Во најновата екранизација на безвременскиот роман „Повикот на дивината“, главната улога ќе ја толкува актерот Харисон Форд.
Форд целиот свој приватен живот го поминал покрај кучиња, ја разбира нивната природа и поради сето тоа за авторската екипа на најновото остварување на „Повикот на дивината“ тој стана најдобриот избор за протагонист во филмот.
Прославениот холивудски актер Харисон Форд е дел од најновата екранизација на класикот на Џек Лондон, а главен партнер на актерот во филмот ќе му биде кучето Бак.
Приказната која е актуелна и по 100 години од нејзиното првично создавање, во најновата филмска верзија предводена од режисерот Крис Сандерс, користи врвни визуелни ефекти и технологија со анимации, за животните во филмот да изгледаат реално.
Приказната за Бак, куче кое е отстрането од домот, па и е препуштено на туѓината, според авторите на филмот претставува лекција за пронаоѓање на подобра и посилна верзија од нас самите.
Бак е куче со големо срце, чиј речиси совршен живот доживува целосен пресврт. Одеднаш го селат од неговиот дом во Калифорнија и го носат во суровата дивина во Алјаска.
– Еден од најинтересните детали од снимањето на филмот е тоа што немаше реални кучиња со кои работевме. Наместо Бак, стоеше човек кој глумеше со мене за да ми ја олесни гестикулацијата, движењето на очите и да ми овозможи емотивно да реагирам како навистина да постои куче пред мене. Во почетокот тоа беше голем предизвик, но потоа стана забавно – рече Харисон Форд, кој го привлекол овој проект и поради тоа што „Повикот на дивината“ и е наменет и интересен и за помладата публика.
Освен Харисон Форд, останатите улоги во филмот ги толкуваат Карен Гилан, Бредли Витфорд, Ден Стивен, популарниот француски актер Омар Си и други.