Туморите на кожата се најчести тумори кај човекот, 40 – 50 % луѓето до својата 65 година развиваат барем еден тумор на кожата. Туморите на кожата се делат во две големи групи: бенигни и малигни тумори на кожата. Оваа поделба се заснова на тоа дали туморот може да го загрози животот на пациентот или не.
Бенигните тумори се доброчудни тумори, се карактеризираат со јасно ограничен раст, имаат капсула, подвижни се, не се агресивни, не инфилтрираат и не метастазирааат, спорорастечки се и клетките се хомологни на нормалните клетки на ткивото.
Бенигните тумори се многу чести и може да се развијат од сите слоеви или градбени елементи на кожата, сврзното ткиво, масното ткиво, мускулното ткиво, жлездите на кожата (потните и лојните жлезди), нервните влакна и од крвните садови на кожата.
Дали е потребен хируршки третман?
Атероми се бенигни тумори што настануваат од лојните жлезди. Станува збор за запушување, опструкција на одводниот канал на лојната жлезда и акумулација на лојниот продукт при што се создава цистична формација. Многу често на површината на кожата над таа цистична формација може да се забележи еден мал отвор за кој пациентите знаат да дадат податок дека низ него знае да се издренира густа бела содржина со специфичен мирис односно лој. Најчесто се јавуваат локализирани на поглавината, лицето, ушните школки, вратот и грбот. Многу често се случува да атеромите секундарно се инфламираат односно да настане воспаление и гноен процес што клинички се манифестира со сите знаци на едно воспаление (болка, црвенило, оток, топлина, флуктација).
Доколку настане воспаление и се формира гнојна колекција, тогаш третманот првично се состои од решавање на инфекцијата. Затоа прво локално се прави инцизија и дренажа на гнојната содржина и потоа пациентот е на антибиотска терапија. Откако ќе се смири воспалителниот процес може да се планира хируршко отстранување на атеромот со цел да нема понатамошни повторувачки воспалувања, кои знаат да бидат проблем за пациентот бидејќи го нарушуваат квалитетот на животот, а воедно се и естетски проблем.
Отстранувањето на овие бенигни промени најчесто се врши во локална анестезија, се работи за краткотрајна хируршка интервенција при која се врши целосно отстранување на цистичната промена, а во случај кога промената била поголема и има видлив отвор на кожата, се врши и отстранување и на дел од кожата. Заздравувањето е краткотрајно и пациентот нема поголеми ограничувања.
Липоми се бенигни тумори што настануваат од масното ткиво, тие најчесто се јавуваат во поткожното масно ткиво на вратот, грбот односно трупот и горните екстремитети. Се работи за една туморска маса која е најчесто јасно ограничена на палпација е мека и подвижна во однос на подлогата, таа бавно расте и е безболна. Липомите бидејќи бавно но сепак растат стануваат естетски проблем, а доколку пораснат поголеми во текот на неколку години, можат да вршат и притисок врз околните структури и да бидат причина за една нелагодност кај пациентите. Липомите се отстрануваат исто како и атеромите во локална анестезија со краткотрајна хируршка интервенција при која се врши целосно отстранување на липомот.
Невуси – Бемките се пигментни бенигни тумори што настануваат од меланоцитите (пигментни клетки). Невусите се најчесто стекнати тумори, а поретко можат да бидат вродени. Вродените бемки се јавуваат пред раѓањето, а растат со детето. Можат да бидат многу големи и да покриваат цели делови на телото. Стекнатите обични бемки не се склони да се трансформираат во малигни тумори. Најчесто се во ниво на кожата, а можат да бидат и лесно издигнати. Бемките се еднакво пигментирани со остри, јасни рабови спрема околната кожа. Некои не ги сметаат за вистински тумори, бидејќи секој човек има повеќе бемки по кожата на телото. Бемките не бараат хируршки третман освен ако се локализирани на делови од телото каде што хронично односно континуирано се подложни на механичка дразба, иритација што може да биде причина тие понатаму да се менуваат, или се отстрануваат од естетски причини.
Сепак треба да нагласиме дека треба редовно да се контролираат кај дерматолог со дермоскопски преглед. Според макроскопските и микроскопските карактеристики, постојат повеќе типови бемки што се предмет на изучување на дерматологијата. Доколку се работи за атипичен односно диспластичен невус кој е стекнат и обично има неправилна форма и посебни микроскопски морфолошки карактеристики, се поставува индикација за негово хируршко отстранување Диспластичниот невус може малигно да се трансформира.

Д-р Илина Гаџевска Томулевска
Супсп. по пластична и реконструктивна хирургија
Комерцијален текст.
