Глобалната публика ја запозна во 1962 година, кога се појави во „Dr. No“ како првата Бонд девојка. Иконичната сцена на излегување од морето во бело бикини не беше само филмски момент — стана симбол на една епоха и го дефинираше стандардот на сексапил за генерациите што доаѓаат. Тој кадар ја зацврсти нејзината позиција во историјата на поп-културата, но истовремено создаде и мит за жена на која е невозможно да ѝ се одолее.

Урсула АНдрес денес го слави својот 90. роденден, а зад неа стои не само блескава филмска кариера, туку и живот исполнет со интензивни емоции, контроверзии и љубовни приказни кои често биле на работ на скандал.
Фатална жена која сакаше без ограничувања
Урсула Андрес не беше само уште една убава актерка — таа беше олицетворение на самосвест, интелигенција и нескротлива енергија. Одбиваше да биде сведена на „декоративна улога“ и градеше идентитет на жена која сама ги поставува правилата на играта, вклучително и во љубовта.
Нејзиниот прв брак со Џон Дерек започна во 1957 година, откако тој поради неа го напуштил семејството. Сепак, и покрај силната почетна страст, бракот завршил по шест години, наводно поради нејзините бројни љубовни авантури.
– Никогаш не сакав да му припаѓам само на еден маж. Создадена сум да сакам, но не и да се врзувам – признала без задршка.

Во текот на шеесеттите и седумдесеттите години, нејзиниот љубовен живот беше исполнет со познати имиња. Меѓу нив се издвојуваше Марлон Брандо, кого го опиша како „див“, непредвидлив и незаборавен.
Кратка, но впечатлива била и нејзината врска со Џемс Дин, за кого пријателите тврделе дека бил единствениот маж кој знаел да ѝ каже „не“. Наспроти тоа, односот со Стив Мекквин бил интензивен и турбулентен — неговата посесивност се судирала со нејзината потреба за слобода, создавајќи експлозивна комбинација.

Љубовна приказна што предизвика осуди
Една од најинтригантните врски во нејзиниот живот беше онаа со Хари Хамлин, кој беше дури 15 години помлад од неа. Се запознале за време на снимањето на „Clash of the Titans“, во период кога таа имала 43, а тој 28 години.
И покрај осудите од јавноста, нивната врска траеше четири години и резултираше со раѓањето на синот Димитри Александар Хамлин, кого Урсула го смета за свој најголем животен успех.
– Не сакав брак, сакав дете. Хари беше совршен за тоа – изјавила отворено.

Мистерија околу односот со претседател
Со години кружеа гласини за нејзината наводна врска со американскиот претседател Џон Ф. Кенеди. Иако никогаш директно не ги потврди тие шпекулации, нејзината енигматична изјава дополнително го поттикна интересот:
– Некои мажи ви подаруваат цвеќе, некои накит, а некои едноставно ви го менуваат животот.
Љубов без етикети
Урсула никогаш не се двоумеше отворено да зборува за својата бисексуалност, нагласувајќи дека љубовта за неа е универзална и ослободена од општествените норми. Имала врски и со жени, вклучително и со познати личности, а нејзиниот став беше едноставен:
– За љубов не се потребни етикети.
Помирни денови, ист дух
Иако во текот на животот сакала страсно и без компромиси, последните години ги поминува повлечено во својот дом во Швајцарија. Нејзините партнери и во подоцнежниот период биле помлади мажи, но таа никогаш не обрнувала внимание на коментарите од околината.
– Годините се само број, а јас отсекогаш сум сакала млади мажи затоа што ме потсетуваат на младоста и радоста на животот – велеше.
Таквата репутација остана со неа до ден-денес — фатална жена што мажите ја обожаваа, а жените често ја гледаа со мешавина од восхит и завист поради нејзината слобода и храброст.

