7.8 C
Скопје
16:58 - 18 декември, 2024

Која всушност беше Милка Герасимова? Сработила стотици хитови и фестивали, соработничка на „Бијело дугме“, (тон) мајсторка за ремек дела…

милка

Жена тон-мајстор, доајенка во професијата, низ нејзините раце минале десетици и десетици македонски музичари… Но, која беше, всушност, „легендарната тетка“?

Легендарната тон-мајсторка Милка Герасимова (82) си замина во вечноста. Нема музичар или група што нешто значат во Македонија, а да не снимале со неа во студијата на тогашната продукција на МРТВ. Која всушност беше Милка? На ова прашање ни одговараат четворица наши (познати) сограѓани, кои, во одредени периоди од животот, биле соработници на Милка.

Валентино Скендеровски: „Застани со тоа што го правиш и слушај…слушај внимателно..“

Продуцентот, музичар и инженер на звук Валентино Скендеровски вака се сеќава на неговата колешка, учителка, соработничка:

„Беше доајен во таа професија. Работеше во студиото M3 во МРТВ, во кое се снимаа фестивали и огромни проекти. Беше тон-мајстор за повеќеканално снимање и специјализирана за микс и обликување на македонската народна музика. Има сработено стотици хитови, фестивали на народна и забавна музика, соработуваше со „Бијело дугме“, важеше за еден од најдобрите професионалци во таа сфера. Многу од нас учеа од неа, не само во однос на работата, туку и за
однесувањето и културата. Прекрасна ведра личност, секогаш позитивна и насмеана“, ни рече Скендеровски.

валентино
ФОТО: Приватна архива

Скендеровски се запознал со Герасимова во 1986 година, кога таа работела на микс на некој фестивал, со огромен ентузијазам и посветеност.

„Ми предложи да се заинтересирам за музичката продукција и за тајните на обработката на звукот. Само две години подоцна веќе работев како музички продуцент за млади бендови. Така се родија првите албуми на „Ареа“, „Зијан“, „Меморија“. Студиото М2 во коешто работев јас, беше веднаш до М3, а таа знаеше многу често да влета и да преслуша, да посоветува, набрзина да ме искара и да излезе со смеење! Подоцна ќе влезев јас кај неа да ја замолам да ми помогне со монтирање на лентите. Никогаш не ме одби. Ќе ме повлечеше за уво и ќе кажеше: „Застани со тоа што го правиш и слушај… слушај внимателно, секогаш има време за сѐ“, се сеќава Валентино Скендеровски.

Драган Б. Костиќ: Личности како Милка денес, за жал, како да нема повеќе

драган
ФОТО: Приватна архива

Познатиот музички водител Драган Б.Костиќ со Милка се среќавал во еден период на заедничкиот престој во МРТВ (некаде од почетоците на Драган, 1972 г., до нејзиното пензионирање). Се среќавале безмалку секој ден, на поминување, со поздрав, неколку реченици муабет.

„Почесто се среќавав во „златното време“ на продукцијата на МРТВ (крај на седумдесеттите и осумдесеттите години), кога секојдневно се снимаше, поединци и групи. Иако беше прилично строго ограничено присуството на лица без активно учество во процесот, ја имав таа привилегија често да следам снимања. Не сум доволно стручен за од таа страна да ја оценувам нејзината работа, но слушајќи ги другите поупатени од мене, слушав за неа само пофалби. Но лесно забележлив беше нејзиниот однос кон актерите во процесот. Никогаш со повишен глас, наредбодавно или омаловажувачки кон одредени стадиуми во креирањето.

Во консултации со продуцентот, секогаш беше на најдобар пат да го изнајдат соодветниот начин за поттик на најдоброто од изведувачите. Низ нејзини раце минале десетици и десетици македонски музичари од кои некои подоцна, печејќи го тонско-продуцентскиот занает вградиле многу од нејзиното искуство и совети во своето работно, професионално „си-ви“. Знаеше на кафе во некогашното бифе на МРТВ (кое беше пчеларник на македонските естрадни дејци), од моите сеќавања за неа, да ги слуша трпеливо поплаките, маките, фалбите, да биде дел од нив низ ненаметливи совети.

Прекрасна личност, една од ретките во тоа златно доба на тој простор знаен како Македонска радио телевизија, која ја паметам само по добрина, човечност, професионалност. Такви личности како неа креира времето, просторот и чувството за одговорност, какви што денес, за жал, и да нема повеќе.

Стефче Стојковски: Со насмевка правеше музички ремек-дела

Стефче
ФОТО: Приватна архива

Првото искуство на Стефче Стојковски, инструменталист на народни инструменти, со Милка, било со неговото влегување во ОНИ на МРТВ, МР, од 1990 година.
„Снимив многу песни и ора за Музичката продукција, но се сеќавам на едно мое авторско, солистичко оро со гајда, дојде во студиото, ги намести микрофоните, го пробавме еднаш, двапати орото, и кога рековме, „е сега да го снимиме“, таа веќе го снимила и го извади најубавиот звук на орото. Максимално вложена во сè што ќе сработи, трпелива, секогаш со добрина, красноречивост и насмевка ќе направеше музичко ремек-дело“.

Џина Папас Џокси: „Ми рече: Една фотка со мене, за кога ќе ме нема да објавиш“

милка 1
ФОТО: Приватна архива

Музичарот Џокси вели дека точно не знае на колку проекти заедно работеле со Милка, но секогаш била подготвена професионално да ја одработи песната.
„Сме враќале делови и по стопати додека не прозвучи како што треба. Пред секое снимање ми се јавуваше да не заборавам на терминот. На паузите, секогаш подготвена за муабет на која било тема. Лани се сретнавме пред зграда, и ѝ велам: „Сакам едно селфи со тебе!“. А таа на шега: „За кога ќе ме нема да објавиш.“.

Ј. К.Д

Слични објави

(Видео) Светлечки ирваси и „ледена“ завеса: Домот на Карлеуша секогаш е еден од најубаво украсените

Еспресо

„Таа сега е со штрафови во нозете“: Жељко Јоксимовиќ откри детали за состојбата на Лепа Брена по несреќата на концертот

Еспресо

(Фото) Анастасија Ражнатовиќ и Немања Гудељ во шок! До телефонот ставиja детектор за зрачење и предупредија на голема опасност

Еспресо

(Фото+видео) Луксуз на дело: Цеца Ражнатовиќ дојде со торба од 30.000 евра на прославата на Жељко Јоксимовиќ

Еспресо

Том Круз ја доби највисоката награда на американската морнарица за улогите во воени филмови

Еспресо

Скандал во шоуто на Амиџиќ: Дарко Лазиќ почна да ја фали бившата, Катарина побледе од срам!

Еспресо
Се вчитува....