6.8 C
Скопје
12:20 - 22 декември, 2024

Израснала само со мајка – жртва на семејно насилство, а денес ги брани жртвите од насилници

Најчесто семејното насилство се повторува кога е пријавено, а не е казнето, и сторителот „ќе се извлече“. Доколку биде казнет, многу поретко го повторува делото, забележува  нашата соговорничка, адвокатката Катерина Котеска.

Уште во раното детство се запознала со тешката страна на животот

Катерина Котеска е мајка на две деца (13 и 9 г.). Живее прилично динамичен живот, со многу професионални обврски, но сепак успева да помине квалитетно време со децата, пријателите, а наоѓа време и за спортување. Котеска е адвокатка и магистер по казнено право, специјализирана за семејно насилство.

– Со адвокатурата се занимавам од апсолвент, па не дочекувајќи да дипломирам, почнав да стажирам во адвокатска канцеларија. Од 2013 година ја отворив својата адвокатска канцеларија во која работам и денес. Меѓу првите клиенти ми беше случај на развод на брак, кој беше пропратен со семејно насилство во продолжен облик. Во својата заложба како професионално, така и приватно, најмногу се посветувам на остварување на правото на децата кои се најкревката структура во семејните процеси, како и на заштита на жените и жртвите општо, кога бараат помош од институциите кои работат со оваа материја, вели Котеска.

И самата е дете на самохрана мајка која по лавиринтите на институциите се борела за своите права како самохрана мајка и како жртва на семејно насилство. Па така, уште во раното детство се запознала со тешката страна на животот, растејќи само со својата мајка, која исклучиво сама ја издржувала и се грижела за неа, без никаква помош, ниту контакт од таткото.

– Чувствувајќи ја и сама неправдата нанесена од едниот родител, како и тешкиот и трновит пат за остварување на правата, а и општественото маргинализирање на дете со разведени родители пред 40 години, кога тоа не беше честа појава, сфатив дека длабоко во мене, во текот на животот, се јавила желба да бидам глас на сите деца на самохрани родители, како и рака на нивните родители за остварување на своите права кон подобар и поквалитетен живот, се присетува нашата соговорничка.

Катерина со нејзините дечиња

Од неа побаравме, како стручњак во ова поле, најпластично да ни објасни, што сè спаѓа под семејно насилство. Вака Катерина Котеска го дефинира семејното насилство:

– Семејното насилство е насилно однесување на еден брачен другар кон друг или на родител кон детето или децата, како и помеѓу партнери кои не се во брак или се во семејна врска, на браќа и сестри, маќеа, очув со посинок итн. Семејното насилство се манифестира како психичко, вербално, физичко… Освен што семејното насилство е физички напад, исто така е и навредување, викање, заканување, забрани и ограничувања и финансиска контрола, во вид на одземање на платата и слично. Со еден збор, сè што е наметнато со сила, помеѓу овие лица и предизвикува чувство на страв, потчинетост и обесправеност, претставува семејно насилство.

Кога стравот ќе навлезе „во коски“, Котеска жртвите на семејно насилство ги советува да се заштитат себеси и своите деца од насилникот. Им дава насоки како да постапат, како и каде да пријават, и што е најважно, да останат храбри во текот на постапката додека сторителот биде казнет. Според неа, за жал, институциите кои работат со жртвите, најчесто одат кон смирување на жртвата и насилникот, при што на различни начини се врши притисок на жртвата да не остане до крај во постапката. Според нејзиното, професионално искуство, во најголем број случаи неводењето постапка и неказнувањето на сторителите на семејно насилство, како и самото непријавување, се најголем проблем при решавање на оваа општествена проблематика.

Во досегашната пракса, Катерина застапувала голем број на жртви на семејно насилство, при што, вели, дека сè почесто има и мажи – жртви, а семејното насилство бележи пораст при актуелните услови на изолација и карантин, и додава:

– Во мојата пракса имам доста пресуди во корист на жртвите на семејно насилство, каде што семејниот насилник бил прогласен за виновен и казнет за кривични дела при вршење на семејно насилство, а исто така биле издадени и мерки за заштита од семејно насилство со кои на насилниците им се забранува да вршат семејно насилство, да малтретираат, како и да не се приближуваат на сто метри од домот на жртвата.

Катерина Котеска објаснува дека, без разлика на возраста, професијата и семејниот статус, заедничко за секој насилник е користењето на состојбата на подреденост на жртвата и нејзината попусливост и страв. Вели дека најчесто како жртви се јавуваат жените и децата, бидејќи се физички послаби, а жените – често финансиски и материјално необезбедени. Тука игра улога и општествената осуда за распад на бракот и водење на постапка против таткото/мајката на своите деца.

– Најчесто семејното насилство се повторува кога е пријавено, а не е казнето, и сторителот „ќе се извлече“. Доколку биде казнет, многу поретко го повторува делото, забележува адвокатката.

Во продолжение Катерина нѝ доближува животна приказна на една од жртвите која неа најмногу ја вознемирила, пред сè како човек:

– Се работеше за жена, жртва на семејно насилство, која трпејќи го насилството долги години го изгубила своето психичко и физичко здравје. Семејното насилство ѝ се вршеше на најдрзок можен начин, при што заврши со физички повреди избркана од домот и фрлана по скали. Бидејќи жената беше материјално необезбедена, беше приморана да ги остави децата кај мажот кој вршеше семејно насилство. Со моја помош, поведе и заврши постапка за развод, а пријавивме и се поведе постапка за семејно насилство. Сега веќе бившиот сопруг, ја убеди жената да се врати дома и да се смират до рочиштето за кривичната постапка за семејното насилство, за да ја повлече пријавата и да не се води постапка против него. Откако жената ја повлече пријавата, во рок од неколку месеци, повторно со физички напад ја избрка од дома. По бркањето од дома, сакаше да ѝ ја наплати присилно издршката за децата за периодот кога беа смирени и живееја заедно, што не му припаѓаше, бидејќи не беа разделени. Ја имаше дадено и на извршител. Со моја интервенција, го повлече  барањето. Најболно беше што насилството се случуваше пред очите на децата, кои не можеа да заминат со мајката која немаше услови. Но, мајката сепак одлучи да стави крај на таа врска. Беше вработена, па си обезбеди сместување за себе, а со децата оствари контакт преку социјалните служби.

Преку гласот на Катерина Котеска, ги охрабруваме сите жртви на семејно насилство, веднаш да се обратат онаму каде што треба, бидејќи стравот кој го чувствуваат, всушност е најголемиот тригер за нивното насилство.

Слични објави

(Фото) Потресна објава на Милиќ Вукашиновиќ: По ампутацијата на ногата, умирам од болки, дома е хорор

Еспресо

(Фото) Тежок луксуз, облечена во десетици илјади евра: Џина Џиновиќ во Монте Карло рамо до рамо со најбогатите

Еспресо

Хороскоп за 22 декември: Бикот да го направи првиот потег, Скорпијата ја чека изненадување, а вие?

Еспресо

Луна и Марко открија колку заработуваат од Јутјуб: „Доволно за еден луксузен стан во Белград!“

Еспресо

(Фото) Јована Јеремиќ му се обрати на својот татко со низа трогателни пораки: „Сите ќе умреме! Ако ме нема утре, напишав историја“

Еспресо

(Фото) Цеца Ражнатовиќ без грам шминка: Вељко објави приватна фотографија од семејната вила

Еспресо
Се вчитува....