Секој 22 март, православните верници го одбележуваат празникот Младенци, ден посветен на паровите кои се во првата година од брачниот живот. Овој празник, кој ја спојува христијанската традиција со древните обичаи на будењето на пролетта, е препознатлив по „младенчињата“ – посни колачиња што се премачкуваат со мед.
Симболиката на овие медени колачиња е јасна – желбата заедничкиот живот на младенците да биде сладок и долг, исто како и пролетта што штотуку започнала. Деталниот рецепт, кој го пренесуваме од сајтот Coolinarika, следува во продолжение:
Посни младенчиња
Состојки:
1/2 кг меко брашно
1 свеж квасец
1 кафена лажичка шеќер
1 кафена лажичка сол
2 дл топла вода
0,5 дл масло
2 лажици шеќер
кора од портокал – рендана
мед
суво грозје или каранфилче
Подготовка:
Од брашното, водата, квасецот, шеќерот, маслото, кората од портокал и солта замесете мазно тесто.
Оставете го на топло место околу половина час за да го зголеми волуменот, потоа премесете го, развлечете го на дебелина од 0,5 см и направете 40 погачички (вадејќи ги со чаша или соодветна модла).
Многу е важно да има точно четириесет колачиња – ако ви остане тесто, последното може да биде малку поголемо.
Колачињата избодете ги на неколку места со босилек, наредете ги во плех и оставете ги малку да нараснат.
Печете ги околу 20 минути и уште топли премачкајте ги со мед.
За декорација, во средината можете да ставите зрно суво грозје или каранфилче.
