-0.2 C
Скопје
18:10 - 22 декември, 2024

ПОСЛЕДНИОТ ФИЛМ НА ЛИ АЈЗАК ЧУНГ ПРИКАЖАН НА „СИНЕДЕЈС“: „Минари“ е филм за човек кој го бара своето место под сонцето

минари

Преку полу-автобиографски приказ на своето детство и неверојатно чувство за пренесување на моментот, Чунг го отсликува животот на семејството Ји, прва генерација корејска имигрантска фамилија која се обидува да го оствари својот сон и да започне фарма во рурална Америка во 80-тите години на минатиот век.

„Минари е навистина најдоброто нешто. Расте насекаде, како плевел, секој може да го собере и да го јаде. Бил богат или сиромашен, секој може да го користи и да биде здрав. Минари може да се стави во кимчи, да се стави во чорба и да се стави во супа. Може да биде и лек ако се разболиш. Минари е прекрасно, прекрасно нешто!“

Откако блесна на минатогодишното издание на филмскиот фестивал „Санденс“, „Минари“ , со својот суптилен, нетрадиционален, лесно поистоветлив пристап продолжува да ги освојува срцата на гледачите ширум светот, а македонската публика имаше можност да го погледне филмот во рамките на фестивалот „Синедејс“.

„Минари“ е последното режисерско и сценаристко остварување на режисерот Ли Ајзак Чунг, во продукција на Деде Гарднер, Џереми Клајнер и Кристина Ох, каде улогите ги толкува импресивната актерска екипа која ги вклучува Стивен Јун, Хан Је-Ри, Алан Ким, Ноел Кејт Чо, Јун Ју-Џунг и Вил Патон.

Иако е американски филм, „Минари“ е во суштина длабоко корејска приказна

Преку полу-автобиографски приказ на своето детство и неверојатно чувство за пренесување на моментот, Чунг го отсликува животот на семејството Ји, прва генерација корејска имигрантска фамилија која се обидува да го оствари својот сон и да започне фарма во рурална Америка во 80-тите години на минатиот век. А семејства како Ји постоеле многу.

„Минари“ е мирно, ненападно, наедно споро и мачно патување низ секојдневието на Џејкоб и Моника, кои заедно со нивните деца Ана и Дејвид се селат од Калифорнија во Арканзас, со желба да започнат нов, самостен и просперитетен живот.

Но нештата не се одвиваат по планот. Семејството е заглавено во долгови, а нивниот мал син има здравствени компликации и срцева маана. Моника е загрижена затоа што нема болница во близина на местото каде живеат, а нивниот дом не е во најдобра состојба, прокисува кога врне и снемува струја. Ниту Џејкоб ниту Моника не се задоволни од својата работа како живинари, а амбицијата на Џејкоб да започне своја фарма неколкупати е ставена на тест, соочувајќи се со проблеми со наводнување, откажани набавки, како и тешко успевање на корејски плодови на американска почва.

Нивната тешка ситуација доведува до колапс на семејната хармонија. Приоритетите на Моника и Џејкоб стануваат дијаметрално различни, а секојдневните расправии помеѓу родителите се одразуваат врз малите деца. Џејкоб дава се од себе да го оствари она што го започнал, оставајќи ја Моника самата да се бори со незадоволството, стравот и разочарувањето.

Бабата и магичната билка

Во одреден момент, на семејството им се придружува и мајката на Моника, Сун-џа, која доаѓа од Кореа и со себе носи еден свет целосно поразличен од оној во кој живеат Дејвид и Ана. Корејската баба не прави колачиња, а не прави ниту палачинки. Гласна е, „чудна“, дрска, гледа премногу телевизија, и не скршнува многу од својот пат за да им угоди на внуците. Таа не зборува ниту се однесува како американските баби, а Дејвид е принуден да ја дели својата соба со неа. На малото момче не му се допаѓа присуството на неговата баба на која не е навикнат и тоа не знае како да се соочи со новото чувство на фрустрација. Дејвид не го сака нејзиниот мирис кој потсетува на традиционална корејска храна, ниту пак ужива во нејзиното готвење и вкусот нанејзините супи и чаеви.

Но, и покрај сите моменти на нетрпеливост и детска лутина, Дејвид секојдневно станува поблизок со Сун-Џа. Таа има поразличен пристап кон воспитувањето на децата и воопшто не е незаинтересирана и ладна како што му изгледа на малиот Дејвид. Сун-Џа има поразличен пристап и кон неговата здравствена состојба, му дозволува повеќе отколку неговите родители, а еден ден го носи и во мочуриштето близу нивниот дом, каде на децата не им е дозволено да одат.

Тука, Сун-Џа одгледува минари – билката што има неверојатни лековити својства. А во моментот кога таа ќе го запознае Дејвид со магијата на минари, речиси сите нешта во животот на ова семејство го менуваат својот тек. Дел од нив стануваат неверојатно подобри, но дел се претвораат во вистински терор. Можеби токму тие ќе ги отворат прозорите кон вистинските вредности и ќе помогнат да се исткне она за кое вреди човек да ги жртвува своите луѓе, време и труд.

Актерската екипа на „Минари“ не можеше да биде подобра

Актерската екипа, почнувајќи од Стивен Јун и Хан Је-Ри е ништо помалку од феноменална. Двајцата актери совршено влегуваат во кожата на своите ликови и претставуваат неверојатно автентични портрети на млади сопружници кои се борат со тешкото секојдневие и опстанок.

Вил Патон, кој го глуми Пол, е безмалку фантастичен како американскиот фармер кој опседнато го слави името на Исус Хростос во секој момент од денот, ветеран од корејските војни кој прави се за да му помогне на семејството Ји. Но се чини дека најшарманиот лик припаѓа на Јун Ју-Џунг, која беспрекорно ја отслика бабата Сун-Џа.

„Минари“ не се занимава со темата на расизмот

„Минари“ не е филм кој нуди акција и адреналин. Напротив, ова е филм со кој публиката заедно дише и ги живее сите моменти како да се нејзини. Во одредени моменто тензијата спласнува, а темпото дополнително се успорува и очекувано е тоа да не се поклопува со сечиј вкус. Но, трогателната приказна на семејството Ји, несомнено емотивно го абсорбира гледачот и нуди уникатно чувство на носталгија и релевантност, давајќи му можност на гледачот да се соживее со ликовите иако не живее во ист временски период со нив, и без разлика на тоа што можеби припаѓа на сосема друга култура, вера, традиција и раса.

И покрај тоа што филмот стана достапен за светската публика во многу чувствителен период, кога во Америка и останатиот дел од светот почнаа интензивни борби со „Азиската омраза“, поттикната од пандемјата, „Минари“ воопшто не е филм што се занимава со темата на расизмот.

Иако семејството Ји се соочува со културни разлики и (не)намерни расистички коментари, Ајзак Чунг не се дозволува филмот да се фокусира на тоа, ниту пак се обидува да пренесе одредена порака преку тие сцени. Ситуациите што се прикажани во филмот не се ништо повеќе од само уште еден пример од секојдневието на ова семејство и ним сличните, па така „Минари“ останува да биде непретенциозен филм за луѓе кои си го бараат своето место под сонцето.

Светската премиера на „Минари“ се случи на „Санденс“ на 26 јануари 2020 година, каде освои две награди. Заработи шест номинации на 93-тото доделување на Оскарите, а Јун Ју-Џунг се закити со статуетка за најдобра актерка, што ја прави првата Корејка што освоила Оскар за глума. Покрај тоа, „Минари“ ја освои наградата Златен глобус за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, и заработи шест номинации на 74-те Награди на Британската филмска академија.

Во 2020 година беше најавено дека Ли Ајзак Чунг ќе го ре-адаптира сценариото за играната верзија на јапонскиот анимиран филм „Твоето име“ и ќе го замени Марк Веб како режисер на истиот.

Слични објави

Славниот водител сподели тажни вести: „Никогаш нема да те заборавам, многу поминавме заедно“

Еспресо

(Фото) Сув луксуз: Петар Грашо вложил 160.000 евра во станот на планина

Еспресо

(Фото) Анастасија Ражнатовиќ без трошка шминка и во лежерно издание! По славата на мајка си веднаш се врати во Севиља

Еспресо

(Фото) Потресна објава на Милиќ Вукашиновиќ: По ампутацијата на ногата, умирам од болки, дома е хорор

Еспресо

(Фото) Тежок луксуз, облечена во десетици илјади евра: Џина Џиновиќ во Монте Карло рамо до рамо со најбогатите

Еспресо

Хороскоп за 22 декември: Бикот да го направи првиот потег, Скорпијата ја чека изненадување, а вие?

Еспресо
Се вчитува....