Хрватската старлета Ава Карабатиќ повторно е во врска со партнерот за кого неодамна јавно откри дека ја малтретирал и физички ја нападнал. Иако нејзината исповед предизвика бурни реакции и осуда на насилството, таа сега соопшти дека двајцата решиле да си дадат уште една шанса, а откри и дека планираат брак и дете.
Ава објаснила дека по подолг период разделеност одлучиле да ја обноват врската. И покрај проблемите што ги имале, таа тврди дека чувствата сè уште се силни и дека верува оти нивната љубов може да добие нов почеток.
Старлетата ја споделила веста со фотографија од ресторан, а во објавата открила дека партнерот и таа повторно се заедно и дека имаат сериозни планови за иднината.
„По подолг период во кој не бевме заедно, решивме да ѝ дадеме уште една шанса на нашата врска. Знам дека нашиот однос беше исполнет со контроверзии, но моето срце е покрај овој човек и знам дека тој е љубовта на мојот живот и мојот иден сопруг“, напишала Карабатиќ.
Таа признала дека во минатото меѓусебно си нанесувале болка, но тврди дека сега сакаат да ги остават несогласувањата зад себе и да изградат постабилна врска.
Планираат дете и си ветиле дека ќе ги решаваат проблемите
Ава открила дека двајцата разговарале и за проширување на семејството. Според нејзините зборови, свесни се дека заедничкиот живот со дете бара стабилна средина и помалку конфликти.
„Си ветивме еден на друг дека повеќе нема да си правиме проблеми, особено затоа што планираме да имаме дете, а нефункционален однос со дете не доаѓа предвид“, навела таа.
Нејзината изјава предизвика внимание токму поради тоа што доаѓа по неодамнешните обвинувања за насилство во врската. Карабатиќ претходно јавно проговори за искуството што го имала со партнерот, по што доби поддршка од голем број луѓе, а насилството беше остро осудено.
Карабатиќ порачала дека верува оти луѓето можат да ги надминат тешките периоди преку простување и духовна блискост. Таа се надева дека верата ќе им помогне да ги надминат проблемите и да изградат посреќна иднина.
„Човечки е да се простува. Си направивме многу лоши работи еден на друг, но сега тоа е зад нас. Мислам дека нашата поблиска врска со милостивиот Бог ќе ни ги залечи раните и ќе ни донесе нова среќа во подобра и посреќна иднина“, заклучила Ава.
Иако старлетата верува дека помирувањето ќе им донесе нов почеток, нејзиното признание повторно го отвори прашањето за насилството во партнерските односи и за тоа колку е важно безбедноста да биде на прво место, без оглед на чувствата и плановите за иднината.
