10.8 C
Скопје
22:32 - 19 април, 2024

РАЗГОВОР СО ЕЛЕНА АТАНАСОСКА, дизајнерка на накит, шминкерка, декоратерка: Купувајќи парче накит, купувате парче душа

Елена Атанасоска е дизајнерка на накит, шминкерка и декоратерка со иста страст посветена на своите три љубови.

Но, има ли сепак нешто што најмногу ѝ лежи, нешто што и дава најголема слобода за креативно изразување?

Доколку е некој талентиран но не вложува во себе, едноставно талентот станува бескорисен. Фото – приватна архива

Кога за прв пат во себе ја препозна љубовта кон уметноста?

– Можеби ќе звучи клише, но љубовта кон уметноста особено кон визуелната уметност тлее во мене од мали нозе. Ми се чини дека од кога паметам за себе сум фасцинирана од се она што денес го нарекуваме естетика и создавав уметност уште како дете. Иако да бидам искрена ни ден денес не се перципирам себе си како артист. Уште како дете уживав додека цртам, кројам алишта од хартија или материјал, бев дел од ликовните секции во моето основно и средно училиште, како и чест посетител на ликовните изложби во градот.

Чувството за естетика, талентот или вложениот труд. Што е пресудно за успех?

– Не знам дали успехот се должи баш на чувството за естетика, или на тоа да чувствуваш силна страст, и сила што те влече кон тоа да твориш и креираш. Нормално сметам дека секој визуелист поседува „естетска логика“ (во смисла на чувство за баланс, форма, боја, движење и слично). Тоа е како еден вид дар, но трудот, интензивната работа и вежбањето се фактори кои мора да го поддржат талентот. Доколку е некој талентиран но не вложува во себе, едноставно талентот станува бескорисен. Нормално, битна е и амбицијата, соништата и желбата да се постигне нешто повеќе.

Што е она што те инспирира при создавањето на парче накит?

– Понекогаш тоа се трендовите, понекогаш трендовите од минатото (vintage cameo стил на накит), историјата, палетата на бои, светските дизајнери, а некогаш едноставно сопствената имагинација.

Каков накит најчесто правиш и какви материјали користиш?

– Во поглед на накитот кој го правам, претежно тоа е ‘statement’ масивен накит, многу често колоритен, bold и уникатен, иако минимализмот е попопуларен од било кога. Знам некогаш да се изненадам себе си со изработка на некое „минимал“ парче, но сепак максимализмот за мене е погламурозен и попредизвикувачки. Во поглед на материјалите кои ги користам не се ограничувам на одреден материјал или техника, туку зависно од поребите на моделот користам метал, филц, кожа, стакло и слично.

Каква би била девојката која со радост би го носела твојот накит?

– Девојка која со радост го носи мојот накит е секоја девојка која ми ја подарува довербата да искреирам парче за прилика која за неа е посебна, или девојка која ќе се препознае себе си во некое од моите готови парчиња. Пред се тоа се, како што јас ги нарекувам „сентименталистки“ кои знаат дека со купувањето на тоа парче накит, купуваат душа, време, енергија и безвременско парче кое трае.

Најголемата награда за мене покрај убаво е и среќно лице. Фото – приватна архива

Шминкањето бара многу прецизност и трпение. Дали ти е полесно кога клиентот знае што сака или кога остава се на тебе?

– Точно дека шминката бара многу прецизност и трпение, но пред се одлични вербални комуникациски и слушачки способности. Многу битна во оваа професија е консултацијата со клиентот и креирање на изглед кој клиентот си го замислил, но се разбира и сугестија од наша страна во поглед на тоа дали посакуваниот изглед соодветствува на нивниот облик на лице, боја на коса пригода, тренд и слично. Најголемата награда за мене покрај убаво е и среќно лице.

Искуството со декорирање излози.

– Тоа е пред се едно ново искуство за мене и нов начин на задоволување на моите естетски апетити, нов предизвик на креирање на моменти примамливи за окото, комбинирање на начин што ќе го охрабри купувачот да го купи баш во таа комбинација, како што ќе го види на излогот или внатре во самата продавница. Мора да нагласам дека мерчендајзингот не е само естетика, туку и збир на правила кои мора да се почитуваат, особено доколку станува збор за некој светски познат бренд, каде што точно се знае што и како се изложува.

Дизајнерка на накит, шминкерка, декоратерка, каде си најмногу ти?

– Тешко ми е да одлучам во која професија сум најмногу јас. Секоја ми е драга на свој начин. Во секоја се вложувам креативно и интелектуално, но мислам дека најмногу од се ми лежи дизајнот на накит и аксесоари како поле во кое имам најголема слобода за креативно изразување.

Каде се гледаш себеси за пет години?

– Веројатно во некое свое ‘cozy’ катче кое ќе ги спои сите мои вештини, страста кон модата, дизајнот, фотографирањето и декорирањето.

Фото – приватна архива

Слични објави

(Фото) Ќерката на Том Круз наполни 18 години: Од него ни трага ни глас, дури ни на роденденот на Сури

еспресо

„Ги преминува границите“: Марија Шерифовиќ проговори за грижата на својот син, а поради него имала расправија со мајка си

Еспресо

Ограбена Сандра Африка! Пејачката доживеала хорор на бензинска пумпа во Словенија

Еспресо

(Фото) Прослава во домот на Неда Украден: Пејачката сподели убава вест и испрати емотивни зборови до најважната личност во нејзиниот живот

Еспресо

(Фото) Мина Наумовиќ покажа колку ужива во мајчинството: Објави селфи што го одзема здивот

Еспресо

(Фото) Доживела страв и ужас: Ива Гргуриќ се огласи од Дубаи по страшните поплави

Еспресо
Се вчитува....