-1.2 C
Скопје
04:58 - 19 декември, 2024

Здраво и вкусно: За што се добри какаото, циметот и каранфилчето?

Ако сакате вистинско, горчливо чоколадо, значи дека сте љубител на какаото. Тоа е неверојатна билка, вистинска бомба со многу антиоксиданти, кои ги содржи повеќе од црното вино, боровинките, акаи бобинките, шипинките и гоџи бобинките заедно. Секако зборуваме за вистинското какао во прав, а не за засладените индустриски напивки и зрнца на база на какао.

Незаменливото какао

Поради својот состав, какаото ја спречува оксидацијата на клетките и со тоа штити од рак и од други дегенеративни болести. Содржи состојка слична на кофеинот, па многумина веруваат дека тоа е една од причините поради која некои луѓе стануваат зависни од чоколадо. За разлика од кафето, кое често влијае врз покачување на крвниот притисок, какаото го штити срцето и крвните садови и ја намалува опасноста од срцев или мозочен удар, а поволно делува и на концентрацијата, помнењето и ја намалува депресијата. Се советува дневно да земате по една лажица какао во прав.

Она што можеби не го знаете е дека може да се купи и какао-путер, паста или ликвор (личи на густо полустопено чоколадо). Сите производи се добиваат од семките што се наоѓаат во голем плод од чија пулпа во Јужна Америка се прават и сокови. Какао-путерот со вкусот потсетува на чоколадо, но е слаткаст, па најмногу се користи во рецепти за слатки, а може како и какаото да се додаде во млеко, овошје, житарки и во овошни салати. Поборниците за сурова храна сами прават свое чоколадо со мешање (топење на ниска температура) на какао прав, путер и некој засладувач како агаве сируп. Ако приготвувате какао пијалак, не го засладувајте, туку уживајте во чистиот вкус на горчливо чоколадо. Одлична идеја е да додадете и малку цимет, бидејќи има слаткаст вкус и добро е да се внесува по една мала лажичка дневно.

Цимет за слатки и солени јадења

Циметот не е сличен со какаото само по правливиот облик и кафеавата боја, туку и по лековитоста. Во древен Египет се користел во приготвување лекови за разни инфекции и болести дури и при балзамирање, бидејќи ги убива микроорганизмите, па не е чудно кога во зимските денови се додава во варено вино и се користи како лек против грип и настинки.

Поради тоа што вкусот истовремено му е сладок и остар, циметот е зачин за слатки и солени јадења. Кај нас го има во облик на кора и прав, со тоа што кората главно се користи за ароматизирање пијалаци и не е лековита.

Циметот потекнува од Индонезија, Индија и Цејлон. Во светот постојат повеќе од стотина различни видови цимет, а најценет е цејлонскиот. Циметот содржи антиоксиданти, диететски влакна, манган, железо, калциум, бакар, витамини Ц и К, пиридоксин, рибофлавин… што е доволна причина да го воведете во секојдневната исхрана.

Ароматичното каранфилче

Кога ги споменавме зимата и вареното вино, не треба да ги заборавите ниту каранфилчињата, зачин што природно се комбинира со циметот. Тие, всушност, се исушени цветни пупки од тропскиот цвет мирта, а како силен зачин се користат во солени и слатки јадења. Каранфилчињата можат да се купат како плодови или во прав, а во храна може да ги ставате двата облика, по нутритивна вредност слично е на циметот: содржи влакна, фитостероли, калциум, железо, магнезиум, фосфор, бакар, витамини Ц, Е, К и Б6, тиамин, ниацин, фолна киселина…

Ако не сакате да експериментирате со нови рецепти, а слатки не готвите поради диета, сите три производи можете едноставно да ги воведете во исхраната во текот на сите четири годишни времиња така што како зачин ќе ги додадете во она што редовно го јадете: млеко, овошје, житарки, чај, овошни и зеленчукови сокови или смути.

Слични објави

Село Вишни, духовното гнездо на канонизираната светица Спаса Вишенска: Порта низ која минува душата

еспресо

(Фото) Едно поинакво доживување! Не пропуштајте го рафтингот во Анталија, адреналинско искуство за паметење!

Еспресо

Ново издание на туристички водич за Македонија каде раскажувањето е со љубов

еспресо

(Фото) Ви ги претставуваме Herbalife Pецептите: Вкусно патување кон лесна и здрава исхрана со Herbalife

Еспресо

Украси за елка што се јадат: Миризливи ѕвездички (традиционален германски рецепт)

Еспресо

Брз славски колач за Света Петка: Рецепт што ќе го запомните

Еспресо
Се вчитува....