Како што стојат работите и како што налага ситуацијата со актуелниот коронавирус, се чини дека ќе биде потребна цела листа на филмови за полесно да се помине домашниот карантин кој се препорачува како превентивна мерка.
Токму поради тоа, за овој викенд, за вашата листа да биде комплетна, ќе ви помогнеме со тоа што на неа ќе ви препорачаме да го додадете „Uncut Gems“, филмот кој излезе во 2019 година, а во кој главната улога ја толкува славниот актер Адам Сендлер.
Иако е познат по своите несериозни улоги, односно најмногу по комедиите, овојпат Сендлер, без разлика на тоа што и во ова остварување има комични сцени, сепак го гледаме во малку поинаква улога, за која доби големи пофалби.
На угледната страница на „IMBD“, филмот „Uncut gems“, кој е во режија на Бени и Џош Сафди, има оценка од 7.6 ѕвездички, додека на „Rotten tomatoes“, филмот е опишан како „најстресната драма, која докажува дека Адам Сендлер е одличен актер и може да одглуми квалитетно во секоја улога кога ќе му се даде вистинскиот материјал“.
Краток опис за филмот:
Хауард Ретнер (Адам Сендлер) е поранешен успешен дилер на скапоцени камења од Њујорк, чија зависност од коцкање го доведува во долг од неколку стотици илјади евра.
Поради својот порок, Ретнер се изложува себеси, но и своето семејство на голем ризик, притоа не откажувајќи се од продажбата на скапоцени камења.
Трагајќи секогаш по следниот голем облог, Хауард открива редок скапоцен камен од Етиопија, за кој верува дека со него добил џекпот, па ќе се обиде да му го продаде на еден многу богат клиент од висок профил.
Меѓутоа, колку што Хауард доаѓа се поблиску до тоа да го добие облогот, толку повеќе сфаќа дека влегува во поголеми проблеми, поради своите валкани работи кои ги направил во минатото.
„Uncut gems“ е вистински криминалистички трилер, односно драма во која тензиите растат од минута во минута, а напнатоста трае до самиот крај на филмот.
Навистина е интересно Сендлер да се види во една поинаква улога, а целиот филм го покажува животот на коцкарите и како е да се живее со стравот дека за само еден миг можете да останете без ништо.
Автор: Михаило Донев