Иако сметаме дека сонцето е тајната состојка на среќата и на атрактивниот изглед, за жал, воопшто не е безопасно. Застрашувачки е податокот дека помеѓу 50 и 90 отсто од случаите на рак на кожата се предизвикани од прекумерното изложување на сончевите зраци.
Сите бенки не значат рак на кожа
Повеќето луѓе имаат мноштво бенки, кои се безопасни, меѓутоа, важно е да знаеме да ги препознаваме промените во големината, бојата и обликот на бенката, кои можат да ни сугерираат дека станува збор за меланом, којшто се развива.
Ваквите промени на кожата не мора да значи дека станува збор за меланом, но можат да бидат симптоми на појава на меланом и важно е да се контролира нивниот развој од самиот почеток.
Нормалните бенки и брадавици се кафеави мали испакнатини или дамкички на кожата и обично имаат овален облик. Тие обично се помали од 6 мм. Некои бенки можете да ги имате од раѓање, но најголемиот број од нив се појавуваат во текот на детството и во раната младост. Бенките кои се појавуваат по 30-тата година од животот би требало да ги прегледа лекар. Откако ќе се појават и ќе ја достигнат својата целосна големина, бенките генерално остануваат непроменети во текот на целиот живот.
Можни знаци и симптоми на меланом
Еден од најважните знаци што укажува на меланом е новото место на кое се појавила бенката, или драстична промена во големината, бојата и обликот на веќе постоечката бенка. Она што сигурно ќе ви го привлече вниманието и ќе ве натера да се запрашате е фактот дека меланомот изгледа мошне грдо во споредба со другите бенки на кожата.
За меланомот е карактеристично дека едната половина од бенката не соодветствува со другата, односно, асиметрични се. Рабовите на меланомот се обично неправилни и заматени, тешко е да се дефинираат. Она на што многумина не обрнуваат внимание е бојата, имајќи предвид дека е многу слична на стандардните бенки. Сепак, нивната боја никогаш не е иста и варира од светло-кафеава до црна. Тие се обично поголеми од 6 мм, што е просечна големина на обична бенка.
Она што најјасно ќе ви даде до знаење дека станува збор за меланом е секако еволуцијата на бенката. Таа се менува, расте, ги менува формата и бојата.
Симптомите на меланом може да вклучуваат и болка која не поминува, оток непосредно над бенката, појава на чешање, па дури и ненадејно крвавење на бенката.
Типови на меланом
Постојат различни видови карциноми на кожа. Најчести се базоцелуларен карцином, спиноцелуларен карцином и меланом.
Меланомот е најопасен вид рак на кожа и најчеста причина за смрт од кожен карцином.
Точната причина за појава на меланом на кожа не е позната, но се докажани некои ризични фактори:
• Генетски фактори
• Семејна и лична историја за меланом и други карциноми на кожа
• Светла кожа и коса (фототип 1, 2, 3)
• Голем број невуси (бенки)
• Бенки кои го менуваат изгледот
• Изгореници во детството
• Честа посета на солариуми
Невусите (бенки) се бенигни лезии, но со потенцијал да преминат во малигни. Тие имаат карактеристични форми кои треба да се препознаат и разликуваат од меланомот. Најдоброто оружје во борбата против меланом на кожа е раното откривање на сомнителните лезии. Суштината на успешната терапија е да се открие карциномот во ран стадиум на развој, да се отстрани хируршки навреме, со што се зголемуваат можностите за комплетно излекување.
Основна е контролата (прегледувањето) на кожата и постоечките бенки, особено за лицата со еден или повеќе ризични фактори.
Мерете ги бенките, бидејќи големината е навистина пресудна
Иако постојат различни облици на рак на кожата, најчести се меланомот и карциномот на базалните и плочестите клетки. Меланомот спаѓа во групата на најагресивни малигни тумори, а станува збор за кожна болест кај која клетките на ракот се наоѓаат во клетките кои ѝ ја даваат бојата на кожата. Луѓе кои имаат тип 1 кожа; посветол тен, коса и очи, имаат најголем ризик од развој на меланом, но и другите треба да бидат внимателни. Појавата на меланом е исто така поврзана со бројот на бенките и нивниот изглед, па затоа е важно редовно да се прегледува.
Внимавајте доколку:
1. бенката е поголема од 6 мм во пречник
2. постоечката бенка расте
3. има неправилни рабови
4. воспалена е или има црвени рабови
5. има крвавење, улцерација или создавање красти
6. се променила бојата
7. има чувство на јадеж или болка
Најважно е да го научите АБЦДЕ правилото за меланом. Се советуваат редовни самопрегледи (еднаш месечно) на кожата на целото тело, за што е потребно едно големо огледало, мало рачно огледало и добро осветлена просторија. Треба да се научат пациентите како да го изведуваат самопрегледот и да внимаваат на помалку воочливите делови на телото како грб, задна страна на надлактици и натколеници, глава, усна празнина. Притоа следете АБЦДЕ правило:
(Asymmetry) – Асиметрија на пигментна лезија. Бенката обично е со правилна форма, а меланомите се асиметрични (половинките на бенката не се еднакви).
(Border) – Ирегуларност на рабовите. Правилните бенки имаат правилни и еднакви рабови.
(Color) – Промена на бојата. Меланомите имаат неколку бои; променливи нијанси на црна, кафеава, розова и боја на кожа.
(Diameter) – Дијаметар поголем од 6 мм.
(Evolution) – Историја за менување на пигментната лезија. Промените во изгледот, бојата или големината на бенката може да укажуваат на меланом и треба да се обратите кај дерматолог.
Ако пациентот открие сомнителни израстоци на кожата или промени во изгледот на присутните невуси, задолжително да се јави на дерматолошки преглед.
Покрај самопреглед од страна на пациентот, се препорачуваат прегледи на кожата на целото тело од страна на лекар еднаш годишно, а ако постои семејна историја за карцином и двапати во годината. Контролата треба да ја прави дерматолог, кој е единствено компетентен да процени дали е бенката безопасна или сомнителна за меланом.
Малигниот рак на кожа кај мажите најчесто се јавува на грбот, а кај жените на нозете, додека е почест кај луѓето со посветла кожа и очи. Покрај тоа, сѐ повеќе жени копнеат по убава боја, па во текот на целата година одат во солариуми и дополнително се изложуваат на ризик. За жал, последиците се навистина сериозни, а жените под 35-годишна возраст се особено погодени бидејќи спаѓаат во најризичната група за оваа болест. Покрај тоа што овој вид на зрачење продира подлабоко во кожата и го уништува колагенот, поради што кожата побрзо старее, одењето во солариум го зголемува ризикот од заболувањето.