2.8 C
Скопје
19:59 - 23 декември, 2024

ЖАНРОТ НАШ НАСУШЕН: Филмови за созревање, филмови со вкус на детство

Филмовите за созревање, односно „каминг оф ејџ“, како што се категоризирани во светски рамки, се присутни секоја година на светските филмски пазари, на малите и на големите екрани, затоа што тематизираат нови и различни млади генерации, кои треба да се носат со предизвиците на времето. Неретко дел од нив се и сурова критика на општеството во кое расте иднината на државата, а некои строго се држат до каноните на младешката љубов и разочарувања од пријателството.

Од тинејџерските филмови на Џон Хјуз, преку делата на Ричард Линклетер и Камерон Кроу, до „Бојхуд“, „Лејди брд“, „Викај ме со твоето име“ и „Месечева светлина“, овој филмски поджанр отсликувал најразновидни генерации, нивните проблематики и окупации. Филмови за стекнување на животно искуство, себеспознавање и фрлање нов поглед на светот наоколу.

Вкусот на детството преточен на филмска лента

Сечие детство има различен вкус, но постојат универзални нишки што се впрегнати помеѓу овие филмови, правејќи ги разбирливи за сите демографии на гледачи. Оваа година за љубителите филмовите со вкус на ванила, односно на романтичните комедии и драмедии, чијшто протагонисти се млади ликови, често завршуваа на малиот екран, како составен дел од „каминг оф ејџ“ секторот на стриминг компаниите.

Сцена од „Зборови на ѕидовите на тоалет“

Таму оваа година ровареше последниот дел од трилогијата „До сите момци“, како и средношколскиот филм кој тематизира премолчена болест помеѓу љубовници „Зборови на ѕидовите на тоалетот“. Потребата да се контролира врската во еден повторлив ден е предлошка на „Мапата на малите совршени нешта“. Исполнување на листи со ветувања, како облик на соочување со смртта се забележливи во: „Ултимативна плејлист на бучава“ и „Листата на работи кои не би ги направила“. „Дефектот“ и „Евергрин“ ги имплементираат елементите на филмовите за патување, како просторна трансформација на нечиј живот, не само ментална. „Буги“ е спортска драма, а „План б“ е комедија за две врснички, кои се обидуваат да најдат пилула против бременост во мало гратче.

Буги

За љубителите на страчатела, кои сакаат во нивните наивни филмови да има трошки на сериозни проблематики од реалноста, кои ги оставиле возрасните, за да ги измачуваат млaдите во иднина, оваа година добивме многу филмови со протагонистки, кои иако водат дисфункционални животи, се обидуваат да ја пронајдат својата среќа. Ова се независни филмови, кои циркулираа по филмските фестивали и на крај и тие завршија на платформите, а ретко кој заврши на репертоарот на малкуте отворени киносали.

Од таков калибар се филмовите: „Мис џунтинт“, „Шива бејби“, „Шугар деди“, „Добро држење на телото“, па дури и „Мокси“ содржи млада бунтовничка, која по стапките на својата мајка, создава фанзин во кој ќе ги обелодени лагите на училиштето. Во хорор филмот „Се оствари“, тестирани беа способностите на младата протагонистка за луцидно сонување. Момците навлегуваат во декадентниот свет во ирскиот филм „Еве ги младите момци“ и „Гулаб“, како и во хорор филмот „Не кажувај никому“.

Сцена од „Мокси“

Доколку го прошириме жанровскиот светоглед надвор од САД, ќе ги добиете филмовите со вкус на чоколадо, каде што младите ликови се соочуваат со социјалната неправда, постојаниот притисок на диктатурата и војната, насилството кое им е секојдневие, немајќи привилегирани животи.

Таква е фрактурата во фамилијата во „Сонце“ од Тајван, невообичаената љубов помеѓу насилството во „Подобри денови“ од Хонг Конг, како и снаодливите ликови во „Сончевите деца“ од Иран. Музичките латиноамерикански филмови, во кои младите сонуваат за подобар свет и своето место во него се: „Јас не сум повеќе тука“ и „Бласт бит“. Индискиот „Смешно момче“ допираше до ЛГБТ проблематиката, односно момчето кое се заљубува во соученик. Германија оваа година ги понуди бунтовните ликови во: „Голи животни“ и „Утре целиот свет“. Во Франција беше разработена проблематиката на сексуална злоупотреба на професорот на скијачката во „Слалом“. Во Босна се осознаваше животот со патување во „Одведи ме на некое убаво место“, а во израелскиот „Азија“, протагонистката мораше да се грижи за нејзината мајка со детерирачко здравје.

За љубителите на овошните вкусови, односно на филмови за созревање кои содржат: поетичност, надреалност и апсурд, секако дека мора да се издвојат „Посакуваната кобила“, филмот за сонот кој се пренесува низ различни генерации, како и „Сланина на ’рж“, едно апсурдно дело, во кое генерација на тинејџери се предодредени да преминат од малото место во една друга димензија. Двата како појдовна точка го земаат функционирањето на малото гратче, како микрокосмос, но во неговото секојдневие вметнуваат фантастични елементи.

На тие на кои нема да им се допадне ниту еден од понудените вкусови, можеби и не сакаат да дегустираат од овој филмски сладолед и сакаат да се задоволат со документаристиката. Оваа година имаше богата понуда на филмови што ги тематизираа младите субјекти и нивното растење и развивање во личности.

Таков е случајот со двете пријателки, кои се дружат од мали нозе и нивното пријателство во различни периоди е снимено во „Адолесцентки“. Актерката Солеил Мун Фраје ја избриша прашината од видеокасетата на која ги снимала холивудските старлети во 90-тите и се присети на нивните доживувања, потсетувајќи ги и нив на нивото детство во шоу бизнисот, кога немало интернет, во „Дете на 90-тите“.

Плакат на „Адолесцентки“

Два документарни филмови исто така ја обработија тематиката на навраќање на детството, но од различни побуди. Во „Негувана“ Гвен ван де Пас се наврати во родниот град за да се соочи со човекот кој сексуално ја злоупотребувал во детството. Во „Детство 2.0“ родителите се присетуваат на нивното детство, за да може да ги разберат миленијалците и развојот пред екраните, со оглед на тоа што насилството, навредите, злоупотребите и уцените се дигитализираат. Колку што се променуваат нештата, толку и остануваат непроменети. Можеби не добивме култно остварување оваа година, но се појавија значајни дела, кои ни нудат непречен поглед во преокупациите на најмладите, кои зачекоруваат во светот на возрасните.

Извор: Слободен Печат

Слични објави

Весна Ѓогани ја откри вистината за бракот со Ѓоле Ѓогани: Никогаш не сме си кажале дека се сакаме!

Еспресо

(Фото) Најслаткото нешто што ќе го видите денeска: Дарко Лазиќ и малата Срна во новогодишни пижами

А.Ј.

Александра Пријовиќ за Нова година ќе заработи 300.000 евра! Синоќа се прости од публиката, ја чекаат уште два настапи

Еспресо

Милош Биковиќ ги поддржа студентските протести во Белград: Актерот се огласи на социјалните мрежи!

Еспресо

Откриени детали од скандалот со Блејк Лајвли што го тресе Холивуд: „Ме гледаше додека бев топлес!“

Еспресо

Откриено кој е човекот со кој Емина Јаховиќ разменува нежности: Се бакнуваше и со Наташа Беквалац!

Еспресо
Се вчитува....