2.8 C
Скопје
20:09 - 23 декември, 2024

Разговор со Ана Тодоровска, графичка дизајнерка и чуварка на скопските спомени: Проект за Скопје за луѓе со позитивна енергија

Убавината на професијата дизајнер ја гледа во слободата што ѝ ја дава. Не мора да следи никакви строги правила, ѝ остава простор за креативност и да биде своја. Особено проектот „Сувенири од Скопје“, кој е исклучиво нејзина креација и за него, вели таа, корекции не прифаќа.

Скопјанката Ана Тодоровска е графички дизајнер, илустратор и автор и основач на брендот „Сувенири од Скопје“ со работно искуство од шеснаесет години. Тринаесет години е дел од креативниот тим на маркетинг-агенција, а пет години успешно го води проектот „Сувенири од Скопје“ и досега има лансирано три колекции. Работела на многу проекти како фриленсер и соработувала со голем дел од брендовите на нашиот пазар. Низ годините е добитник на две интернационални награди и неколку на локално ниво. Но, пред сѐ, Ана, како што се опишува себеси, е „среќен човек што сака да се занимава со креативна работа, да прифаќа и да решава предизвици и верува во себе“.

Кога и како настана проектот „Сувенири од Скопје“, се чувствуваше ли потреба токму Скопје – а не туристичките места – да се стави во центарот на вниманието на туристите?

– Проектот „Сувенири од Скопје“ настана во 2017 година иако идејата постоеше две години претходно, но веројатно требаше време да созрее и да дојде денот кога ќе се реализира проектот. Немав никакви сознанија дали има потреба од ваков проект или не, единствено бев водена од емоциите кон мојот роден град. Сите големи метрополи имаат вакви проекти и модерни сувенири што им се достапни на туристите, а го презентираат градот во најдобро светло. Кога можат тие, зошто не и ние? Имаме одлични дизајнери, креативни поединци, но некако мислам дека недостасува иницијатива. Како дизајнер можев да помогнам на тоа поле, вложив сопствени средства и го реализирав проектот за да покажам дека ако доволно посакуваш и се вложиш во нешто, ќе успееш. Скопје со сите убавини што ги има и со сите спомени што ни ги има подарено низ годините, најмалку што заслужува е еден ваков проект.

Од чаши до маички, беџови и торби, сите украсени со дизајнерски принтови со мотиви од Скопје, кои мотиви од градот доминираат, како ја правиш селекцијата што да претставиш и со каква приказна дизајнерски ги поврзуваш?

– Никогаш не калкулирам со илустрациите во смисла дали некој објект треба да се претстави или не поради одредени причини, што треба да доминира и слично. Секогаш цртам делови од Скопје што мене ми се допаѓаат и ме навраќаат на некакви спомени. Ги поврзувам објектите со настани по кои се препознатливи, на пример, Матка со кајакарите и качувачите по карпи, Водно со параглајдеристите, Стара чаршија со занаетчиите…

Се менуваат ли колекциите, дизајните, според сезоните? Од дизајнерска страна, на што те асоцира есента во Скопје, што би требало да се долови, да се претстави?

– Не се менуваат дизајните според сезоните, но се менуваат на одреден период, односно кога имам инспирација за нова колекција и кога ќе почувствувам дека треба да лансирам нова, бидејќи и јас, а и моите следбеници се заситени од одредена колекција. За пет години колку што постои проектот, имам лансирано три колекции. Инаку, есента во Скопје, според мене, најмногу се чувствува во Градскиот парк. Мислам дека таму се најживописните пејзажи, езерцата и дрвјата со најубави нијанси на жолта боја.

На кои добиени коментари од странците со задоволство се сеќаваш?

– Еднакво ми се драги коментарите и од странците, но и од моите сограѓани. Дури можам да кажам дека помили ми се коментарите од домашните купувачи, бидејќи потешко поминува ваков проект кај домашната публика отколку кај странците. Секогаш сум имала само пофални зборови, не се сеќавам дека имало некоја негативна критика. Интересно е дека кога го почнував проектот, си зацртав дека тој е само за луѓе со позитивна енергија и навистина такви привлекуваше низ годините. Пред пандемијата имав штанд со сувенирите на Скопски маратон, доаѓаа многу странци на штандот и многу им беше интересно и привлечно тоа што производите беа дизајнерски и бидејќи јас продавав на штандот им беше чест што разговараат со дизајнерот. Тоа го истакнуваа и имаа многу пофални зборови за колекциите.

Имаш ли претстава каде сè низ светот стигнале твоите дизајнерски сувенири? Каде најдалеку? Стигнале ли и до некое познато име од, на пример, уметничката меѓународна сцена?

– Најдалечни земји каде што стигнале сувенирите, барем јас што знам, се Нов Зеланд, Австралија, Канада и Јапонија. Знам дека Кристијано Роналдо кога беше во Скопје со репрезентацијата, купи магнетчиња од галерија Мартиноски во хотелот „Александар палас“. А јас лично ѝ однесов сувенири на уметницата Мирна Сишул. Се запознав со неа преку Инстаграм токму преку проектот, па потоа ме покани на гости во нејзиното ателје во Риека и станавме добри семејни пријатели. Интересно е дека бев нејзин голем фан и ми беше инспирација за многу мои проекти, но кога разговаравме, таа ми кажа дека проектот „Сувенири од Скопје“ нејзе ѝ бил инспирација за нејзината колекција.

Што тебе лично, емотивно, најмногу те врзува за Скопје и зошто?

– За сите објекти и локалитети имам по една приказна од детството, младоста или од некое поблиско минато, ама ако треба да издвојам едно, тогаш тоа е Порта Македонија и мојот прв истрчан полумаратон. Секогаш кога и да поминам под портата, се сеќавам на тој момент, кога со последните сили влегов под неа. И, исто така, ме потсетува на моментот кога сфатив дека објектите не треба да се гледаат само како градби на некое време туку на емоциите што ни ги донеле. Во тоа време, пред 7-8 години, Порта Македонија беше еден од оспоруваните објекти во Скопје, но јас кога трчав во правец од Градска болница кон Портата, помислив дека никогаш не ми било подраго што ја гледам и единствено што посакував во тој момент е да стигнам до неа. И, еве, и по толку години сè уште со љубов зборувам за неа. Оваа година Скопски маратон се врати по две години на старото место, т.е. повторно финиширавме кај Порта Македонија и најголем дел од маратонците се среќни поради тоа, верувам дека е така затоа што и тие како мене ги имаат најубавите спомени од таму.

Што му недостига денес на градот, што некогаш можеби го имало?

– Секое време си носи по некој спомен за секоја генерација. Моите родители мислат дека недостига корзо во Скопје зашто тие имаат убави спомени од тоа време, мене ми недостигаат некои работи што беа препознатливи за мојата генерација, а денешните млади луѓе веројатно имаат некои други потреби, но дефинитивно мислам дека на сите ни недостига повеќе зеленило и чист воздух.
Глоса. Секогаш цртам делови од Скопје што мене ми се допаѓаат и ме навраќаат на некакви спомени. Ги поврзувам објектите со настани по кои се препознатливи, на пример, Матка со кајакарите и качувачите по карпи, Водно со параглајдеристите, Стара чаршија со занаетчиите.

Слични објави

Весна Ѓогани ја откри вистината за бракот со Ѓоле Ѓогани: Никогаш не сме си кажале дека се сакаме!

Еспресо

(Фото) Најслаткото нешто што ќе го видите денeска: Дарко Лазиќ и малата Срна во новогодишни пижами

А.Ј.

Александра Пријовиќ за Нова година ќе заработи 300.000 евра! Синоќа се прости од публиката, ја чекаат уште два настапи

Еспресо

Милош Биковиќ ги поддржа студентските протести во Белград: Актерот се огласи на социјалните мрежи!

Еспресо

Откриени детали од скандалот со Блејк Лајвли што го тресе Холивуд: „Ме гледаше додека бев топлес!“

Еспресо

Откриено кој е човекот со кој Емина Јаховиќ разменува нежности: Се бакнуваше и со Наташа Беквалац!

Еспресо
Се вчитува....