0.8 C
Скопје
17:32 - 22 декември, 2024

РЕПОРТАЖА: Што треба да видите ако патувате за Барселона

Прочитајте го нашиот краток водич за градбите на Антони Гауди и уживајте во архитектурата на Барселона.

Антони Гауди животот го поминал во градот чие лице засекогаш го измени со своите необични, луцидни градби. Неговите градби воедно се и скулптури, кои привлекуваат милиони посетители секоја година. Поради неговите креации се добива впечаток дека Барселона е повеќе од град, дека е еден жив организам што дише, игра, трепери, лебди понекогаш меѓу копното и морето, потполно единствен по скулптурата, обликот, убавината и шармот.

Саграда Фамилија

1925 година. Фото- Фејсбук

Секако една од најпознатите катедрали на светот – „Саграда Фамилија“ (Свето семејство) буди чувство на стравопочит. Изградбата почнала во 1882 година по барање на фондацијата Свети Јосиф, а проценката била дека ќе биде завршена за 20-тина години. Гауди станал главен архитект на овој храм во 1883 година и на него работел сè до својата ненадејна смрт во 1926, кога на улица го удрил трамвај. Со благослов на папата, Гауди е погребен во криптата на Светото семејство, делото на кое опсесивно им посветил повеќе од 40 години од својот живот. Катедралата и денес се доработува, а се проценува дека би можела да биде завршена околу 2028 година. УНЕСКО ја смести оваа катедрала во светското културно богатство.

Фото-Фејсбук, Саграда Фамиља годинава во јануари

Каза Батло

На авенијата Грација се издигнува ексцентричната градба што во 1907 година Гауди ја работел за аристократското семејство Батло.

Каза Батло, фото Фејсбук, годинава 3-ти јануари

Класичната зграда Гауди ја реконструирал во објект што никого не го остава рамнодушен. Фасадата како да е направена од скелети и коски, а брановитиот покрив потсетува на грб од змеј. Се верува дека крстот на покривот го претставува мечот на свети Ѓорѓи, кој ја убива аждајата.

Керамичките плочки ѝ даваат бајковит изглед на зградата. Во оваа куќа се организираат многу културни настани, а нејзината внатрешност исто така ги плени многуте посетители. Жителите на Барселона оваа градба ја нарекуваат и Куќа на коските.

Каза Мила

Исто така на авенијата Грација се наоѓа станбена зграда што е позната и под друго име – „Ла педрера“ или каменолом, што многу зборува и за нејзиниот изглед. Брановита, нема ниту една рамна линија, оваа куќа е направена од камени блокови што на самото место ги обликувале најдобрите шпански мајстори.

Од приватната колекција, Каза Мила
Фотографирана годинава 2020. Фото – Фејсбук

Гауди тврдел дека аглите во куќата еден ден ќе ги снема и дека сонцето ќе продира од сите страни. Наместо покрив, Гауди направил тераса со градина применувајќи најразлични материјали и бои, со што бил добиен сликарски ефект. Овој апстрактен објект исто така е под заштита на УНЕСКО.

Паркот Гуељ

Паркот Гуељ се наоѓа на ридот Ел Кармен, а проектиран е од Антонио Гауди за потребите на својот мецена, грофот Еусебиј де Гуељ, кој често патувал во Англија и оттаму се враќал занесен од парковите и градините.

Гауди бил еден од пионерите на органската архитектура, што во Барселона може да се види на многу градби што ги проектирал, па и на црквата Саграда Фамиља, која ни ден денес не е завршена. Во паркот Гуељ тој спој на природата и архитектурата создава потполна едноставна амбиентална целина, вклопена во стрмните падини и гребени, со кривулести патчиња и пештери, а сè е осмислено така што да овозможи мир и тишина, што и се очекува од парковите. Форми што личат на лава, дрва во облик на сталактити, ѕидови изградени од камен со бранување на мозаик од парчиња керамички плочи правени со техниката тренкадис, која е особено употребувана во каталонскиот модернизам, разни видови цвеќиња и билки што даваат на паркот силни бои и миризби, куќички и објекти во бајковит стил, го прават паркот особено харизматичен, каков што беше и неговиот творец Гауди.

Клучно место во паркот е главната тераса, обиколена од долга клупа во форма на морска змија. Клупите во паркот Гуељ се единствени, со големи форми и бои, кои не оставаат без здив. Големиот премин на највисоката точка на паркот нуди најдобар панорамски поглед на Барселона.

Гауди верувал дека архитектурата мора да заведува, а овој бајковит парк, кој е од 1984 година под заштита на УНЕСКО, секако заведува со својата единствена убавина и оригинални решенија. Ако патувате во Барселона немојте да ја испуштате посетата на ова единствено ремек-дело на архитектурата, а влезот е бесплатен.

Антони Гауди

Не се знае точно каде е роден Антони Гауди, на 25 јуни 1852 година, како најмладо од петте деца. Во Барселона студирал архитектура, на Вишата техничка школа, од 1873 до 1877 година. Паралелно работел и како технички цртач, за да се издржува во текот на студиите. Понекогаш дизајнирал и мебел, а работел и како декоратор. Токму една од тие попатни работи го носи до пресврт во деловниот и приватниот живот, кога една витрина што ја дизајнирал е избрана за Универзалната изложба во Париз во 1878. Токму таа витрина и нејзината грациозност Гауди ќе ги донесе до познатиот индустријалец Еусебио Гуељ, кој бил маѓепсан од ова перче мебел и кој станува најголем мецена на Гауди и главен клиент. Многу години подоцна и паркот што Гауди го дизајнирал според желбата на овој свој заштитник, ќе го добие името Гуељ.

Неразбирањето од околината го следело цел живот, а во исто време и неговата слава растела. По ретроспективната изложба во Париз, која му ја организирал мецената Гуељ, некои американски инвеститори побарале Гауди да им проектира хотел во Њујорк. Тие нацрти се сочувани до денес и во 2003 година кога беше организиран конкурсот за изградба на нов објект во Њујорк на местото на срушените кули-близначки, една група на почитувачи на делото на Антонио Гауди го предложи токму тој нацрт од хотел за нова градба.

Сепак, Антони Гауди последните 25 години од животот ѝ ги посвети на работата на катедралата „Саграда Фамилија“, a на 7 јуни 1926 на улица го прегази трамвај. Поради запуштениот изглед никој не го препознал славниот архитект и тој е одведен во болница за сиромашни. Кога пријателите го нашле следниот ден, одбил да биде преместен во подобра болница. Починал два дена подоцна, на 9 јуни.

За Гауди жалела цела Барселона, а од тој ден на улиците на овој град веќе не сообраќаат трамваи.

 

Слични објави

(Фото) Сув луксуз: Петар Грашо вложил 160.000 евра во станот на планина

Еспресо

(Фото) Анастасија Ражнатовиќ без трошка шминка и во лежерно издание! По славата на мајка си веднаш се врати во Севиља

Еспресо

(Фото) Потресна објава на Милиќ Вукашиновиќ: По ампутацијата на ногата, умирам од болки, дома е хорор

Еспресо

(Фото) Тежок луксуз, облечена во десетици илјади евра: Џина Џиновиќ во Монте Карло рамо до рамо со најбогатите

Еспресо

Хороскоп за 22 декември: Бикот да го направи првиот потег, Скорпијата ја чека изненадување, а вие?

Еспресо

Луна и Марко открија колку заработуваат од Јутјуб: „Доволно за еден луксузен стан во Белград!“

Еспресо
Се вчитува....