-4.2 C
Скопје
00:33 - 23 декември, 2024

Разговор со Сандра Кирков, поранешна стјуардеса: За стјуардеса треба подготвеност за работа, а не да си дојден зашто си слушнал дека во Дубаи има убав живот  

Нема ништо поубаво од запознавање нови места, култури и стекнување нови пријателства, вели Сандра во разговорот за еспресо.мк, отворено зборувајќи за нејзиното искуство како стјуардеса во Дубаи. Во разговорот со Сандра Кирков, економистка, блогерка и поранешна стјуардеса, следуваат и совети за девојките кои сонуваат да станат стјуардеси.

фото-приватна архива

Никогаш не ни помислувала дека би можела да работи како стјуардеса. Сè се случило многу спонтано, отишла на интервју во Загреб и откако добила повик дека е примена се преселила во Дубаи. До тогаш работела само за европски авиокомпании и не била свесна што ќе ја очекува. Подоцна сфатила колкава одговорност има кон секој патник.

Какви квалитети треба да поседува една девојка за да биде стјуардеса?

– Најпрво би рекла желба, подготвеност за работа, а не да си дојден бидејќи си слушнал дека во Дубаи има убав живот. Мора да е комуникативна, отворена личност, да сака да работи со луѓе, да е космополитски настроена и да ги почитува туѓите мислења, ставови и религии. Најголем дел од компаниите бараат висина над 165 см, англискиот јазик мора течно да се знае, а секој друг јазик е предност, да има најмалку завршено средно образование и да нема видливи тетоважи на лицето, рацете и нозете. Насмевката е многу важна, бидејќи сите претпоставени тоа го бараат уште од првиот ден, веднаш штом почне обуката напоменуваат дека вие сте лицето на брендот, мора да сте ведри и насмеани без разлика какви проблеми и случки имате на приватен план.

Како изгледаше твоето секојдневие тогаш?

– Секој ден беше различен во зависност кога ми е летот. Се случувало да преспијам пола ден и прво кафе да испијам во 23 часот навечер бидејќи поаѓам на лет во 2 часот наутро. Тие дефинитивно ми беа најтешките летови. Телото не е програмирано да биде будно во тоа време, менуваш ден за ноќ, ти се пореметува сонот во следните 3-4 дена сè додека не го навикнеш телото и умот да можеш секаде и во секое време да заспиеш. Некои луѓе никогаш не успеваат да се навикнат, па сами ја напуштаат работата бидејќи им е многу напорно. Во „нормални“ денови кога имав утрински летови сè си беше нормално. Станувам, се спремам, одам на брифинг пред лет, завршува летот, па имам пола или цел ден за себе, да излезам со другарките, да прошетам, да правам сè како и сите луѓе после работа. Најмногу се радував кога на распоред ќе видев 3-4 слободни денови, тоа значи може да останеш во Дубаи и да одмараш, а можеш и да го користиш попустот за ефтини летови што го имаат сите стјуардеси и да заминеш некаде на 3 дена. Тоа е убавиот дел од тој живот, имаш многу ефтини или некогаш бесплатни билети за сите дестинации.

фото-приватна архива

Момент од тој период на кој ќе се сеќаваш секогаш?

– Дефинитивно на возбудата која ја имав при одење во секој нов континент, град, држава. Бескрајно сум благодарна што имав шанса да ги посетам сите континенти и голем број од местата што отсекогаш сум сакала да ги видам. За мене нема ништо поубаво од запознавање на нови места, култури и стекнување нови пријателства.

Како да се надмине стравот од летање?

– Не постои таен рецепт за да се надмине стравот, сме имале и патници кои и после 100 лета сè уште се плашат од летање, но во главата си зацртуваат дека само така можат да стигнат, на пример, до Австралија, и ментално се припремаат пред секој лет. Тоа вклучува медитација, избирање седиште понапред во авион зашто помалку се чувствуваат турбуленции отколку на последните редови, избирање седиште во средина за да не се гледа ништо од прозорот. Препорака за сите е да избегнуваат алкохол пред и за време на летот. Една чаша алкохол во авион на таа висина е исто како три чаши на земја, па подобро почекајте да слетате. Се препорачува и наместо кафе да пиете чај или  пак, одберете безкофеинско кафе за да не ви предизвикува стрес. Секогаш е паметно веднаш штом влезете во авионот на стјуардесите да им кажете дека се плашите од летање, на тој начин тие ќе бидат свесни дека ви треба повеќе внимание, а добро е и да си муабетите со нив за време на летот за побрзо да ви помине времето. Најубаво би било доколку можете да заспиете, а за оние кои сакаат да се будни, разговор со патникот до вас или со екипажот секогаш е добра опција, ќе слушнете нешто ново и интересно и на тој начин помалку ќе си ги оптеретувате мислите.

Да избираш повторно, дали би го избрала истиот пат?

– Апсолутно. Не жалам за ниеден момент, да се вратам пак на 22 години повторно би отишла на интервју и повторно би почнала од нула. Тоа се моменти и искуство што ништо друго не може да ми ги замени.

фото-приватна архива

Што те врати во Македонија?

– Отидов со замисла да останам година-две, па да продолжам да работам во струката. Но некако испадна да останам 7 години. Во еден момент реков доста е, дека мора да пресечам зашто подоцна би ми било многу тешко да се прилагодам на друг живот. Си реков ќе си дадам отказ пред да наполнам 30 години и така заврши летачката кариера. И тогаш, а и сè уште сметам дека таа работа е наменета за 20-на годишни, кога имаш повеќе енергија, полесно се прилагодуваш на нови околини и временски зони, имаш повеќе трпение зашто не е лесно секој ден да се соочуваш со повеќе од 500 патници, секој со свои желби и барања, а вие сте принудени да ги најдете сите решенија во една метална туба од 70 метра. За сè во животот треба да си имаме поставено граници, и сега после две ипол години сè уште мислам дека ја донесов правилната одлука.

Како изгледа твоето секојдневие сега?

– Ми требаа околу пет-шест месеци откако се вратив да се навикнам да легнувам пред полноќ и да станувам околу 8 часот, но сега веќе одлично функционирам. Деновите ми се испланирани однапред, имам време и за работа и за пријатели и секако за себе, не трчам сè да направам во два дена како што правев порано бидејќи слободното време ми беше ограничено.

Што те прави среќна?

– Среќата на најблиските и работите што мене ми причинуваат лично задоволство. Гестови што ги правиме за другите или тие ги прават за нас, а не можат да се објаснат со зборови, планови кои што се реализирани, добро здравје. Секако патувањата секогаш ме правеле и ќе ме прават среќна. Едвај чекам да отидам на некое ново место, а со оглед на околностите може и на место каде што сум била, но кое има посебно значење за мене. Среќна сум што сум здрава и жива и уживам во животот чекајќи нови искуства и промени.

фото-приватна архива

Ти недостига ли летањето?

– Ми недостигаат дестинациите. Можеби понекогаш размислувам дали сега би се вратила во авион, но на крај одговорот е не. Сè си има свое време и свои предности.

фото-приватна архива

Каков совет би им дала на девојките што сонуваат да станат стјуардеси?

– Слободно да си ја пробаат среќата и да ги бркаат соништата! Никогаш не знаете каде ќе ве однесе животот или авионот (се смее,н.з). Мене ме врати дома, но знам многу што животот ги однел на различни краеви по светот. Доколку навистина имате желба да ја работите оваа работа истражете што сè ќе се бара од вас. Психички спремете се дека можеби токму вие ќе ја имате една од најубавите работи на светот, ќе научите и ќе добиете толку многу од богатствата во светот. Најубавите години може да ги поминете низ најубавите градови на светот, покрај најубавите мориња и океани. А доколку имате било какви прашања за тоа како оди процесот за пријавување, за интервјуто за работа, животот во авион и слично, слободно пишете ми порака на мојот инстаграм профил sandra_kirkov.

Слични објави

Славниот водител сподели тажни вести: „Никогаш нема да те заборавам, многу поминавме заедно“

Еспресо

(Фото) Сув луксуз: Петар Грашо вложил 160.000 евра во станот на планина

Еспресо

(Фото) Анастасија Ражнатовиќ без трошка шминка и во лежерно издание! По славата на мајка си веднаш се врати во Севиља

Еспресо

(Фото) Потресна објава на Милиќ Вукашиновиќ: По ампутацијата на ногата, умирам од болки, дома е хорор

Еспресо

(Фото) Тежок луксуз, облечена во десетици илјади евра: Џина Џиновиќ во Монте Карло рамо до рамо со најбогатите

Еспресо

Хороскоп за 22 декември: Бикот да го направи првиот потег, Скорпијата ја чека изненадување, а вие?

Еспресо
Се вчитува....