инфлуенсерката Морана Мамиќ, а бараната месечна кирија изнесува дури 8.000 евра.
