1.8 C
Скопје
09:36 - 22 декември, 2024

Во еден здив… со Михаил Парушев

Концертна промоција на албумот „Агол“ на „Парусион груп“ се одржа на 13 јуни во малата сала на Филхармонија, а на концертот беа изведени авторски композиции на Михаил Парушев.

Михаил Парушев е композитор и свири на ударни инструменти. Роден е во Скопје, 1976 година, во семејство на музичари. Веќе на четиригодишна возраст покажал интерес за ударни инструменти. Почнал да свири на тапани на шестгодишна возраст. Дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Член е на музички бенд „Леб и сол“, а со неколку блиски музички пријатели веќе 18 години соработува во бендот „Парусион груп“, кој со текот на времето прераснува во „Парусион ансамбл“. Деновиве беа актуелни со концертната промоција на новиот албум „Агол“.

 

Колку време се подготвуваше албумот „Агол“ и што содржи?

 

– Пандемично се затворивме дома до полудување. Смирување со медикаменти не ми успеа, па морав да го вклучам стариот компјутер. Подготовки за композициите од 2017 година, па ги имав оставено за некое подобро време. Време што мене многу ми требаше, зашто бев цело време во авион и во автомобил, возејќи се од Порторож до Косовска Митровица преку Скопје за да ги стигнам настапите со другарите од Македонија до Словенија. Настапував насекаде, а најмногу низ просторите на поранешна Југославија.

На 9 март 2020 бевме принудени да ја прекинеме турнејата со Игор Безгет (Словенија), Џое Пандур (Хрватска) и Тихомир Поп Асановиќ. Слетав во Скопје и решив да си седам дома. По некое време добив инспирација да си ги потсредам композициите за поголем состав, како ансамбл. Успеав да направам пет дела и додадов две стари, што ни се хитови во бендот од претходните настапи.

На албумот „Агол“ има седум авторски композиции со модерен етнофјужн балкански џез, што јас порано го викав – „no jazz music“. „Про рок оро“ е првата композиција, што е фина тема и ритам што наликува на македонското „Елено моме“ со додатни експериментални хармонии.

Втората е „Бразилијан ан“, едно мало интермецо што мене и другите членови на ансамблот ги повлече кон бразилските хармонии и слободата во импровизациите.

„Сатурус“ е композиција што содржи лет кон Сатурн, па звучи како да си слетал на некој балкански аеродром, каде што се слушаат и народните кларинети и трубите на инспиративниот Ферус Кинг (Мустафов), кој ми е огромна инспирација. Афро-ритмите и импровизациите на инструментите се посветени на трубата на Алек Гроби, кој физички нѐ напушти.

„Етнос“ е посветена на македонскиот народ и на сите тажни и сиромашни народи кои се веселат на тажни мелодии и бавни ритми. Тешко интро до современа точна ритмика во секциите од стринговите до брас секциите. „Петкана на оро“ или „Петкана денсинг“ беше мојата слепа прабаба, која сакаше да игра Пајдушка, која е во 5/8.

Шестата композиција е трагање по среќата, која јас долго ја барав, а ја најдов во Македонија. „Searching“ (Трагање) ја посветувам на мојата љубов Елена, што ми ја роди ќерката Ирис, цвет најубав на светот. Седмата, „Елтера“ е моја стара композиција што има веќе 10 верзии и конечно се сними во студио.

Темата на мојата музика е слободата на хармонијата, а природата, небото и земјата се вистинската инспирација.

Што како тематски мотив те инспирираше да ги создадеш композициите за албумот?

– Темата на мојата музика е слободата на хармонијата и никогаш не сум мислел како ќе ја изведеме, затоа што има многу простор за изразување. Природата, небото и земјата се вистинската инспирација.

Каде е снимен албумот?

– Албумот „Агол“ е снимен за многу кратко време во студиото „Тра-ла-ла“ на Мите Димовски. Ние деветтемина успеавме да се подготвиме за кратко време. Станува збор за врвни и искусни музичари, кои во групата се веќе 18 години.

Како протече концертната промоција?

– Концертната промоција се случи на 13 јуни во малата сала на Македонската филхармонија. Како и на секоја промоција, датумот беше сменет, така што цедето стигна 24 часа по концертот. Првиот датум за промоцијата беше закажан за 15 јуни, но ние моравме да се приспособиме поради некои побитни настани. Ама добро, со нас понеделнички тргна неделата.

На албумот и на концертот учествуваат многу гости. Како се оствари соработката со нив?

– Не се работи за гости. Тоа е мојата музичка фамилија од Зоран Костадиновски, Дамир Имери, Дарко Мучев, Петар Христов, Сенад Усеин, Михајло Михајловски, Сања Смилеска и Фјола Исмаили. Со нив соработувам веќе подолго време и тие се моја голема инспирација и ме мотивираат да не се откажувам од моето авторство.

Музичарите со кои настапува Михаил Парушев се негова музичка фамилија.

Потекнуваш од познато музичко семејство. Во кој правец планираш да ја продолжиш семејната традиција?

– Јас сум горд на мојата фамилија Парушеви и сум благодарен за талентот што сум го наследил од нив, но јас музички се развивав во сосема друг правец. Еден период експериментирав со македонската изворна песна, која се негувала во мојот дом. И на албумот „Агол“ има етноелементи, но тоа не е етномузика, тоа сум јас и генетскиот материјал од кој сум направен. Во иднина, можеби, пак ќе се занимавам со тефтерот на Кирил Манчевски, но може да правам нешто ново и неочекувано од мене.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 133, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19 јуни 2022). 

Фотографиии – Ангел Ситновски

Извор – слободен печат

 

 

Слични објави

Хороскоп за 22 декември: Бикот да го направи првиот потег, Скорпијата ја чека изненадување, а вие?

Еспресо

Луна и Марко открија колку заработуваат од Јутјуб: „Доволно за еден луксузен стан во Белград!“

Еспресо

(Фото) Јована Јеремиќ му се обрати на својот татко со низа трогателни пораки: „Сите ќе умреме! Ако ме нема утре, напишав историја“

Еспресо

(Фото) Цеца Ражнатовиќ без грам шминка: Вељко објави приватна фотографија од семејната вила

Еспресо

(Видео) Црногорската инфлуенсерка ја шокираше јавноста со својата изјава: Деца, ако учите, ќе можете да ми го миете автомобилот

Еспресо

(Фото) Ќерката на Цеца скршена по страшниот напад во Загреб: Анастасија се огласи со срцепарателна порака

Еспресо
Се вчитува....