21.8 C
Скопје
19:27 - 1 мај, 2024

Патот кон себе: Градење релации

Група бодликави прасиња се нашле среде зима и им било многу студено. Почнале да се приближуваат едни до други за да се стоплат, ама боцките почнале да им задаваат меѓусебно болка, па почнале да се оддалечуваат.

Сами им било повторно многу студено и им била потребна топлината од другите, па пак почнале да се доближуваат едни до други, но повторно болката ги натерала да се оддалечуваат. Така се приближувале и оддалечувале додека не нашле некоја комфорна дистанца која не им причинувала многу болка, а нудела топлина.

Оваа приказна се вика „Дилемата на бодликавите прасиња“ и ја кажувал Шопенхауер со став дека добро е луѓето да држат одредена дистанца бидејќи не е можна интимност без меѓусебно повредување.

Шопенхауер е познат како мрачен филозоф во однос на љубовта, но дилемата е вредна за размислување. Колку „блиску“ е доволно блиску и колкава дистанца е „здрава“ за индивидуалноста?

Колку може да припаѓаме, а да ја заштитиме својата автентичност?

До каде може да се предадеме и колку може да веруваме на другиот дека нема да ја злоупотреби нашата „ранливост“ што ни ја создаваат емоциите?

Родени сами, а предодредени да живееме со другите за да опстанеме, ние луѓето сме постојано растргнати од емотивната потреба да ја заштитиме нашата автентичност, и исто толку силната потреба за другиот, за љубов, валидација и припадност.

Потребата за валидација е важна психолошка потреба на човекот. Но ако постојано ја бара потврдата за себе кај другите наместо во себе, човекот ќе биде вечно под притисок да се допадне, да ги задоволи потребите и критериумите на другиот или заедницата.

Една заедница, било да е партнерска, семејство, компанија, нација, има свој идентитет што е автентичен и единствен. Тој настанува како резултат на синергијата помеѓу две или повеќе личности, нивните карактери, потреби, индивидуалности, и преку размена на идеи, емоции, информации.

Себепознавањето ни помага да ја развиваме својата автономија и да препознаваме што е наше лично, а што заеднипкото. Препознавањето на сопствените емоции, потребите што стојат зад нив, како и грижата за себе, се важен услов да сме во контакт со сопствената автентичност. Тоа е од друга страна основа да градиме квалитетни релации со другите. Да се впуштиме во блискост, но да не се изгубиме себе си.

Пример каде луѓето единствено влечат потврда за себе преку другиот и се идентификуваат главно со партнерството се во таканаречените „симбиотски“ врски. Нема индивидуализам туку само заедништво.

Од друга страна ако се свртиме само кон себе и сопствените потреби, а не умееме да негуваме заеднички интерес и грижа за другиот, нема да можеме квалитетно да се поврземе со друга личност. Поврзувањето е размена на емоции, бара грижа за другиот и негување на заедништвото.

Еден убав илустративен приказ на блискоста е претставен во книгата Малиот Принц на Егзипери, преку дијалогот на Малиот Принц и лисицата.

Принцот и вели на лисицата дека сака да се дружи со неа, но таа му одговара дека веднаш тоа не е можно бидејќи не е припитомена.

Тој ја прашува што е тоа, а таа му кажува дека припитомување е кога луѓето се зближуваат и на тој начин тој ќе добие посебно место кај нејзе и обратно. Дека ќе ја исчекуваат секоја средба, ќе имаат потреба еден за друг. Дури релацијата да заврши тажно, вели лисицата, „жолтите полиња секогаш ќе имаат посебно значење за мене бидејќи ќе ме потсетуваат на твојата коса.“

Луѓето, особено оние кои не поддржуваат како личности, се важен ресурс во нашите животи. Негувањето на односите со тие што ни се важни, е значаен фактор кон личната среќа и благосостојба.

Здрави релации се оние во кои личноста може да ја развива својата автентичност и да расте, а да биде истовремено дел од заедништвото и да дава и црпи ресурси што ги нуди таа врска со другиот или другите.

ПИШУВА: Ида Протугер – психолог, тренер за личен и организациски развој

www.idaprotuger.com

Слични објави

(Фото) Дарко Лазиќ фати риба за која може само да сонува! Пејачот се пофали на социјалните мрежи

Еспресо

(Видео) Северина пееше во Дубровник, Новак Ѓоковиќ уживаше на концертот: Публиката во транс

Еспресо

Кога да ги миете прозорците пред Велигден: Не пропуштајте го овој ден

еспресо

(Фото) Јелена Карлеуша брутално му одговори на Душко Тошиќ: Еве што мисли за девојката со која е уловен во Дубаи

еспресо

(Фото) Марија Шерифовиќ го покажа синот: Нежни мигови со слаткиот Марио

еспресо

(Фото) Синот на Драгана Мирковиќ ќе стане милионер: Еве каков бизнис започна, а мама е горда!

еспресо
Се вчитува....