14.8 C
Скопје
14:57 - 18 декември, 2024

Интервју со д-р Весна Попоска: Денешните просветители треба да го зачуваат наследството на првите просветители, а притоа да останат свои и да остават белег во времето

Денешните просветители треба да имаат доволно сомилост за да ги разберат различните аспирации, но доволно храброст да ја зборуваат вистината, и доволно пркос да ги погледнат во очи и идните поколенија и сегашните сограѓани – вели д-р Весна Попоска, деканка на Правен факултет.

За Денот на сесловенските просветители, за писменоста и образованието разговараме со доц. д-р Весна Попоска, универзитетска професорка, независна експертка и долгогодишна активистка.

Јазикот е нашето битисување, на повеќе нивоа. Во тоа битисување сме свесни и мислам дека имаме консензус за слабиот интерес за студирање на Катедрата по македонски јазик, но помалку сме свесни дека генерално е намален и вкупниот број матуранти и бруцоши во земјата поради иселувањето.

Кои се главните проблеми со кои се соочуваат младите Македонци денес во однос на образованието?

– Со оглед на последните случувања, образованието глобално беше поставено пред низа предизвици и  речиси принудна транформација и дигитализација заради пандемијата, што секако се одрази и во нашата држава. Во оваа конкретна ситуација, учениците и студентите се соочија со недостиг на дигитална инфраструктура и дигитална писменост, исто како и добар дел од професорите и институциите. Во оваа ситуација се покажа кој е навистина лидер во образованието, бидејќи лидерството се одразува во подготвеноста за промени и поседување на потребните вештини  за брзо прилагодување. Искрено се радувам што бевме еден од ретките универзитети кои иако пандмијата го затекна како и сите други, не го пречека неподготвен.

Настрана од пандемијата како најакуелен проблем, верувам дека општата неизвесност и несигурност најмногу ги тиштат младите, бидејќи изборот на кариера најчесто е врзан со егзистенцијални или практични причини. Во училиштата и на факултетите често недостига и основна инфраструктура, не само дигитална,  а креативноста и интересот кои евентуално ќе се појават е полесно да се супримираат отколку да се наградат и провоцираат. Често се сретнуваме со суета и затвореност во академските кругови, што се обидуваме  секако да го надминеме со личен пример.  Во ситуација во која голем дел од младите својата иднина ја гледаат во странство, навистина е тешко да привлечете студенти и да ги подготвите за реалниот сектор. Дополнителен предизвик е образованието на мајчин јазик бидејќи Законот за високо образование предвидува финансирање на високото образование само за заедниците кои се повеќе од 20 % а условно кажано помалите заедници можат да имаат високо образование на мајчин јазик само доколку самите се финансираат и организираат што е предизвик и непропорционално оптеретување. Во ситуација во која основното и средното образование на мајчин јазик се финансирани од државата, при упис на факултет настанува драстична промена и непропорционален товар за бруцошите од заедниците. Токму ваквата ситуација беше мисла водилка кога го основавме Меѓународниот Универзитет Визион, кој единствено е акредитиран за вршење на настава на турски, македонски и англиски јазик, со цел да го транспонираме локалниот контекст во глобална визија и да ги направите мостовите помеѓу културите и заедниците повидливи.

Како долгогодишна професорка, какво е Вашето мислење, колку сме писмена нација и што најмногу Ве иритирало во Вашето искуство во однос на писменоста на студентите?

– Доколку ја земеме писменоста во нејзината наједноставна форма како способност за читање и пишување, веројатно спаѓаме меѓу најписмените нации во светот и многу простор за грижа нема, а секако сме склони да ги симплифицираме работите само кога не треба. Од друга страна, ако ја гледаме писменоста како комплексен процес и цивилизациска придобивка, или барем како способност за логично резонирање, многу повеќе ме загрижува состојбата на другата страна од катедрата отколку помеѓу студентите. Студентите се најпрекрасната група за работа и има екстремни случаи во сите правци, кои со себе ги носат сите навики што ги стекнале во основно и во средно образование и своите лични карактеристики. Пред некое време прочитав за едно истражување според кое младите во Македонија имаат можност да искористат максимум 56 отсто од својот потенцијал и тоа е многу фрустрирачко сознание за кое сите сносиме одговорност. Академската работа подразбира и определена педагошка и етичка одговорност, па генерално гледам секогаш да имам разбирање за сите, но ако нешто ме иритира, тоа е површноста и формалноста при извршување на задачите на ниво на неопходен минимум, дури и на ниво на инхибираност и страв да се искаже став, особено ако треба да се поткрепи со факти.

Доколку ја земеме писменоста во нејзината наједноставна форма како способност за читање и пишување, веројатно спаѓаме меѓу најписмените нации во светот и многу простор за грижа нема, а секако сме склони да ги симплифицираме работите само кога не треба.

Пандемијата даде значајно забрзување на ширењето на дигиталната технологија меѓу граѓаните. Колку денес се чувствува потребата за развивање или имплементирање дигитални вештини, секако во однос и на писменоста, на институционално и на индивидуално ниво?

– Иако на почетокот на пандемијата целата ситуација изгледаше како бауч, мислам дека сè што изградивме во минатиот период  направи од нас подобри луѓе и посилна институција. Тешко беше за оние универзитети што немаа соодветна дигитална инфраструктура и лиценцирани платформи за онлајн настава, ние се префрливме онлајн во рок од 24 часа и искуството и за нас како институција и за студентите е повеќе од позитивно. Дигиталните вештини и дигиталната писменост се предуслов за работа за голем број професии, но и за успешно завршување банални работи од секојдневниот живот преку кои долгорочно се помага за поефективна алокација на ресурси и поквалитетно поминато време. Колку побрзо го сфатиме тоа и колку побрзо го примениме, толку ќе ни е полесно и како индивидуи и како институции и како држава. Дигитализацијата овозможи голем број конференции, симпозиуми и културни настани, кои вообичаено би биле преголем трошок за образовен систем како нашиот, да станат подостапни. Од друга страна, во време на економска и енергетска криза, рационалното трошење на ресурсите се покажа како повеќе од неопходно. Верувам дека, ако ништо друго, тие  научени лекции ќе ни останат во сеќавање и во иднина.

Како треба да се грижиме за нашето јазично наследство? Каде досега најмногу згрешивме?

– Прв одговор што ми паѓа на памет е една брилијантна мисла од Конески, кој вели дека јазикот е единствената наша татковина. Сè додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како „куќа, како дом, како огниште“. Одговорноста ја имаме сите ние и како поединци и како институции. Секој од нас може да направи некаква промена, за почеток да започне да користи кирилична поддршка на тастатурата на мобилниот телефон. Следна е институционалната одговорност. На шега знам да кажам, кога ќе ме прашаат дали имам поминато некоја посебна јазична обука бидејќи инсистирам на користење на литературниот јазик, дека во Гостивар најмногу научив македонски. Нашиот ректор проф. д-р Фадил Хоџа е професор по старотурска книжевност, кој целиот претходен работен век го помина на Филолошкиот факултет „Блаже Конески “ при УКИМ и е бескомпромисен во поглед на употребата на  стандардизираниот македонски јазик. Често знаел да ме поправи кога ќе употребам некој интернационализам и да ме потсети дека „си имаме ние убав збор за тој израз“, за што од денешен аспект сум му исклучително благодарна.

Во 50-тите години на минатиот век, македонските медиуми многу помогнаа да се унифицира  јазикот меѓу Македонците. Каква алатка се денес телевизиите во однос на зачувување на литературниот македонски јазик и порталите во однос на зачувување на писменоста?

– За жал, и секоја чест на исклучоци, медиумската писменост е сериозен предизвик по повеќе основи: од употребата на јазикот до генерирањето на лажните вести. Тука е одговорноста и на новинарите и на уредниците, и на програмскиот совет на МРТВ, но и на механизмите за саморегулација, а секако и на политичарите и јавните личности, особено на таканаречените „инфлуенсери“  и социјалните медиуми. Секако дека најголемата одговорност е кај креаторите на политики, но практиките на неказнивост за неодговорноста често ги прават имуни на незадоволството што се генерира. Квалитетот на програмските содржина и на оние што ги пренесуваат е еднакво важен. Мислам дека мојата генерација ја описмени култната „Бушава азбука“. До денес ми се останати во сеќавање книжевните цитати што ги пренесуваше Ненад Стојановски.

Јазикот не е само алатка, тој е културен идентитет, начин на постоење, пренесување на цивилизациското наследство. Колку сме свесни за тоа и зошто, според Вас, исчезнува интересот на младите за изучување на мајчиниот јазик, а тоа го покажува и фрапантно слабиот интерес за пријавување студенти на Катедрата за македонски јазик?

– Има една мисла од Крсте Петков Мисирков соодветна за Вашиот заклучок: „Велам, за среќа, има македонска национална култура и историја, зашто тој факт го вооружува македонскиот народ со непобедливо оружје во неговата борба за човечки права и за слободен национален живот како рамноправен член во бројот на културните народи“. Се согласувам во потполност дека јазикот е нашето битисување, на повеќе нивоа. Во тоа битисување сме свесни и мислам дека имаме консензус за слабиот интерес за студирање на Катедрата по македонски јазик, но помалку сме свесни дека генерално е намален и вкупниот број матуранти и бруцоши во земјата поради иселувањето и пошироки општествени процеси што тешко може да се запрат ако не се направат системски промени во образованието, здравството и социјалата, во квалитетот на живот и во животниот стандард. Дополнително, можностите за работа и заработка со хуманистичките, па и со општествените науки, се многу ограничени.

Какви треба да бидат денешните просветители, и каква нова мисија ни треба?

– Да го зачуваат споменот и наследството на првите просветители- солунските браќа Kирил и Методиј и охридските Климент и Наум, а притоа да останат свои и да остават белег во времето, како што оставиле  и тие- ако не за 1000 години, барем за еден век. Да имаат доволно знаења за длабоко и цврсто да ги постават темелите, а доволно флексибилност да разберат дека јазикот е жива материја и дека употребата на родовосензитивен јазик не е спротивна на народниот дух,толку важен за осонзавање на душата на јазикот. Да имаат доволно сомилост за да ги разберат различните аспирации, но доволно храброст да ја зборуваат вистината, и доволно пркос да ги погледнат во очи и  идните поколенија, и сегашните сограѓани.

Kирил и Методиј направија азбука за сите словенски народи, ни останува да ја сочуваме и унапредиме во знаења и научни резултати. Неопходни се инвестиции во науката и во вистинските луѓе ако сакаме да оснаеме верни на наследството кое ни го оставија. Папата Јован Павле Втори во 1980 година ги прогласи за созаштитници на Европа поради нивната мисионерска дејност преку која ги обединија Истокот и Западот на Европа.Нивната мисија  беше наречена просветителска и тоа мора да го имаме во предвид во градењето на визија за тоа во какво општество сакаме да живееме, и тоа е стандард поеденакво применлив за сите на кои кириличното писмо им е или не им е дел од мајчиниот јазик.

 

Слични објави

„Таа сега е со штрафови во нозете“: Жељко Јоксимовиќ откри детали за состојбата на Лепа Брена по несреќата на концертот

Еспресо

(Фото) Анастасија Ражнатовиќ и Немања Гудељ во шок! До телефонот ставиja детектор за зрачење и предупредија на голема опасност

Еспресо

(Фото+видео) Луксуз на дело: Цеца Ражнатовиќ дојде со торба од 30.000 евра на прославата на Жељко Јоксимовиќ

Еспресо

Том Круз ја доби највисоката награда на американската морнарица за улогите во воени филмови

Еспресо

Скандал во шоуто на Амиџиќ: Дарко Лазиќ почна да ја фали бившата, Катарина побледе од срам!

Еспресо

(Фото) Емина Јаховиќ ги покажа стомачните: Згодната пејачка е во најдобрата форма досега!

Еспресо
Се вчитува....