3.8 C
Скопје
22:12 - 20 декември, 2024

Средба со Златко Ориѓански: „Тука сум со љубов кон земјата и луѓето, па затоа оди работата“

Не само Македонците, и Албанците го доживуваат Центарот во Тирана како свој простор, доаѓаат да испијат кафе, да дадат идеја. Тој е отворен простор во кој со Албанците се запознаваме од разни страни, а имаме што да си дадеме и што да си „купиме“ еден од друг, и во уметноста и во културата, и пошироко – во начинот на живеење.

Се сретнавме и разговаравме во Тирана со  Златко Ориѓански, композитор, директорот на Македонскиот културен центар во Тирана.

Фото – приватна архива

На 5 јануари 2021 година, Златко Ориѓански дошол во Тирана. Помни дека врнело дожд, никого не познавал, не постоел просторот каде што е денес Македонскиот културен центар, а немал ни стан, живеел во хотел. За среќа, си брзо се средило. После една година и три месеци живот во албанската престолнина, тој е веќе вљубен во градот. А Центарот, сместен во самиот центар на Тирана, зрачи со своја енергија. Спроти Центарот има езеро и прекрасен парк. Вели дека тука е дојден со многу љубов кон земјата и кон луѓето, па затоа оди работата. Многубројни се луѓето кои го посетиле, но карактеристично е што меѓу нив има барем 7-8 министри од Македонија, што е малку нетипично, а го посетил и премиерот, и барем 5-6 албански министри, директорот на Управата за јавни приходи во Тирана, претставници на повеќе амбасади, бројни уметници, но и луѓе од различни професии. А секој штом еднаш стапнал тука, посакал пак да се врати. Накусо, како директор на Македонскиот културен центар во Тирана, Ориѓански е вистинскиот човек на вистинско место.

Што најмногу ти се допаѓа во Тирана?

– Си, ова е медитерански град, тука поинаку се мери времето, луѓето поинаку комуницираат, нема депресија. Од наутро ќе се дотераат и сите се излезени на кафе околу девет часот, тоа е нешто како ритуал, незамисливо е да седиш затворен дома. Дури и кога врне сите се надвор. Ми се допаѓа нивната добрина и позитивниот поглед на живот. Многу се отворени, европски расположени, не се занимаваат со национална и етничка припадност. Младите уживаат во обични работи. Не се оптоварени со нивниот влез во ЕУ, со пандемијата. Ја немаше хистеријата со коронавирусот. Запознав од директори на џез фестивали до бизнисмени кои се расположени да помогнат. Разликата во менталитетот се состои и во тоа што кога тие нешто ќе замислат да направат, не пишуваат дузина писма, туку тоа го прават. На пример, дојде еден албански сликар и ми рече „просторот е убав, но не ми се допаѓа светлото“. Му одговорив дека немам во моментот пари да поставам ново светло, но веќе следниот ден дојдоа мајстори и светлото го направија. И ми го оставија на користење на Центарот. Меѓу сите контакти, се запознав со еден сликар кој пак ме запозна со човек кој има приватна винарија и со кого станавме големи пријатели. Виното – прекрасно, но му сугерирав дека може да се направи поубава етикета, па така ги поврзав со нашиот графички уметник Кардула, да направи етикета за албанското вино.

Фото – приватна архива

Како ти изгледа денот?

– Центарот го отворам околу 10 часот наутро, не се држам строго дека треба да сум тука до 18 часот, туку останува отворен до 21 часот, некогаш и подоцна. Ми значи што самото место стана како свето место. Сите што доаѓаат од Македонија сакаат да видат и да се уверат дека ова постои. И Албанците го доживуваат како свој простор, доаѓаат да испијат кафе, да дадат идеја… Безброј луѓе од Тирана тука запознав, зашто Центарот би немал смисла да постои без нив. Јас го разбирам како отворен простор во кои со Албанците ќе се запознаваме од разни страни, а имаме што да си дадеме и што да си „купиме“ еден од друг.

Се отворија ли врати за соработка меѓу македонски и албански уметници или само македонските уметници прават свои промоции тука?

– Сакам да биде во првава насока. Имав средби со министерката за култура на Р. Албанија, Елва Маргарити, а добар пријател ми стана градоначалникот Ерион Велиај, таму ми се секогаш вратите отворени што било да побарам, расположени се да ми помогнат. Покрај тоа што носам наша уметност, од Македонија тука, независно од етничката припадност, отворам простор за албанските уметници што сакаат да изложат во Центарот. И веќе се случија изложби. Подвиг е што го отворивме Центарот зашто 30 години се обидувале да го отворат, но безуспешно. И мислам дека само со голема упорност на двајцата премиери, Заев и Рама, и на моја акција, успеавме во замислата.

Во друштво на министерката за култура на Р.Албанија, фото – приватна архива
Ерион Велиај, градоначалник на Тирана. Фото – приватна архива

Паралелно се обидувам на секој настан да промовирам и некој македонски производ. Пред Нова година имаше изложба на албански сликар на која се промовираше и ајварот како производ, зашто тука нема ајвар. Секој посетител доби пакетче со ајвар. Инаку, меѓу првите луѓе кому му подарив ајвар беше албанскиот министер за внатрешни работи кој ми дојде на посета, и на еден јапонски дипломат кој се воодушеви од подарокот. За изложбата на Зоран Кардула пак, (која се случи неодамна, н.з) донесов кутии крушевски локум. Некои од македонските фирми се расположени да донираат, некои не се. Просторот е отворен за сите, за промоција на секој македонски производ. Обично на такви промоции поканувам музичари од Македонија за да биде настанот поавтентичен.

Кои следни настани се во план?

– На 11 мај е промоцијата на книгата „Осмото светско чудо“ на Плевнеш, која се објави на албански јазик. На 18 јуни ќе има концерт на Влатко Стефановски кој никогаш не свирел во Албанија, никогаш не ја посетил Тирана. Пред тоа ќе донесам 20 монаси од Бигорски манастир кои ќе настапат со едночасновно византиско пеење.

На 18 јуни ќе има концерт на Влатко Стефановски, кој никогаш не свирел во Албанија, никогаш не ја посетил Тирана. Пред тоа, 20 монаси од Бигорски манастир ќе настапат со едночасновно византиско пеење. Фото – приватна архива

Мислиш ли да направиш свој концерт со оглед на тоа што имаш што да понудиш како музичар и композитор?  

– Запознав неколку албански композитори, едни од времето на комунизмот, други – од друга генерација, и неколку од нив што ми пуштија музика, се воодушевив. Еден од композиторите што го запознав се вика Фатос Киримаи, неговата музика е блиска до онаа на Ханс Цимер, од тој тип на филмска музика. Ме повика кај него дома, на вечера, и ми претстави што работи. Прекрасна музика. Ми рече „сакам да направиме заеднички концерт, половина час твоја музика, половина час моја, што ќе ја отсвири Албанската филхармонија“. И во моментов Фатос работи на тоа, до 12 јуни ќе биде готов. Тоа е една случка интересна за двете земји. Јас ќе се обидам, ако има, се разбира, разбирање и желба, да го донесам концертот во Скопје, што би можел да го отсвири Македонската филхармонија.

Слични објави

„Јас не можам да пеам!“: Јелена Розга ги одложи концертите во Белград поради трагедијата во Загреб

Еспресо

(Фото) Деколтето во преден план: Данијела Димитровска „пука“ од сексапил во целосно бела комбинација

Еспресо

(Фото) Чантата на Јелена Томашевиќ вреди колку зимување на Копаоник: Сите зборуваат за ова модно парче

Еспресо

(Фото) Поранешниот сопруг на Драгана Мирковиќ ужива за сите пари: Чаша бело вино и нереална глетка на убава дестинација

Еспресо

По раскинувањето со Зоран Марјановиќ, Инди откри валкани детали за поранешниот: „Манипулатор кој ми го испра мозокот“

Еспресо

Оваа земја ќе биде засекогаш исфрлена од Евровизија? Има една причина

Еспресо
Се вчитува....