3.8 C
Скопје
12:49 - 23 декември, 2024

Отворено со познатиот скопски фризер Љупчо Петрушевски – Бубе: Откако се опоравив од дијагнозата енцефалит, веќе ништо не ме плаши!

Кога станува збор за животни инспиративни приказни во оваа земја, не можам да го изоставам човекот чие работно место е повеќе како негов дом. Љупчо Петрушевски – Бубе Ин. Не би можела да ви го опишам со зборови од речникот, неговата енергија не можам да ви ја пренесам преку пишаниот збор, но преку разговорот со него и креациите кои ги прави, сигурна сум дека ќе ве убедам во вистинитоста на изреката: „Каде што има волја, има и начин“.

Првиот „шамар“ од животот Бубе го добил на 13 години кога починала неговата мајка. И наместо да „тресне“ на земја од силниот удар, тој истовремено се запишал во средно училиште, но и започнал да „чиракува“ во тогаш најпознатите фризерски салони. Желбата кон фризерската уметност ја добил од тетка му, која ја гледал како „по дома“ вешто ги средува роднините и пријателите. Бидејќи учел средно стручно училиште за кое немал интерес – ЕТУЦ, секој момент пред или по часовите го користел да го усовршува фризерскиот занает. За него, секој потег на мајсторите од кои учел бил воодушевувачки, се воодушевувал и на фризерските „хауби“. Иако во тоа време, како што вели Бубе, професијата фризер била една од најуназадените, а луѓето најчесто коментирале: „Ех, зарем цел живот по туѓи глави ќе чепкаш, ќе чепкаш вошки…“

Ја штедел секоја пара за да си купи опрема

Кога се вработил како фризер, за тоа време заработувал солидна сума на пари, бидејќи бил максимално посветен, а и сопсвеничката го почитувала тоа. Па така, наместо да се расфрла со парите и да лудува по забавите, Бубе ја штедел секоја заработена пара за да си купи опрема. На само 16 години го отворил својот прв фризерски салон. Свесен бил за тежината на товарот кој ќе го носи, а и по малку исплашен дали ќе успее во предизвикот што си го поставил пред себе. Очигледно е дека успеал и повеќе од што очекувал. Работата, која на некој начин му помогнала да остане исправен по смртта на неговата најголем потпора, мајка му, после многу години го турнува многу силно. На 15 мај 2016 година, Бубе го добива вториот „шамар“ од животот, овој пат, многу посилен од претходниот.

– Преголем стрес, салон кој во тоа време го отворив заедно со партнер, опслужување на голем број редовно закажани, но и блиски кои бараа да бидат услужени ден за ден, кратење од времето за паузи или јадење, доцни снимања на спотови и слично, си го земаат данокот – раскажува тој.

По мозочниот удар бројни пријатели му го завртеле грбот

Доживеал мозочен удар, кој како последица му ја остави парализирана целата лева страна од телото. И ова за него не претставувало најголемиот проблем, туку тоа како да им соопшти на закажаните клиенти, дека нема да биде во можност да ги опслужи, а во тоа време многу невести имале закажано. Среќа во несреќа е што салонот „Бубе Ин“, не се затвори никогаш. Како што вели самиот:

– До себе секогаш имам обучен тим, имав и тогаш, тим од 30 луѓе кои беа доволно способни и одлично обучени да можат да работат сами, да ги извршуваат работите беспрекорно, исто како и јас самиот да сум присутен. Поголем дел од моменталниот персонал е истиот од периодот кога заздравував.

А како заздравувал? Вели дека терапиите биле премногу скапи, а единствените приходи со кои го покривал лекувањето биле од салонот. Луѓето за кои до тогаш мислел дека се негови пријатели му го завртеле грбот и се однесувале како тој никогаш да не постоел. Единствени вистински пријатели останале неговите вработени и неколкумина другари и другарки од цела „плејада“ која претходно ја имал.

Вештачки имплант во замена за десното рамо

– За да ме спасат, во тоа време докторите користеа кортико терапија од која почнаа да ми се нагризуваат коските и зглобовите, па беше неопходно десното рамо да се замени со вештачки имплант. Околу сите трошоци кои беа потребни за оперативниот зафат благодарен сум на колегите кои во тоа време организираа хуманитарна акција во вид на фризерско шоу „Мајсторите за мајсторот“ и ги собраа потребните средства – продолжува Бубе Ин.
Понатаму, за подобрување на состојбата, тој применува секакви начини на лекување, бањи, физикални терапии и слично, а најважно е дека навистина постои големо подобрување од првичната состојба. Практично не можел да дочека да се врати на работа, бидејќи знаел дека всушност тоа ќе го врати и во живот. А живот за него е неговата работа. Веројатно не е возможно човек да не биде успешен доколку исконски го сака тоа што го прави. Доказ за тоа е и што во време на пандемијата, кога многу бизниси пропаднаа, тој продолжи да работи со полна пареа.

– Мојот салон е можеби единствениот кој години наназад практикува хигиенски протокол, па наместо „да ја чекаме пандемијата“ и пред неа правевме дезинфекција на приборот, просториите, еднаш искористениот пешкир веднаш го ставаме за перење и слично – објаснува Бубе.
Поради сè ова, заедно со професионалноста, талентот и безусловната посветеност, покрај постоечките редовни клиенти кај Бубе почнале да се враќаат и луѓе кои со години не биле кај него во салон. Иако не е во можност физички да присуствува на семинари, Бубе не застанува со едукација и црпење на инспирација. Тоа го прави преку онлајн-едукации, филмови и музички спотови на кои работат големите имиња од фризерскиот свет. Затоа тој става свој уникатен печат и затоа бил и ќе остане еден и единствен – Бубе Ин.

 

Слични објави

(Видео) Публиката ја исвирка Тијана Дапчевиќ: Пејачката го поздрави Ивица Дачиќ и наиде на критики!

Еспресо

Александра Пријовиќ го прекина последниот концерт: Свекрвата Зорица, во солзи, целосно скршена

Еспресо

(Фото) Ништо од венчавката вредна 600 милиони долари! Џеф Безос ја демантираше свадбата во Аспен, сè е лага! 

Еспресо

Хороскоп за 23 декември: Вагите ќе имаат љубовни проблеми, Скорпиите ќе бидат под тежок стрес

Еспресо

Славниот водител сподели тажни вести: „Никогаш нема да те заборавам, многу поминавме заедно“

Еспресо

(Фото) Сув луксуз: Петар Грашо вложил 160.000 евра во станот на планина

Еспресо
Се вчитува....