Пишувањето своја поезија и проза Јулијана Величковска прво го надгради со превод, уредување и издавање книги од други автори, а потоа внесе нова креација и во презентацијата на поезијата на фестивалите „Поетска ноќ во Велестово“ и „Скопски поетски фестивал“.
Енергична, вредна, исполнителна и секогаш насмеана е Јулијана Величковска. Покрај тоа што пишува свои книги, таа е издавач, основач и директор на „ПНВ Публикации“, уметнички директор на фестивалот „Поетска ноќ во Велестово“ и соосновач и директор на „Скопски поетски фестивал“. Има периоди во годината, како што е августовскиот, кога работи на повеќе проекти во исто време и никогаш не се жали дека е уморна или дека нешто не може да постигне.
Прилично си активна не само во последниов период, туку и во последниве години наназад. Од некаде треба да се почне, па бевте ли „добри гости“ во Демир Хисар?
– Ако судиме според поздравот на нашите домаќини: „Пак да ни дојдете!“, одговорот е веројатно да. Но мислам дека тоа го потврдува и фактот што сите си заминавме со радост, исполнети со убави спомени и понесени од убавата енергија што се создаде за време на дружбите, на прошетките, на читањата придружени со музика и со слики. Се стекнаа нови пријателства, се продлабочија старите и имавме многубројна публика на двата настана, и во кафе-барот „Конект“ во Демир Хисар и во Слоештица во „Арт поинт ‒ Гумно“.
Благодарение на нашите домаќини Јасмина Котевска од Центарот за креативни индустрии „Небо“, Суводол, и Сергеј и Ирена Андреевски, разгледавме и неколку ликовни изложби, и посведочивме како слика нашиот Сергеј, инспириран од поезијата што ја читавме. Ја посетивме и библиотеката „Ал-би“ во Бабино, манастирот во Слепче, ја разгледавме и поставката во спомен-собата на Петре М. Андреевски благодарение на Антонио Павловски од Центарот за култура и рекреација „Еригон“.
Сѐ на сѐ ‒ беше возбудлив и плоден викенд, трет во низата „Добри гости“, серија книжевни гостувања низ Македонија, по исто така успешните настани во Штип и во Тетово. Ќе следуваат дружби и во Куманово, во Охрид, во Крушево, во Прилеп, во Битола… и се надеваме дека и таму ќе им бидеме добри гости на уште подобрите домаќини.
Каков е приемот на поезијата во средини каде што ретко се случуваат настани од областа на културата?
– Ох, па пред сѐ, ќе речам дека се чувствува силна возбуда! И меѓу нас, авторите што читаат (и домаќини и гости), но и во публиката. Луѓето се жедни за убавина, каква што само уметноста може да понуди. Ако треба да сум куса, ќе кажам само дека публиката е отворена, внимателна, активна и дека преовладува празнична атмосфера.
Следно на ред е да бидеш домаќинка на 35. „Поетска ноќ во Велестово“. Каков куќен ред е подготвен за гостите?
– Јубилејното 35. издание ќе понуди петдневна програма. Како преднастани на официјалната вечер, ќе бидат интернационалното поетско читање на 12 август, од 18 часот, во кафе и бар „Шила“ во Охрид, на кое покрај домашни поети, ќе настапат и поети од Хрватска, од Грција, од Фарските Острови и од Италија, а подоцна, истата вечер, во Велестово на сретсело ќе биде откриена и скулптурата „Раката на поетот“, донација на Никола Пијанманов за фестивалот. Следниот ден ќе гостуваме во Слоештица, каде што ќе ги прославиме нашите два големи јубилеја: 35 години „Поетска ноќ во Велестово“ и 20 години „Арт поинт ‒ Гумно“, со поетско-уметничка дружба.
Официјалното отворање на фестивалот ќе биде на 18 август во Велестово, на кое ќе настапат неколку домашни поетеси, оти на ова јубилејно издание во фокус е македонската поезија пишувана од жени. Ќе биде отворена и изложба на Тони Попов. На 19 август пред семинаристите на Летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура ќе ја промовираме и антологијата на младата македонска поезија „Ново раѓање на зборот“, што ја приредија Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски, по што ќе следува интернационалното поетско читање „Поезија ‒ Залез“.
Неделата, 20 август, е резервирана за проектот „OH READ #2 ‒ Дијалог низ поезија (со младите од регионот)“ поддржан од РЕАД ‒ регионалната мрежа за културна разновидност и ЕУ, при што ќе организираме работилница за креативно пишување и за книжевен превод наменета за млади, што ќе се одржи во гимназијата „Св. Климент Охридски“.
Програмата ќе заврши со интернационално поетско читање во кафе и бар „Шила“ во Охрид, каде што уште еднаш ќе се претстават поетите од Германија, од Албанија, од Србија, од Македонија и од Косово.
За отворањето на фестивалот веќе ја најавивте промоцијата на книгата панорама на македонската поезија пишувана од жени, од преродбата до денес, со наслов „Самодиви“. Каков истражувачки потфат беше тоа?
– На „Самодиви“ работев заедно со Славе Ѓорѓо Димоски, со кого совршено се надоврзуваме. Имено, тој е одличен познавач на постарата генерација, јас, пак, на поновите генерации поети, иако, се разбира, и се преплетуваме. Што се однесува на книжевноста од времето на преродбата до кодификацијата на македонскиот јазик, од голема помош ни беше и стручноста на Славчо Ковилоски, на Димитар Пандев и други, со чија помош откриваме многу наши поетеси, за кои малку се знае во јавноста.
Овој потфат подразбираше многу читање, препрочитување, уредување и преуредување, пребарување низ книги, списанија… и, иако, за среќа ги/нѐ има многу повеќе, сепак одлучивме книгата да ја заокружиме со избор од точно сто авторки, имиња што оставиле поетска трага, и такви, чиишто песни ветуваат светла книжевна иднина.
Карактеристика за твојата работа е што секогаш размислуваш на поинаков начин да ја претставиш поезијата, проследена со звучни и визуелни моменти. Со каква цел?
– Една од најубавите карактеристики на поезијата е нејзината моќ да комуницира со другите уметности, и со музиката, и со визуелните изрази. Низ годините, имав впечаток дека поезијата беше претставена како нешто посебно, специјално, само за одредена категорија читатели, за извесни книжевни сладокусци и се консумираше во некои затворени, главно академски, кругови. Јас гледам сосема поинаку. Поезијата е сеприсутна, ја наоѓам во графитите, во прозата и во драмските текстови, секако, ја има во музиката, но кој умее да гледа, ќе ја види и во слики, во скулптури, во фотографии, во филм… И ете, сакам да ја направам подостапна за сите, да им помогнам на луѓето што велат дека не читаат поезија да сфатат дека само треба да си ја пронајдат својата. Па, со ваквите настани, на публиката сакам практично да ѝ покажам како изгледа таа комуникација и каква сѐ магија може да се создаде на сцената, дури и при импровизации во мигот, а се надевам и дека тоа ќе биде поттик за креативците да експериментираат.
Некои поетски филмови во продукција на „ПНВ Публикации“ веќе добиваат покани за учество на интернационални поетски и мултимедијални фестивали. Што тоа значи и за поезијата и за нејзините автори?
– Овие поетски филмови произлегоа од „Стиховно мапирање на Скопје“, проект во кој неколку млади и талентирани уметници се вложија безрезервно и, со симболичната поддршка од Град Скопје, успеавме да направиме дузина поетски филмови. Некои од нив се издвоија по квалитет и беа селектирани на неколку фестивали за поетски филмови. Особено успешен е „Летна соната за мојот град“, филм на Марија Шаклева, според песна на Андреј Ал-Асади, што беше прикажан на фестивали во Германија и во Лос Анџелес, каде што се закити и со награда.
Да се направи поетски филм, значи поезијата да се препее на филмски јазик, кој е подостапен и поразбирлив за сите. И така, овој хибрид од поезија и филм сега прави надвор да се знае повеќе и за нашата поезија, и за нашиот јазик, и за нашите талентирани режисери, што, според мене, е успех на кој треба да му се радуваат авторите, но и сите ние. Посакувам во иднина да добиваме поголема поддршка и да имаме можност да создаваме барем по два-три поетски филма годишно, со кои ќе можеме достоинствено да се претставиме на светските поетски и филмски фестивали, оти крајно време е како земја да се приклучиме кон тој убав тренд.
Покрај многу различни фестивали што се одржуваат во Скопје со Скопскиот поетски фестивал докажавте дека токму таков недостигал во главниот град. Каков концепт годинава ќе има фестивалот?
– И годинава, како и за претходните две изданија, планираме богата програма и покрај минималната поддршка што ја добивме од Министерството за култура, а за среќа, за ова издание успеавме да добиеме поддршка и од „Традуки“.
Фестивалот ќе се одржи во периодот од 24 до 28 септември, ќе имаме настани на три локации, главните поетски читања и промоции на книги, проекции на филмови и изложба на фотографии ќе се одржат во Младинскиот културен центар ‒ Скопје, во градската библиотека „Браќа Миладоновци“, пак, ќе организираме една панел-дискусија за зголемување на видливоста на македонската книжевност надвор од земјата, како и работилницата за креативно пишување, односно мастерклас, што ќе ја води Имануел Мифсуд, автор и универзитетски професор од Малта.
Ќе започнеме, се разбира, со младите поети, со настанот „Отскочна даска“ во кафе-книжарницата „Буква“. На фестивалот ќе настапат над педесет домашни поети од сите возрасти, а ќе имаме гости од Данска, од Франција, од Хрватска, од Србија и од Малта.
Се чини дека целиот твој секојдневен живот е поврзан само со поезија, проза, книги и автори. Навистина ли е така?
– Толку многу е така што понекогаш ми се чини дека не живеам во реалноста. Ретко наоѓам време за следење дневни вести, а кога патувам и кога ќе откријам некое убаво место, првото што ми паѓа на ум е како тука да се организира книжевен настан. Ме води некој силен порив и мотив да ги придвижам работите за македонската книжевност, за домашните автори, особено за младите, преку организирање настани и издавање книги. Поканувајќи автори од странство, пак, верувам дека тие со нивната поетика ќе придонесат за подобрување на квалитетот на домашната сцена, но и дека на тој начин создавам амбасадори на нашата култура.
Речиси и да не остана простор во разговоров за твоето лично творештво. Последната книга на која си многу горда е „Ведра“, во која се вртиш кон најмладата публика. Колку создавањето на млада читателска публика, всушност, значи долговечност на македонскиот јазик?
– Многу нешта сакав да кажам со „Ведра“, од тоа на децата да им помогнам да увидат дека да се биде суперхерој не се потребни некакви надворешни преобразби и натприродни моќи, туку дека само важно е да се спознаеме себеси и да дејствуваме автентично, во дослух со она што е во нашата суштина; до можни решенија за справување со насилници, врсници или повозрасни; пример за тоа што се случува кога не бегаме туку се соочуваме со стравовите; порака за непотиснување на емоциите и прифаќање на солзите како еден вид измивање и преродување, а не како знак на слабост; порака за мир и простување; за важноста на пријателството…
Во основата на приказната е и легендата за настанокот на името на планината Плачковица и сакав сето тоа да го кажам и раскажам ненаметливо, низ хумор, на едноставен јазик, но збогатен со архаизми и со рима, така што децата ќе можат да ја препознаат моќта и убавината на македонскиот јазик.
Книгата има и прекрасни илустрации од Марио Каев, а аудиоверзијата е илустрирана со музика компонирана од Јован Јовановски. Сите тие нешта помогнаа дечињата да ја засакаат книгата, а кога им ја претставувам се трудам да им го доловам и целиот процес на создавање, оти да, потребна ни е млада читателска публика, и книгите и читањето треба да им ги доближиме на децата од најрана возраст, но, ако говориме за долговечноста на македонскиот јазик, тогаш од особена важност е да работиме на создавањето идни генерации писатели.
Насловна фотографија – Диме Данов