Што ве прави вас ВАС? Кој сум јас е наједноставното и во исто време најтешкото прашање. Како се дефинирам, со што се идентификувам, како се „брендирам“?
Да си уникатен во светот, да го поседуваш она што никој друг на планетата земја не го поседува е богатството наречено автентичност.
Што е автентичност?
Тоа е единствена комбинација на личните ресурси помеѓу осум милијарди луѓе кои живеат во светот.
Што се ресурси?
Нашите искуства, знаења, таленти, вештини, лични каратеристики, вредности, емоции, мајндсет. Дел од ресурсите ни се стекнати со раѓање, дел ги стекнуваме низ процесот на искуства и учење.
Сопствената автентичност некој ја доживува како благослов, друг како клетва. Не сите сме задоволни од себе и своите ресурси. Нешто кај себе сакаме, од нешто сме незадоволни, нешто сакаме да сокриеме и мислиме дека не е вредно.
Зошто е тоа така?
Бидејќи не постоиме сами за себе. Се раѓаме сами, но сме биолошки дизајнирани да градиме социјални релации за да опстанеме. Речиси да непостои човекова потреба која не зависи од другите луѓе. Нашиот идентитет и автентичност ги градиме низ релации со другите. Сакаме да припаѓаме и да се потврдиме преку тие релации.
Тоа ни создава внатрешен конфликт и тензија во однос на две фундаментални потреби: таа за самореализација и потребата за припадност. Што е тоа од кое не сакаме да се откажеме и нè дефинира, а каде правиме компромис за да припаѓаме и градиме релации.
Социјалната средина претставена преку мнозинството, често врши притисок наметнувајќи модели на однесување, на изглед, на делување. Тоа создава притисок и врз многу индивидуи. Личноста, растргната помеѓу потребата да се самореализира и да припаѓа, се прашува дали да ги инвестира ресурсите во развивање на своите потенцијали или да ги исполнува критериумите што ги наметнува заедницата?
Ако тргне да ги исполнува критериумите на заедницата во обид да добие потврда од таму, тоа најчесто завршува со внатрешната фрустрација бидејќи во тој случај сме во постојана потрага по потврда однадвор. Самодовербата не ја црпиме однатре, туку од тоа како другите го одобруваат нашето однесување или делување.
Така, инвестираме во некој друг лик што треба да се допадне на другите, но кој не сме автентично ние. Така, дури и да ја добиеме таа потврда од околината, нема да се чувствуваме потврдени бидејќи внатре знаеме дека тоа не сме ние.
Патот кон себе почнува со интроспекција на идентитетот, вредностите, силните страни, нашите ресурси кон СЕБЕПРИФАЌАЊЕ.
- Што ме прави мене МЕНЕ?
- Со кои вредности се идентификувам?
- Кои атрибути најдобро ме опишуваат?
- Кои се моите силни страни?
- Во што верувам?
Себеоткривањето и себеприфаќањето потоа ја развива приказната кон поставување цели кон лична благосостојба.
Да се фокусираме на развој на нашите силни страни и потенцијали, на позитивните релации, и да научиме да ја користиме нашата најголема моќ – слободата на избор и одлучување. Единствено преку воспоставување позитивна и нежна релација со себе, може да градиме квалитетни релации и со другите.
ПИШУВА: Ида Протугер – психолог, тренер за личен и организациски развој