Димитар Тануровски е студент во четврта година на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Оваа година тој ја доби наградата за ,, Волонтер на годината ” за 2021. Заедно со него, ова награда ја добија уште 11 волонтери од целата земја, како најистакнати во волонтирањето.
– Целата таа ситуација беше малку смешна. Не ми се веруваше зашто не мислев дека толку сум волонтирал оваа година. Веста ја примив неколку дена пред да ми ја доделат наградата, но сосема непланирано. Сакав да отпатувам надвор од Скопје и не ми дозволуваа, ми рекоа не смееш да одиш. Си реков како така не смеам, а немав никаква активност, се си завршив. Мораа да ми кажат, верувајте чувството беше многу убаво – започнува Димитар.
Тој е волонтер и член во Црвениот Крст на Македонија – Општинска организација Центар уште од 2014 година.
– Уште во прва година средно се приклучив на Црвениот крст, брат ми беше член прво, но тогаш не ми беше толку интересно. Во тоа време бев во средно медицинско и повеќето мои другари беа членови на Црвениот крст, па се приклучив и јас – објаснува тој.
Волонтерството е една од најценетите и благородни активности во светот.
– Има една поговорка која вели: Волонтерите волонтираат не дека се безвредни, туку затоа што се бесценети. Да се биде волонтер, според мене, значи да можеме и да сакаме да помогнеме кога и да треба, без разлика на кого, без дискриминација. Едноставно да бидеме секогаш тука за сите околу нас. Да се биде волонтер, потребно е да се има желба и решителност да направиш промена. – вели Димитар.
Неговата функција во Црвениот крст е координатор за надворешна соработка.
– Организацијата на Црвениот крст е одлично поставена. Има стручен тим кој што нас нè подготвува. Било да се работи за подгототвка на презентација, некоја акција, излегување на терен. Тие се тие кои не подготвуваат за терен, како да постапиме, да се однесуваме, да се соочиме со ситуацијата и потребите. Тука се и да не заштитат и да ни обезбедат да се вратиме здрави и живи назад, без оглед дали станува збор за катастрфа како што беа пожарите, поплави или пак пандемијата. – ни објаснува Димитар.
Има огромно волонтерско искуство во Црвениот крст и голем број активности зад себе, особено во делот на здравствено-превентивната дејност, а своите волонтерски часови најмногу ги посветува на обуки и промоција на Првата помош.
– Полето каде што најмногу дејствувам е подготовката и одговор при катастрофи и здравствената превентива. Така се одлучив затоа што студирам општа медицина и најблиску ми е до тоа што во иднина ќе го работам. Се стекнувам со искуства кои не можат да се прочитаат во книга. – вели Димитар.
Тануровски смета дека за време на пандемијата се увидела колкава е потребата од волонтери.
– За време на пандемијата се зголеми бројот на волонтери, не е како порано, едно време владееше стигма за волонтирањето. Но се повеќе и повеќе млади покажуваат интерес да станат волонтери.
Најголемата дилема дали да продолжи со волонтерството имал на почетокот на студиите по медицина, кога се прашувал дали ќе има доволно време да го усогласи учењето со активностите во Црвениот крст. Но искуството како волонтер му помогнало и за време на студиите, особено за клиничките предмети.
– Имав можност да бидам парамедик на јужната граница во бегалскиот камп „Винојуг“ во Гевгелија. Таму можев да учам од доктори од Обединети нации, но и да соработуваме со многу други организации кои им укажуваа нега на бегалците. Ова ми даде многу поинаков поглед за тоа што претставува грижа за пациент, но и пристап кон медицинската наука. – за крај ни раскажува волонтерот на годината.