2.8 C
Скопје
19:48 - 24 декември, 2024

Интервју со протојереј – ставрофор Александар Димоски, парох Струшки: Спасе и Спаса Вишенски се впишаа во Диптихот на светиите

Синодот на МПЦ – Охридска Архиепископија ги вброи во редот на светиите Спасе и Спаса Вишенски, со што конечено се заврши еден процес што трае веќе еден век, а кој го започнаа самите верни луѓе. Свечениот чин на канонизација ќе се случи на 8-ми и 9-ти јуни во струшкото село Вишни и во храмот „Света Софија“ во Охрид.

Светиот архијерејски синод на Македонската Правсолавна Црква — Охридска Архиепископија, исповедниците и праведни Спасе и Cпaса Вишенски ги вброи во редот на светиите. На 8-ми и 9-ти јуни во струшкото село Вишни и во Охрид ќе се случи свечениот чин на канонизација, односно ќе се круниса или заврши еден процес што е започнат пред речиси еден век, со откривањето на моштите на света Спаса. По повод овој голем настан за православните верници, разговараме со протојереј – ставрофор Александар Димоски.

Какви квалитети треба да има светецот за разлика од квалитетите на добриот човек?

Христос Воскресе. На почеток сакам да ви се заблагодарм што во овие денови кога Пасхалната радост на Воскреснатиот Господ се чувствува по целата земја, сакате да поразговарате со нас, за уште една, не помала радост, од онаа на Воскресантиот Христос. Да, Синодот на Македоснката Правсолавна Црква – Охридска Архиепископија одлучи да ги вброи во редот на светиите и нашите Спасе и Спаса, со што можеме да кажеме дека конечено се заврши еден процес што трае веќе еден век, а кој го започнаа самите верни луѓе. Во Црквата Христова сите се свети, бидејчи самиот Господ нè нарекува светлина на светот. (Мт. 5, 14) Светоста е последица на исполнување на Евангелските заповеди, затоа што Христос запрашан од еден законик: што треба да направи тој (законикот) за да има живот вечен, односно за да остане свет, едноставно му рече: Како читаш во законот? А овој Му одговори: Возљуби Го Господа својот Бог со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сите свои помисли, и својот ближен како себеси. На што повторно Христос вели: прави така и ќе бидеш жив (Лк. 10, 25 – 28). Тоа се однесува на сите кои одлучиле да го следат Христа, на светителите кои станале совршен пример во исполнувањето на овие заповеди, но и на сите нас, кои ја имаме истата можност. Светоста подразбира подвиг за Христа, она на што сме повикани сите ние. Христијаните се трудат да бидат добри следбеници Господови и да ги чуваат Неговите заповеди, а со тоа неминовно стануваат и добри луѓе. Во центарот на нивниот живот е Христос Господ, а не просто исполнување на некакви морални норми. Оние кои го возљубиле Бога повеќе од сè останато, нив ги именуваме светии и ги почитуваме и го следиме нивниот пример, бидејќи тие ни покажуваат како вистински да Го славиме и почитуваме Господ. Ние среќаваме добри луѓе, кои не се христијани, кои живеат морален живот, но светителите, се добри луѓе во чии срца живее Христос Господ, кои сведочат за Него насекаде, кои зрачат од љубов кон Него, кои не би постоеле без Него, како што вели свети апостол Павле: јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене (Гала. 2, 20).

Што опфаќа процесот на канонизација?

– Помеѓу телата со кои раководи Светиот Архиерејски Синод, постои и Комисија за канонизација на нови светители. Комисијата брои четири члена. Кога Црквата препознава посебна почит од своите верни чеда кон некој кој се истакнал со својот христијански живот и подвиг, тогаш комисијата почнува да собира материјал за таа личност. Прво и најважно, се гледа култот и почитта што народот почнува да ги гради кон некого. Потоа, се испитува животот на тој човек, дали правилно ја исповедал верата Христова, дали била дел од официјалната Црква, каква била неговата смрт, и дали после неговото упокојување се забележуваат чуда и чудесни настани, по неговите молитвени застапништва. Неретко се случува после смртта, телата на светите луѓе да останат цели и нераспаднати, од нив да се шири благопријатен мирис, коските да добијат не бела, туку чудесна златеста боја, каков што е случајот и со света Спаса. Сите тие знаци ни покажуваат дека Светиот Дух живеел во тие луѓе и дека Бог се прославил преку нив. Откако комисијата ќе собере доволно материјал, и добро ќе го испита животот на новиот светител, ќе собере сведоштва за неговата светост и ќе се увери дека истиот е почитуван од православниот народ, подготвува богослужба (Вечерна и Утрена), акатис и изработува икона за новиот светител, одредува датум за негово прославување, што најчесто е денот на смртта, а доколку тој не е познат, тогаш датум што има некаква поврзаност со неговото житие, и тоа го доставува до Светиот Архиерејски Синод, во форма на предлог за канонизација на нов светител. Синодот во полн состав, со согласност на сите архиереи, одлучува по тој предлог, по што донесува одлука за канонизација на нов светител. Таа одлука се обзнанува пред верниот народ, на соборна Литургија, при што се пее службата и се претставува иконата на новиот светител, што всушност денес го претставува самиот чин на канонизација.

Отец Александар, ќе нè воведете ли накусо во животите на Спаса и Спасе Вишенски?

– Житието на светите исповедници и праведни Спасе и Спаса, започнува и се испреплетува со историјата на големиот и познат манастир посветен на Вознезението Христово, кој се наоѓал над селото Заграчани, во месноста која и денес е позната како Бабуш. Според пишаните извори и спроведените археолошки истражувања, манастирот постоел сè до големите освојувања на Османлиите, кога бил и разрушен, како и сите наши големи светилишта од тој период. Тоа се годините кога отоманските освојувачи ја зацврстуваат својата власт на Балканот и во Македонија, и тоа го правеле на свиреп и страшен начин. Спалувале цели села и населби, го убивале и раселувале домородното христијанско население, како што било и со селото Заграчани. Се претпоставува дека свети Спасе и Спаса потекнувале токму од тоа село, па откако истото било запалено, тие двајца како сираци биле примени во блискиот манастир. Но набрзо и манастирот бил запален, по што започнале нивните подвизи по падините на планината Јабланица. Света Спаса се населила во веќе постоечка пештерна Црква, кај селото Вишни, а свети Спасе, исто така во претходно познато пештерско живеалиште над селото Вевчани. Света Спаса набрзо маченички го завршила својот живот, за да не падне во рацете на злобните освојувачи, со што го зачувала девството и како совршена невеста Му се предала на својот Младоженец Христос, а свети Спасе, повеќепати тепан поради својата вера православна, живеел како пустиник низ јабланичките шуми, проповедајќи помеѓу простиот, но верен селски народ, кој по никоја цена не се откажувал од својата вера христијанска. Се упокоил во длабока старост и не се знае местото на неговото погребение. Вака, народното предание го запазил споменот на овие двајца прекрасни исповедници Христови.
Mоштите на света Спаса се откриени во 1927 година, во пештерната црква во која се населила, а од средината на XIX век имаме неколку непосредни извори, писма на француски и британски конзули, кои зборуваат за страдањето на христијанското население во Струшко, и кажуваат дека е убиена една девојка, а христијаните во Вевчани се жестоко мачени, со што јасно заклучуваме каков бил односот на отоманскити освојувачи кон домородното христијанско население во овие краеви, низ сите години на нивното владеење. За нас, секако дека е најважно тоа што Господ овие двајца ги зачува живи во споменот на народот и преку нивните молитвени застапништва не престанува да твори чудеса. Исто така, мора да споменеме дека имињата што Црквата им ги дава на овие двајца, Спасе и Спаса, не знаеме дали се нивните вистински историски имиња, но бидејќи народот ги именува со некоја форма од овие имиња, а и самиот факт што нивниот спомен е поврзан со празникот на Вознесението Христово – Спасовден, сметаме дека овие имиња им се угодни и ним и на Бога.

Моштите на Спаса Вишенска се чуваат во црквата „Свети Атанасиј“ во струшкото село Вишни. Со какви сè други материјали за светиите располагате и како се собирани, документирани, пренесувани од крајот на 14 век до денес?

– Да, од 1927 година, кога света Спаса ѝ се јавува на Марија Дарданоска од Долна Белица, исто така село во Струшко, нејзините мошти се наоѓаат во селскиот храм „Свети Атанасиј“ во Вишни. Власите од Долна Белица се обиделе да ги пренесат моштите во нивното село, со изговр дека светителката им се јавила ним, но вишенци не дозволиле. Света Спаса повеќепати ѝ се јавила на Марија која тогаш имала 60 години и била речиси парализирана, но откако се допрела до моштите чудесно се исцелила. Неколку години подоцна, Љубинка Љашкова, која од Мали Влај била омажена во Вишни, во знак на благодарност што света Спаса го исцелила нејзиниот тешко болен сопруг, Сандре Маркоски, по својот татко од Влашко ја порачала сребрената маска која денес ја гледаме на моштите. Интересно е тоа што во овој случај, Црквата наиде на веќе постоечки култ кон светители, од кои едниот има и запазени мошти и цели молитвени обреди поврзани со нивниот спомен. Секако дека главен и појдовен извор беше народното предание, народната почит и колективната меморија за овие двајца свети праведници. Историското постоење на Заграчани и манстирот Свети Спас, е научно и историски потврдено и поткрепено со многу докази од терен. За пештерните цркви во кои се подвизувале овие двајца, пишувале сите познати историчари на уметност, помеѓу кои главно место секако има академик Цветан Грозданов, кој и прв ги посетува со цел да ги истражи. Тука секако се и пишувањата на многумина патеписци, етнолози, историчари, помеѓу кои достојни за спонување се д-р Павле Митрески и Анастас Ќушоски, кои со децении пишувале за овие светители. Значи, житието на овие двајца веќе добро беше познато за пошироката јавност.


Во последната деценија, во која активно почнавме да се занимаваме со истражување на животот на свети Спасе и Спаса, наидовме на повеќе непосредни извори, како оние писма на странските конзули што ги спомнав погоре. Бранислав Нушиќ исто така зборува за светилиштата поврзани со овие двајца подвижници. Односно, накусо, се потврди историската вистина на народното предание, кое го следи целиот период на отоманското владеење.

Колку сведоштва за извршени чуда, односно, сведоштва за услишени молитви засега се раскажани, посведочени?

– Бог не престанува секојдневно да прави чуда, да дава чудесни исцеленија и да твори неискажливи дела по молитвените застапништва на светите исповедници Спасе и Спаса и на тој начин Самиот да сведочи за нивната светост. Точниот број му е познат само Нему, и не верувам дека ние некогаш ќе слушнеме и разбереме за сите услишани молитви и молби принесеини пред нашите новопрславени светители. Одете било кој ден во Вишни, особено преку викенд, и ќе видите дека постојано, од сите краеви на нашата татковина, доаѓаат луѓе да се поклонат и помолат пред моштите на света Спаса. Некои доѓаат за првпат, ја молат светителката да се застапува пред Бога за нивно здравје, ја молат за пород, за вдомување – ќе наидете на луѓе со секакви животни проблеми. Други доаѓаат да ѝ се заблагодарат, зашто Бог ги слушнал нивните молитви по нејзините застапништва, гледате и деца кои родителите ги донеле да ги претстават пред нивната духовна мајка – секој со својата историја. Прекрасна глетка, која сведочи за светоста на праведната Спаса и за убавината на нашата вера. Во Вевчани познавам луѓе кои доаѓаат дури од странство, за да отидат и да се помолат во храмот каде што се подвизувал свети Спасе. Затоа само Бог знае, низ годините колку чуда и исцеленија се случиле, и колку се случуваат и денес.

Во книгата што ја подготвивме за канонизацијата, во која покрај житието, за првпат ќе бидат објавени и службата и акатистот на светите Спасе и Спаса, професорот д-р Виктор Недески, кој и ги состави жититето и службата, наведува триесетина чуда и сведоштва за светоста на нашите нови светители. Сите тие се запишани детално, наведено е за секое од нив, кој и кога го раскажал или доживела. Но како што наведува и самиот професор, тоа се само мал број од сите оние што се слушнати за време на истражувањата.

На 8-ми и 9-ти јуни во с.Вишни и во Охрид ќе се случи свечениот чин на канонизација. Што значи овој настан за православните Македонци и што ќе се случува?

– На 8-ми и 9-ти јуни ќе се круниса или заврши еден процес што е започнат пред речиси еден век, со откривањето на моштите на света Спаса. Нашите светители несомнено биле и претходно почитувани, но со наоѓањето на моштите тие почнале да се празнуваат богослужбено и црковно, особено света Спаса, чие пак житие не можеме да го раскажеме без свети Спасе. Во сабота на 8-ми јуни во храмот на свети Атанасиј во Вишни ќе отслужиме Вечерна богослужба на која ќе претстои епископот Антаниски г. Партениј во сослужение со свештеници од Струшкото намесништво, по што моштите на света Спаса ќе бидат измиени и префрлени во нов кивот (кутија) и пренесени во храмот „Света Софија“ во Охрид. Таму, исто така после Вечерната богослужба која ќе започне претходно, моштите ќе ги пречека нашиот надлежен арихиереј Митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошко-струшки г. Тимотеј, кој ќе ги внесе во храмот и ќе отслужи последен парастос за двајцата праведни, според востановената практика на Црквата. Следниот ден, на Литургијата со која ќе чиноначалствува Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, во сослужение со сите архиереи на нашата помесна Црква, како пто веќе спомнав, ќе биде објавена одлуката за впишувањето во списокот на светиите, на праведните Спасе Вевчански и Спаса Вишенска, по што Архиепископот ќе ја благослови нивната икона и со истата ќе го благослови сиот верен народ. Морам да спомнам дека за наша голема радост, на овој настан се поканети и архиереи од други помесни Православни Цркви.

Сето ова значи дека црквата во Македонија е жива, дека нашите мајки сè уште раѓаат светители, дека Христовто Евангелие длабоко е закоренето помеѓу нашиот народ и ништо не може да го искорене. Житијата на светителите не се некои приказни од минатото, туку вистинити животни истории на нашите предци. А ние како нивни наследници имаме удел во нив, но единствено преку животот во Црквата и преку нејзините свештенотаинства. Нашата вера Православна е најубава вера, затоа што не е вера на убедувња, туку вера на слобода и лично искуство. Во моментите кога свети апостол Филип го повикувал Вартоломеј во апостолство, и го канел да стане Христов ученик, вториот се посомневал дека може Спасителот да дојде од Назарет, но апостолот Филип не го убедувал во спротивното, туку едноставно му рекол: дојди и види (Јов. 1, 46)! Така и сите кои се сомневаат, било тоа да имаат и најмал сомнеж, дека во Вишни и Вевчани има светители праведни и чудотворци, нека дојдат на 8-ми и 9-ти јуни и нека видат.

Слични објави

(Фото) „Среќен Божиќ на онколошките пациенти“: Ведрана Рудан честиташе, а покажа и кој ѝ прави друштво

Еспресо

(Фото) Брена му седна во скутот на Боба, тој ја држи со раце и не ја пушта: „Бакни ме“

Еспресо

(Видео) Северина на Бадник сподели видео со мајка си: „Таа е најдобра и најубава“

Еспресо

На Алек Болдвин нема да му се суди за убиството на сетот за филмот: Случајот е официјално затворен!

Еспресо

(Фото+видео) Вака изгледала Слобода Миќаловиќ како девојче: Името ѝ го дал татко ѝ, а зад сè се крие трогателна приказна

Еспресо

(Видео) Анастасија Ражнатовиќ го покажа голиот стомак на луда журка во Шпанија: Се забавува со золвата и со Ема Радујко

Еспресо
Се вчитува....