-3.2 C
Скопје
03:33 - 23 декември, 2024

(Фото) Лејла Рамковска нè води низ Танзанија: Хакуна матата! Нема проблем само ако сте задоволни од тоа што го имате

Можноста да се служи на природата, животните, луѓето е големо богатство и можеби највисока цел и извор на исполнетост. А, добронамерноста е најголемиот предизвик што човекот треба да го научи – со ваква животна лекција јога инструкторката Лејла Рамковска се врати од Танзанија.

Фото – приватна архива

Во Танзанија, вели, ја однела потребата да види еден друг, непознат свет, друга реалност. „Далеку од комфор зоната и дестинација што би ми била колку-толку позната. Ми се допаѓаше тоа што претходно си немав направено никаква слика и oтидов без очекување“, ни објаснува Лејла Рамковска, јога инструкторка, на почетокот на разговорот зошто ја одбрала токму Танзанија годинава за летна дестинација.

Кои беа твоите први впечатоци на доаѓањето, какво беше првото културолошко искуство?

– По долг пат, два лета по 5-6 часа, пристигнавме директно во главниот град Стон Таун (Камениот град), каде што едноставно таа апсолутна различна културолошка слика ми разбуди љубопитност убаво да го запознам овој разнолик остров. Како што веднаш можеше да се забележи нискиот стандард на живеење, исто толку беше впечатлив и ведриот дух на тамошните.

Какви се Танзанијците? Како живеат, со што се оптоварени, на што се радуваат, каква музика слушаат, какви автомобили возат?

– Добронамерни, насмеани и љубопитни. Како да беа оптоварени како да ни угодат (се смее, н.з). Сакаат да ти направат муабет, од каде сме, како сме поминале денес… На секој чекор нешто сакаат да ти продадат, но и тоа го прават на толку симпатичен начин. Претежно возат мотори, најчесто се во минибуси, но секако во многу, многу стари возила. Слушаат некоја нивна африканска музика на која и нè учеа како се игра. Многу сакаат да пеат, да играат и таа нивна енергија е заразна.

Фото – приватна архива

Доби ли претстава каков е политичкиот систем и дали се задоволни од него, каков е здравствениот систем, образованието?

– Искрено, за политика, општо, како што не ме интересира кај нас, така и за таму не се заинтересирав нешто околу тоа да дознаам. Здравствениот систем, за жал, им е лош, што претпоставувам е и причина што имаат низок животен век. Доста нискиот стандард на живеење се одразува и на училиштата и на условите што ги имаат.

Се соочуваат ли Танзанијците како и Европејците со страв од коронавирус, мајмунски сипаници, кои здравствени проблеми се актуелни?

– Навистина не забележавме нечие оптоварување со некој посебен здравствен проблем. Можеби го има, но за периодот што бев таму, не успеав за тоа да се информирам. Секако, не се бара некоја вакцина и главно се смета за безбедна дестинација од секој аспект.

Вкусна ли е традиционалната храна? Што најмногу уживаше да пробаш, да јадеш, да се напиеш?

– Храната е превкусна, цените не се високи и за најбогатата морска храна. За пијалак – кокос, секако. Буквално е достапен на сите страни.

Фото – приватна архива

Сретна ли македонски туристи, има ли Македонци што живеат таму? Балканци?

– Македонци не сретнав, но имаше неколку групи од Србија. Некој од наш крај да живее таму, исто така, не видов, но ако има, нека биде поздравен.

Какви се условите за живот како странец во Танзанија? Каква е понудата за работа? Какви се просечните примања?

– Искрено, повеќе ме привлекуваше да дознаам како остануваат толку позитивни покрај нивниот низок стандард на живеење, како се задоволни со тоа што си го имаат. Можам само да кажам дека работат две смени, истите луѓе работеа од наутро до вечер. Едно нешто е сигурно, никаде не се брзаат. Едното мото им е „pole, pole“ (полека, полека), а другото „hakuna matata“ (нема проблем).

Како го спои задоволството од јогата што ја практикуваш и секаде ја „носиш“ со себе со задоволството на земјата?

– Едноставно не можев да одолеам да не спојам за слика некоја фина јога позичка со таа убавина. Останатото беше стоотстотно уживање во мирот, но и во авантурите што ги нуди овој остров.

Која е доминантна религија во земјата и каков однос имаат Танзанијците кон јогата?

– Доминантна е муслиманската религија. Со јога мислам дека немаат допирна точка, но затоа секој втор е „роден“ акробат. На секоја плажа ни приредуваа акробатски претстави.

Кога се зборува за Танзанија, асоцијација се плажите на Занзибар, но што тебе денес те асоцира на Танзанија?

– Занзибар ме асоцира на сè уште неуништена дива, но и скромна убавина, од страна на луксузни одморалишта. Иако ги има, сепак се во мал број. Се надевам така ќе остане.

Што научи од ова патување, од тие луѓе, од самата земја?

– Дека можноста да се служи на природата, животните, луѓето е големо богатство и можеби највисока цел и извор на исполнетост. Добронамерноста сметам дека е еден од најголемиот предизвик што човекот треба да го научи.

Фото – приватна архива

10 куриозитети што можеби сè уште не ги знаете за Танзанија

1) Земјата има 16 паркови и повеќе од 30 отсто од територијата припаѓа на заштитено природно подрачје.
2) Типично јадење е угали, пченкарна палента послужена со зеленчук, месо или риба.
3) 300.000 зебри, 400.000 газели, 1,5 милиони диви пчели се движат од една територија на друга, предизвикувајќи го феноменот на Големата миграција.
4) Националното знаме е составено од 4 бои: црна, што ја претставува културата на свахили и банту; жолта/златна, што го претставува минералното богатство; сина, која ги симболизира водите на езерата и на Индискиот Океан; зелена, која ја претставува плодната земја.
5) Дрвата баобаб, кои тука се присутни во голем број, можат да живеат до 1.000 години.
6) Со своите 5.895 метри, Килиманџаро е највисоката планина во Африка.
7) Националниот парк Езеро Мањара е единственото место во светот каде што лавовите се качуваат по дрвја. Паркот е прочуен по своите фламинга.
8) Спектакуларниот кратер Нгоронгоро, најголемата калдера во светот, е истовремено и едно од најдобрите места во светот за набљудување на големата петорка (лав, леопард, бивол, слон, носорог).
9) Националната химна се споделува со две други земји: Јужна Африка и Зимбабве.
10) Се зборуваат повеќе од 120 јазици и дијалектни форми.
Јасмина Кантарџиева Димков

Слични објави

Славниот водител сподели тажни вести: „Никогаш нема да те заборавам, многу поминавме заедно“

Еспресо

(Фото) Сув луксуз: Петар Грашо вложил 160.000 евра во станот на планина

Еспресо

(Фото) Анастасија Ражнатовиќ без трошка шминка и во лежерно издание! По славата на мајка си веднаш се врати во Севиља

Еспресо

(Фото) Потресна објава на Милиќ Вукашиновиќ: По ампутацијата на ногата, умирам од болки, дома е хорор

Еспресо

(Фото) Тежок луксуз, облечена во десетици илјади евра: Џина Џиновиќ во Монте Карло рамо до рамо со најбогатите

Еспресо

Хороскоп за 22 декември: Бикот да го направи првиот потег, Скорпијата ја чека изненадување, а вие?

Еспресо
Се вчитува....