Пејачката Антониа Гиговска беше гостинка во поткастот на Стефан Лазаров, каде отворено зборуваше за мајчинството, кариерата, бракот со Роберт, но и за постпородилната депресија со која се соочила по раѓањето на синот Киан.
Нејзиното гостување доаѓа неколку години откако револтирано го откажа учеството во поткастот што тогаш Лазаров го водеше заедно со Зоки Фаци. Двајцата открија дека во меѓувреме ги надминале недоразбирањата, по што разговараа за повеќе теми, меѓу кои и нејзината борба со психичките предизвици по породувањето.
На прашањето како е да се стане мајка на млада возраст, Гиговска рече:
„Да се биде мајка е голема одговорност, но е нешто најубаво што ми се случило. Мислам дека да не беше Киан, немаше да биде сè ова вака како што е, и овие успеси се благодарение на него, дефинитивно. Од почетокот ми беше некој мотив, ведрина, некоја светла точка откако се појави на овој свет. На 22-23 кога ќе станеш мајка повеќе можеш да се носиш со притисокот, со работите што ги носи мајчинството, зашто си помлад.“
Пејачката откри дека, иако била пресреќна кога дознала дека е бремена, по породувањето поминала низ тежок психички период и првпат јавно проговори за постпородилната депресија.
„Во ниеден момент не помислив дека тоа дете не е за мене. Знаев дека сакам да го родам, да станам мајка. Нормално дека е апсолутно преголем пресврт во животот.
Поминував низ стварно многу тежок период, добивав безброј коментари дека мојата кариера сега ќе заврши зашто во екот на кариерата станувам мајка. Јас до 7 месец имав настапи, не можев да ги откажам.“
Гиговска раскажа дека во текот на бременоста и по раѓањето на Киан се соочувала со бројни коментари дека прерано станала мајка и дека тоа ќе стави крај на нејзината музичка кариера. Според неа, таквите забелешки најчесто доаѓале од поширокото семејство.
„Ги добивав од блиските, но и од јавноста. Можеби најмногу од роднините, од втори трети братучеди, подалечни роднини, дека не ми требало во тој момент да станам мајка.
И воопшто ниеден коментар не допре до мене, зашто знаев дека секоја одлука што сум ја донела била исправна за мене.
Никој не ми велеше да абортирам, имав апсолутна поддршка од моите дома.
Кога му кажав на Роберт беше многу уплашен, нормално и јас бев исплашена, но цврсто стоевме до тоа дека сакам да го родам Киан. За нас немаше друго сценарио, сакавме да го имаме тоа дете што е направено со многу љубов“.
Во разговорот Гиговска откри и дека сомнежите дали е добра мајка траеле осум до девет месеци по породувањето, а една од најголемите грижи ѝ било тоа што Киан не сакал да цица, поради што чувствувала силен психички притисок.
