Македонската стилистка Мила Арсовска, која веќе десет години живее и работи во Њујорк, првпат јавно проговори за трагичната несреќа што ја преживеала како двегодишно девојче и за животната битка што со децении ја водела далеку од очите на јавноста.
Арсовска откри дека како дете била прегазена од воз, а поради тешките повреди и компликациите ѝ бил ампутиран дел од стапалото. Иако тоа оставило трајни последици, таа никогаш не дозволила инвалидитетот да биде првото нешто по кое луѓето ќе ја препознаваат.
Во својата исповед раскажа дека научила повторно да оди, играла одбојка криејќи го својот инвалидитет за да може да настапува, а со години вложувала огромен труд само за да се чувствува рамноправно.
„Кога имав 2 години, доживеав несреќа со воз. Бев сама, си играв на железничките шини, несвесна за тоа што ќе се случи.
Возот помина преку мене, вагон по вагон, оставајќи ме да се борам да преживеам.
Заради повредите и компликациите, дел од моето стапало беше ампутирано.“
По повеќе од четири децении, Арсовска вели дека конечно се појавила можност да добие протеза изработена по мерка, која би ѝ овозможила нормално да оди и да танцува. Бидејќи осигурувањето не ги покрива трошоците, таа започнала кампања на платформата „ГоуФандМи“ за да ги собере потребните средства.
Во најновата објава на социјалните мрежи таа откри дека речиси никој не знаел каква борба водела целиот свој живот.
„Цели 42 години луѓето ме познаваа, работеа со мене, се смееја со мене и споделуваа животни моменти со мене, но речиси никој не знаеше за борбата што ја носев во себе.
Станав многу добра во криењето на својата болка. Научив како да се смеам кога работите беа тешки, како да продолжам понатаму кога ме болеше и како да му покажам сила на светот дури и кога водев битки што никој не можеше да ги види.
Мојот инвалидитет беше дел од мојата приказна, но никогаш не беше целата моја приказна. Не сакав да бидам дефинирана според тоа што ми се случи. Сакав луѓето да ме знаат по тоа што станав, по она што го постигнав и по храброста што ми беше потребна за да продолжам понатаму.
Зад секој чекор што го направив, секој спорт што го играв и секој предизвик со кој се соочив стоеше патување за кое повеќето луѓе никогаш не знаеја.
Понекогаш најсилните луѓе се токму оние што тивко ги носат најтешките борби. Мојата приказна е доказ дека човек може да се соочи со незамисливи предизвици и сепак да изгради живот исполнет со сила, решителност и надеж.
Ви благодарам што ја поддржувате мојата приказна и МОЈАТА КАМПАЊА НА ‘ГОУФАНДМИ’“, напиша Арсовска.
