По долго време, Весна Петрушевска сподели приказна за синот Кирил Тренкоски, кој веќе неколку години живее во САД. Гордата мајка ја сподели неговата нова профилна фотографија на Фејсбук и кусо напиша: „Љубов моја“, додавајќи неколку срца.
Кирил денес има 23 години, а во Америка замина во 2020 година, кога имаше 17 години. Тој се пресели во Хјустон кај својот татко, Јанко Тренкоски, поранешниот сопруг на Петрушевска, со намера таму да ја заврши последната година од средното образование, а потоа да ги продолжи студиите.

Разделбата со синот тогаш беше особено емотивна за актерката. Пред неговото заминување таа откри дека одлуката била на Кирил и дека повеќепати го прашувала дали е сигурен дека сака да го продолжи животот во Америка.
„Броиме ситно со Кирил, кој ќе оди во Хјустон за да заврши гимназија и факултет. Тој е едно од децата кои сакаат да го освојат светот. Безброј пати го прашував дали е сигурен и секогаш без двоумење одговара потврдно. Немам подобра опција да му понудам во овие луди времиња. Не прашувајте, срце ми се кине“, напиша тогаш Петрушевска.
Пред самото заминување таа сподели уште една емотивна порака, во која зборуваше за тешкиот момент кога родителот треба да го пушти своето дете да тргне по својот пат.
„Родителот треба да е лакот, а стрелата вашето дете. Сè е возбудливо и точно кога ќе прочиташ кај Џибран, ама е зафркнато кога треба да го оптегнеш лакот и да летне стрелата. Солзи капат сами“, напиша Весна во јули 2020 година.
Кирил во Хјустон го заврши средното образование, а во 2022 година Петрушевска гордо објави негова фотографија како матурант и напиша: „Матурантот од Хјустон. На мајка убавец“. Подоцна продолжи со високото образование во САД.
Весна во едно од интервјуата зборуваше и за односот со поранешниот сопруг Јанко и неговата сопруга, кај кои живее Кирил, велејќи дека е благодарна за сè што направиле за нејзиниот син.
„Таткото на Кирил му го овозможи тоа и јас сум среќна. Со Јанко и со неговата сопруга сега сме едно среќно семејство, одлично се согласуваме и им благодарам за сè што направија за Кирил“, изјави Петрушевска.
Ќерката на Весна и на Јанко, Мина, неодамна повторно замина во Дубаи заедно со блиската семејна пријателка Моника Милковска. Мина претходно работела во одделот за човечки ресурси во агенција за недвижности во Дубаи. Весна при нивното заминување рече дека е многу горда на двете девојки.
Мина во 2024 година помина низ тежок здравствен период откако доживеа белодробен инфаркт, по што се врати во Македонија и закрепнуваше. Подоцна повторно замина во Дубаи, каде што го продолжи својот живот и работа.
