Маслиновото масло го славиме како супер здраво, една од многу здравите масти и тоа е навистина така. Но, не во секој случај. Со готвењето и со пржењето, маслиновото масло губи некои биофеноли, лесно испарливиот алкохол и естерите, така што неговиот мирис се менува, но неговата хранлива вредност останува иста. Сепак, не би требало да се прегрее. На високи температури, неговата структура се менува и се ослободуваат некои штетни супстанции.
Висок притисок, атеросклероза
Повеќето масла се состојат од повеќекратни незаситени масти, кои се многу чувствителни на светлина и топлина. Кога го загревате маслото, неговата хемиска структура се менува. Доаѓа до оксидација, што го поттикнува создавањето на слободните радикали. Во суштина, тоа значи дека одредени нездрави честички влегуваат во нашето тело и се „прикачуваат“ на здравите клетки, поради што тие повеќе не можат добро да функционираат. Што, последично, може да биде поврзано со високиот крвен притисок, атеросклерозата, побрзото стареење на кожата и зголемениот ризик од развој на рак.
Не е сѐ така црно
Сепак, за ова лошо сценарио се потребни многу високи температури при готвењето. Маслиновото масло има во себе висок процент на олеинска киселина, па е отпорно на оксидација и на хидрогенизација, кои настануваат многу подоцна во маслиновото масло отколку кај маслата од семиња. На пример, кога само ќе го загрееме додека со него го зачинуваме варениот зеленчук, нема да дојде до тоа.
Потребна е многу повисока температура, што значи дека проблемот настанува ако во него пржиме храна. Но, тука постојат поделени мислења. Одреден број експерти тврдат дека маслиновото масло престанува да биде здраво ако се загрева на многу висока температура, додека, пак, други велат дека тоа е најстабилно од сите масти и дека неговата температура на чадење (210 степени Целзиусови) е значително повисока од потребната температура за пржење и печење храна во маслиновото масло (околу 180 степени Целзиусови), така што тоа, сепак, нема да се случи.
Но, во секој случај, докажано е дека дел од важните и корисните материи од маслото, како што се омега-3 масните киселини и антиоксидантите, пропаѓаат во овој процес.
Затоа е подобро со маслиново масло, како и со сите масла што имаат специфичен мирис, да се подготвуваат салатите или да ги додавате во веќе готовите оброци.