6.8 C
Скопје
04:47 - 18 април, 2024

Тајната на единствената жртва која Џек Мевосек не ја осакатил

Кон крајот на септември 1888 година, т.н. „Есен на теророт“ достигнала кулминација во Лондон.

Луѓето од Вајтчапел и околината избегнувале да излегуваат на улиците низ кои царувал Џек Мевосек.

Елизабет Страјд веројатно била свесна за опасноста која ја демнела во мракот, но таа вечер немала каде да оди. Како голем број жени кои живееле во Вајтчапел кон крајот на 19 век, таа не била добро ситуирана и немала пари.

Која била Елизабет Страјд

Елизабет Густафсдотер била родена на фарма во Шведска и во нејзината родна земја работела како куќна помошничка и проститутка. Во Англија се преселила во 1866 година, а неколку години подоцна се омажила за Џон Страјд. За жал, бракот не траел долго, па „долгата Лиз“, како што била позната, завршила на улиците на Вајтчапел. На луѓето им кажувала дека сопругот и децата ѝ настрадале во несреќата на парабродот која се случила во 1878 г. на реката Темза, но всушност пред бракот имала само едно мртвородено дете, а нејзиниот сопруг починал од туберкулоза во 1884 година.

По завршување на бракот, Страјд повторно морала да заработува од проституција за да преживее и престојувала во разни станови и преноќишта, во зависност од тоа каде ќе ја затекнела ноќта.
Едно од преноќиштата во кое Елизабет престојувала до крајот на нејзиниот живот, се наоѓало на аголот од улиците Флауер 32 и Дин.

Profimedia

Избрзано убиство

Во кобната ноќ на 30 септември 1888 г. таа била забележана во куќата како се подготвува за излегување, надевајќи се дека ќе заработи неколку фунти на слабо осветлените улици на Лондон. Подоцна сведокот Џ. Бест ја видел на улица во друштво на низок маж со полуцилиндар, темно одело и капут. Тој ја гушкал и бакнувал, а бидејќи бил пристојно облечен, на луѓето им било чудно како толку слободно се однесува во јавност со жена со „сомнителен морал“.

Откако Бест им дофрлил нешто, тие решиле да одат на некое поинтимно место, но за жал, не стигнале далеку.
Набрзо потоа друг човек ја видел Елизабет како се бакнува со некого на улицата Бернер.

Полицаецот Вилијам Смит задолжен за ноќната обиколка исто така го видел парот и забележал дека човекот носи пакет завиткан во весници. Пакетот бил широк околу 15 и долг околу 45 сантиметри, но полицаецот сметал дека не е доволно вреден за внимание и продолжил понатаму.

Последен кој ја видел Елизабет некаде околу полноќ, бил Израел Шварц, кој подоцна изјавил дека некој човек застанал и почнал да разговара со неа, а по кратката препирка ја повлекол на улицата и ја турнал на плочникот. Елизабет викнала трипати, но кога Шварц забележал уште еден човек со нив, решил да се повлече за да не западне во неволја. Човекот бил на возраст од околу 30 години, со темна коса и мали мустаќи, носел капут и стар црн шешир со широк обод.

Следниот пат кога е видена, Елизабет била мртва.

Разгледницата која Џек Мевосек ја пратил во полиција/Profimedia

Обдукција на телото

Околу еден часот наутро Луис Диемшуц со неговата кочија влегол во улицата Бернер.
На влезот во дворот Датфилд неговиот коњ застанал и не сакал да продолжи понатаму. Диемшуц се симнал да види што е проблемот и запалил кибрит да го осветли просторот. Тогаш го видел мртвото крваво тело на Елизабет Страјд и преплашен влегол во Меѓународниот образовен клуб на работници, каде што побарал помош со зборовите: „Во дворот лежи жена, но не можам да кажам дали е пијана или мртва“.

Луѓето од клубот веднаш истрчале во уличката, но веќе било доцна. Иако била мртва, телото уште ѝ било топло, а крв ѝ течела низ вратот. На јакната имала закачено цвеќе, кое не било таму кога ја напуштала куќата. Во рацете држела кутија со слатки и грст грозје.

Обдукцијата ја извршил доктор Џорџ Филипс, кој работел и на убиството на Ени Чепмен, претходната жртва на Мевосек. Според неговиот извештај, свиленото шамивче околу вратот на покојната било малку скинато, па така забележал дека има пресек направен со некакво сечило, под истиот агол како кај претходните жртви. Грлото било длабоко пресечено, а на кожата под десната рака имало гребаница со дијаметар од четири сантиметри. На местото на убиството бил и д-р Фредерик Блеквел, кој забележал дека резот на вратот речиси ги раздвоил вените на левата страна и го пресекол душникот на два дела, па крвта се сливала директно низ отворот.

Резот бил толку длабок, што главата на Елизабет била само малку прицврстена за телото, односно таа била речиси обезглавена.

Ноќта не е завршена

Бидејќи нејзиното тело не било осакатено како претходните, полицијата не можела со сигурност да го поврзе случајот со Џек Мевосек, сè додека во утринските часови не било најдено уште едно тело, осакатено „во негов стил“.

Кетрин Едоверс е пронајдена само 45 минути по Страјд, искасапена на делови во близина на плоштадот Митр. Ова убиство ги имало истите карактеристики како она на Ени Чепмен, што веднаш го поврзало со убиецот од Вајтчапел, односно Џек Мевосек, како што подоцна бил наречен.

Поради краткото растојание меѓу пронаоѓањето на двете тела, но и поради „недовршеното“ сакатење на телото на Елизабет, полицијата сметала дека во првиот случај некој го прекинал убиецот и тој бил принуден да избега од местото на убиството за да не го фатат. Очигледно, за своето незадоволство подоцна ѝ се одмаздил на другата жртва.

Во прилог на оваа теорија, Луис Диемшуц подоцна со сигурност тврдел дека убиецот сѐ уште бил во дворот кога тој влегол таму, поради топлината на телото и необичното однесување на коњот, и дека избегал кога овој истрчал да побара помош во клубот.

Според ова, Џек Мевосек успеал да побегне од телото на Елизабет Страјд и набрзо потоа да намами друга жена за да ги оствари неговите болни фантазии.

После овие две убиства лондонската полиција добила уште едно писмо напишано со црвено мастило, наводно потпишано од самиот Мевосек. За разлика од првото писмо, ова било покриено со крв, а дали негов автор бил озлогласениот убиец, никогаш не било откриено.

Вистинскиот идентитет на убиецот е откриен по 126 години

Идентитетот на најозлогласениот криминалец на Велика Британија наводно е откриен после цели 126 години. Џек Мевосек повеќе од еден век ја поттикнува фантазијата на криминолозите и љубителите на мистерии, а откако се направени најновите ДНК анализи, се верува дека неговиот идентитет конечно е откриен.

Бизнисменот Расел Едвардс со години аматерски се занимава со овој случај, и за таа цел го ангажирал д-р Јари Лухелајнен, светски познат експерт за анализа на генетски материјал од историски места на кои се случиле злосторства.

Клучниот доказ е најден на шалот на жртвата Кетрин Едоверс. Генетскиот материјал од него е спореден со ДНК на нејзините потомци и на потомците на повеќе од сто осомничени. Со помош на најсовремени методи е откриено дека ДНК од шалот совршено се совпаѓа со еден осомничен, полицискиот имигрант Арон Космински.

До почетокот на истрагата Космински бил еден од главните осомничени, но вината никогаш не била докажана. Починал од гангрена на 56 години, во психијатриска болница, а во времето кога се случувале убиствата имал 23 години. Поради начинот на кој биле сакатени телата, и денес се верува дека убиецот бил доктор, хирург или месар.

Експертите скептични за новото откритие

Иако новите докази се најубедливи досега, експертите и понатаму се сомневаат. Имено, кога Космински завршил во психијатриска болница, било утврдено дека се работи за параноична личност која слуша гласови и јаде храна од ѓубре.

Овие карактеристики воопшто не одговараат на некој што очигледно многу внимателно ги планирал и особено прецизно ги извршувал бројните убиства.

Постојат и сомневања за спроведените ДНК анализи кои ќе мора да подлегнат на голем број експертски проверки пред потрагата за Џек Мевосек да биде официјално затворена.

Слични објави

(Фото) Сања Маринковиќ без грам шминка: Водителката покажа како изгледа кога ќе се исклучат камерите

Еспресо

Се смирија Мелина и Џина по бурниот период? Еве што направи ќерката на Харис Џиновиќ

Еспресо

„Многу ми се налути“: Јелена Карлеуша откри дека Канје Вест ја блокирал на Инстаграм

Еспресо

(Видео) Александра Пријовиќ се расплака на концерт: Пејачката не можеше да ги запре солзите

Еспресо

Ин мемориам: Почина Антон Андов, уредник на постпродукција на „Слободен печат“

еспресо

Се огласи Тони Бијелиќ по тврдењето дека со Мелина е во Монако: Еве како Харис реагираше на ова

еспресо
Се вчитува....