13.8 C
Скопје
09:03 - 26 септември, 2026

„Живееме скромно, но тука убаво ме лечат“: Вака зборуваше Димче Мешковски за животот во Америка

Целиот свој живот го посвети на актерството и на публиката во Македонија, а последните девет години ги помина далеку од родната земја. Легендарниот Димче Мешковски, кој почина на 20 март 2023 година на 77-годишна возраст, живееше во Лос Анџелес со сопругата Марица, во близина на ќерката Јасна и внуката Леона.

За последните години од животот на Мешковски во Америка потсети „Викимедиа“.

Мешковски и Марица заминаа во САД кога актерот имаше околу 69 години. Една од главните причини беше семејството, односно желбата да бидат поблиску до ќерката и внуката, но голема улога во одлуката одигра и неговата здравствена состојба.

Неколку години по преселбата, Мешковски се врати во Скопје и во интервју за „Женски магазин“ отворено раскажа како изгледа неговиот живот во Америка.

„Во моментов живеам во Лос Анџелес, во квартот Санта Моника, а инаку живеам и тука, во Скопје, на Партизанска. Веќе четири години сме во Америка. Сега веќе не сме со ќерка ми, сопругата и јас добивме свој стан, меѓутоа до нас е близу училиштето на нашата внука Леона. Ние ја земаме од училиште и поминуваме време заедно додека родителите ѝ се на работа“, раскажа тогаш Мешковски.

Посебна радост му беше времето поминато со Леона, а со многу топлина зборуваше и за местото во кое живееше.

„Прекрасно е, морам да кажам, Санта Моника е еден од најубавите делови на Лос Анџелес. Тука ни е близу океанот, палмите и сè што е најубаво“, рече актерот.

Но, зад убавите пејзажи и семејните моменти стоеше и една потешка животна приказна. Мешковски со години се бореше со повеќе здравствени проблеми.

„Мислам дека ќе ни треба три интервјуа за да ви раскажам за моите болести. Имам четири бајпаса, имам проблем со колкот кој ми е два пати опериран, потоа паднав од велосипед па ја скршив коска на бутот, и сега сум инвалид од колкот. Оперирав паратироидна жлезда, опасен некој тумор беше. Па, имам преживеано мозочен удар, тежок артритис, витилиго, одам на дијализа, ми откажаа бубрезите. Оперирав и хранопроводник и така уште неколку болести, не можам сега сите да ги набројувам“, озјави легендарниот актер тогаш.

Токму здравствениот систем беше уште една важна причина да остане во САД.

„Егзистираме скромно, но врзани сме за ќерката и за внуката, затоа сме и таму. Една од причините што заминавме е американската медицина. Во Лос Анџелес многу добро ме лечат, медицината таму е највисоко ниво. Стручни кадри, стручна екипа, медицинска техника до совршенство“, раскажа Мешковски.

Тој тогаш објасни и дека поради возраста имал право на бесплатно лекување, што за него било големо олеснување со оглед на бројните здравствени проблеми.

И покрај животот во Америка, Скопје и Драмски театар останаа посебно место за Мешковски. Кога по четири години повторно дојде во Македонија, интервјуто го даде токму во бифето на Драмски театар, местото кое му будеше многу спомени.

За своето семејство зборуваше со особена љубов. Освен за Јасна и Леона, ги споменуваше и сопругата Марица и другата ќерка Наташа.

Димче Мешковски беше член на Драмски театар Скопје од 1967 година до пензионирањето во 2002 година. Во својата богата кариера одигра повеќе од 100 улоги и над 6.000 претстави. Публиката го памети како Тасе во „Викенд на мртовци“, Секула во „Солунски патрдии“, по „Женски оркестар“, „Хихирику“ и многу други театарски, телевизиски и филмски улоги.

Посебно место има и во детските спомени на повеќе генерации. Неговиот препознатлив глас стоеше зад Попај, но и зад ликови од „Штрумфови“, „Нинџа желки“ и други синхронизирани цртани филмови.

Последните девет години од животот ги помина далеку од Македонија, но никогаш не ја прекина врската со земјата, театарот и публиката што го направија еден од најпрепознатливите македонски актери.

Мешковски почина на 20 март 2023 година во својот дом во Лос Анџелес, на 77-годишна возраст. Зад себе остави повеќе од шест децении присуство на сцената и глас и ликови со кои пораснаа генерации македонски гледачи.

Слични објави

Хороскоп за 26 септември: Биковите ќе имаат радосни моменти со блиските, Рибите ќе бидат водени од интуиција

Еспресо

Хана Хуљиќ за Петар Грашо: „Од концерт доаѓа дома во четири-пет наутро само за да биде со нас“

Еспресо

„Првата половина од мојот живот ја поминав…“: Марија Шерифовиќ донесе важна одлука на Бали

Еспресо

(Фото) Новата снаа на Брена се всели во станот на Виктор од 700.000 евра: Александра го покажа неверојатниот луксуз

Еспресо

(Фото) Торта на три спрата, скокалница и декорации – Сека Алексиќ го претвори дворот во игротека за роденденот на синот Јаков

Еспресо

„Својот труд го трошеше на луѓе кои тоа не го заслужија“ — Сузана Јовановиќ е разочарана од луѓето по смртта на Сaша Поповиќ

E.A.
Се вчитува....