Диџејот и продуцент Александар Николовски, познат под уметничкото име Песимал, ги сподели своите впечатоци од настапот на светската диџеј-ѕвезда Дејвид Гета, кој на 8 Септември настапи на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, по повод 35 години од независноста на Македонија.
Николовски призна дека никогаш не бил голем обожавател на Гета и дека имал предрасуди кон популарните и комерцијални диџеи, но настапот во Скопје му го променил впечатокот.
„Ќе бидам искрен, како голем љубител на електронската музика, која ја сметам за уметност во сите нејзини форми, никогаш не сум бил фан на Дејвид Гета и на неговите музички изданија. Дефинитивно има нумери во неговата кариера што се паметат и оставиле впечаток, но лично имам одредени предрасуди спрема популарни и комерцијални диџеи поради повеќе фактори, почнувајќи од техничкиот дел и нивното познавање, па сѐ до музиката која ја создаваат и начинот на кој ја пренесуваат кон публиката“, напиша Николовски.
Тој вели дека претходно гледал неколку настапи на Гета на телевизија и на интернет, а посебен впечаток му оставил неговиот настап „Обединети дома-Дубаи“ за време на пандемијата. Токму поради тоа решил првпат да го слушне во живо.
„Искрено, да беше картата над 1.000 денари, немаше да ја купам. Да, се работи за пари што ги даваш за некого што никогаш не ти бил на листа на музички артисти што сакаш да ги доживееш. Токму затоа, 35 денари карта сепак, за број еден диџеј во живо, не сакав да пропуштам и морав да видам што е тоа што го прави да биде светски миленик“, вели тој.
Пофалби упати и до домашните изведувачи „Семпре“ и диџеј Никифор, кои настапија пред Гета.
„Огромен аплауз заслужија нашите ‘Семпре’ и диџеј Никифор како загревање пред главниот настап, со супер музичка селекција и изненадувачки добри ремикс-изданија од македонски нумери од Владо Јаневски и Каролина Гочева“, напиша Песимал.
На почетокот имал забелешки за озвучувањето, кое на моменти му делувало пригушено, но неговиот впечаток се променил со почетокот на главното шоу. Најмногу го воодушевиле монолитот на сцената, видеопроекциите и осветлувањето.
„Темница насекаде, сите со нетрпение ја чекаат главната ѕвезда. Дејвид го носат со автомобил до главната сцена. Ова искрено не ме ни зачуди толку, факт е дека сите познати артисти сакаат да привлечат wow внимание со уникатен entry пред почетокот.
Но доаѓа перфекцијата – моментот кога се уклучува големиот монолит во средина на сцената, со огромни видео бима од страните. Монолитот е нешто што ми остави најголем впечаток, проследено со видеопроекциите и феноменалното осветлување. Токму ова ми беше фасцинантно, што Дејвид ја примени оваа тематика и ја пренесе во двочасовен визуелен спектакл – од моментот кога монолитот се осветли, кој заликуваше на научнофантастичен портал од каде што очекуваш дека секој момент можат да излезат вонземски форми на живот, па сѐ до крајот на настапот, со прикажување разни визуелни сцени во симбиоза со музиката која во моментот се пушта“, вели Николовски.
Посебен впечаток му оставило финалето на шоуто.
„Финалето беше епско. Светлосен сноп од монолитот беше пуштен кон небото, кој изгледаше како да посегнува кон вселената, како да сака да му пренесе на универзумот: ‘Да, тука сме! Дојдете! Ве пречекуваме разиграни и со насмевки’. Пиротехниката, ласерското осветлување и визуелните ефекти беа запрепастувачки и во целосна синхронизација со басот“, напиша тој.
За самиот Гета, Николовски вели дека во живо разбрал зошто францускиот диџеј со години е меѓу најголемите имиња на светската електронска сцена.
„Дечкото знае како да ја контролира публиката и да доминира на сцената. И на негови 58 години, сѐ уште го има шармот кој му дава загарантирано место меѓу великаните“, вели Песимал.
Тој додава дека Гета неколкупати ја честитал независноста на Македонија и дека бил позитивно изненаден од приемот на својот прв настап во земјава.
„Океј, јасно е дека мора малку да има глума, сепак е дебело платен за да биде целосно искрен, но мислам дека овој настан повторно ја враќа Македонија на диџејската карта“, напиша Николовски.
Како дополнително позитивно искуство го издвои тоа што немало инциденти ниту проблеми при влегувањето и напуштањето на стадионот. Сепак, Николовски упати и директни критики за дел од организацијата на концертот.
„Го критикувам г. Бобан за неговото недолично однесување, ја критикувам ‘Авалон продукција’ за замената на карти со алки во последен момент и го критикувам неоптимизираното купувачко искуство на нивната веб-страница“, напиша тој.
На крајот, Песимал оцени дека ваков голем музички настан му бил потребен на Скопје, особено поради состојбата на домашната клупска сцена.
„Со оглед на тоа дека подолго време имаме мизерен ноќен живот и недостиг на соодветна клубска сцена, Дејвид Гета и тоа како ни беше потребен за да се потсетиме дека сѐ уште има надеж да мрднеме од мртва точка“, заклучи Александар Николовски-Песимал.
