Ако го следите светот на филмот, тогаш знаете дека овие денови „главна тема“ на разговор ширум светот е филмот „Грешници“, остварување кое освои дури 16 номинации за Оскар и со тоа ги сруши сите рекорди.
Филмот, кој го напиша и режираше Рајан Куглер, е специфичен по тоа што меша повеќе жанрови – од драма до хорор. Уште на почетокот се повикува на народни легенди и митови од „црна Америка“, а иако, секако, е чиста фикција, инспирацијата за еден од главните ликови е пронајдена во вистинска историска личност.
Мистериозниот крал на „делта блузот“
Каде овој филм се допира со историјата? Во фактот дека ликот на младиот Семи Мур делумно е базиран на вистинскиот блуз музичар Роберт Џонсон – кралот на „делта блузот“ и можеби првата рок ѕвезда во историјата.
Роберт живеел во триесеттите години од минатиот век на далечниот југ. Имал десет браќа и сестри. Во младоста бил фасциниран од музиката, во која гледал утеха и можен излез од тешкиот живот на сиромашен млад Афроамериканец во Америка погодена од Големата депресија.
Почнал да свири, да пее и да пишува песни, а неговиот успех бил вртоглав. Роберт Џонсон многу брзо станал славен и наскоро започнал турнеи. Се зборувало дека во секој град каде што настапувал ги полнел баровите, заработувал многу пари и имал барем по една љубовница. Многу патувал, а луѓето едноставно не можеле да се заситат од неговата музика.
Наскоро бил повикан од студиото ARC Records, каде што снимил 29 песни, меѓу кои „Cross Road Blues“, „Last Fair Deal Gone Down“, „Me and the Devil Blues“, „Hellhound on My Trail“ и, секако, „Sweet Home Chicago“.
Иако комбинирал стилови – од брз џез до бавен блуз – неговата гитара секогаш „плачела“ нежно. Песните што ги снимил за само седум месеци, меѓу 1936 и 1937 година, му донеле огромна слава, создавајќи од него музичар чија популарност трае и денес.
Талентот на Џонсон бил навистина неверојатен, ако се земе предвид дека неговото целокупно дело од 29 песни е создадено за едвај една година. Во прилог на тоа говорат и пофалбите што подоцна ги добил од уметници како Ерик Клептон и Боб Дилан.
– Сакате да знаете колку добар може да биде блузот? Еве, ова е тоа! – рекол еднаш Кит Ричардс мислејќи на Џонсон.
А потоа, нагло како што и започнала, приказната на овој човек била прекината. Џонсон починал следната година во Гринвуд. Од што – не е сосема јасно. Имал само 27 години.
Многу години подоцна, кога пораснал интересот за неговиот живот, истражувачите што се обидувале да состават биографија пронашле негова посмртница, но на неа биле наведени само датумот и местото на смртта, без официјална причина. Не била извршена обдукција, а медицинските експерти денес најчесто се сомневаат на сифилис.
Денес не се знае каде е погребан Роберт Џонсон. Поради посмртната слава, дури три градови на југот на Америка имаат уредени гробови со неговото име. Освен што го сметаат за „татко“ или барем „дедо“ на рокенролот, многумина го наведуваат и како еден од зачетниците на таканаречениот „Клуб 27“ – трагична група уметници кои доживеале огромен успех и починале пред да наполнат 28 години.
Музичарот кој склучил „пакт со ѓаволот“
Сите овие податоци се прилично оскудни и собрани години по смртта на Џонсон. Неговиот живот, пак, до денес останал обвиен со мистерија. А таму каде што нема факти, се појавуваат приказни кои на некој начин од него создадоа легенда.
Најпознатата од нив зборува за „пактот со ѓаволот“ што наводно го склучил Роберт Џонсон…
Како млад човек од Мисисипи, сакал да стане најдобриот гитарист на светот. Очаен што не се приближува до таа цел, еден ден на раскрсница наишол на ѓаволот. Тој му понудил извонреден талент во замена за неговата душа. Ја зел гитарата, ја наштимал и засвирел. Роберт прифатил – и така станал најдобриот блуз пејач што некогаш живеел.
Односно, така вели легендата што и денес со задоволство ќе ви ја раскажат луѓето од американскиот југ…
Со својот мистериозен живот, раната смрт и стиховите што самиот ги напишал, митот за неговиот наводен „пакт“ само растел.
Дури и неговата ненадејна смрт „совршено се вклопила“ во приказната. Триесет години локалната усна традиција создала многу поживописна легенда од приказната за сифилис. Според неа, Роберт бил отруен од љубоморен сопруг на една од неговите бројни љубовници.
А всушност – „ѓаволот дошол по своето“…
