7.8 C
Скопје
01:32 - 29 март, 2024

(ФОТО) ИНТЕРВЈУ СО МАЈА МАРКОВСКА, СУПЕР ЖЕНА, ГУРМАНКА: Готвењето за мене е грижа за луѓето

За сите мераклии на домашно сукано, љубовно спастрено, „облак во панталони“ торта, лебови правени со најголема посветеност, зборуваме со нашата соговорничка, гурманка и супержена – Маја Сонце Марковска.

По професија знам дека е HR (кадрово), дека има работено на илјадници проекти поврзани за животната средина, но нејзината основна, приватна љубовна средина би рекла дека е гурманската, онаа што топли очи, сетила и стомак.

Фото: Приватна архива

Прво да ја откриеме Маја, а потоа низ фотографии ќе ви ја раскажеме нејзината приказна…

Која е Маја, вака одокативно, ко што би рекла ти? Што се тајните состојки во еден карактер кој спојува уметничка дарба за готвење, а башка и дарба за работа и комуникација со луѓе?

Абер немам која е 😊.  Маја ти човек што се менува, расте и проеобразува и физички и ментално низ годините. Моментално е 40 годишна тетка/баба/девојче/ која што не е иста со онаа што имаше 35 години на пример.

Убаво е кога ќе сфатиш дека растеш и се менуваш. Како што вели еден од моите омилени цитати од Bowie: “Aging is an extraordinary process whereby you become the person you always should have been.”

Мислам дека сегашната Маја е почетокот на она што од секогаш требало да бидам. Како сé претходно да ми беше подготовка за ова сега, оваа Маја која што вака ќе продолжи да старее.  Кога ќе сфатиш дека немаш 2 животи и дека овој што ти е едниов многу лесно можи да заврши, повлекуваш линија или ставаш точка и веќе ништо не е исто. Ама генерално треба нешто тектонски да те измести за да сфатиш. Ако не, ќе се разбудиш на 50 и кусур и ќе сфатиш дека живееш во темница.

Кадрово и готвење е многу слична работа. Готвењето е само различен вид на комуникација со луѓе кога ќе подразмислиш поубаво.

Фото: Приватна архива

Мојот пристап кон кадрово е сличен со пристапот кон готвење. Грижата за луѓето. Да се добри, да им е пријатно, да се здрави, да им е удобно со себе, да се среќни со себе.  Искрена сум, несмасна бајаги и голема (физички), гласна, гушкам ретко ама квалитетно. Иако изгледам како незграпно гласно жениште, многу лесно ги чувствувам луѓето. Речи го интуиција или енергија, некако го имам и така ги откривам или покривам. Памтам многу, приметувам ситници, погледи, воздишки, издишки работи што се надвор од она што луѓето го зборуваат. Во последно време некако е тренд луѓето да се раскажуваат какви се место да покажуваат. Е па јас поќе го гледам она што не е раскажано. Покажаното го комбинирам со раскажаното и некогаш има смисла, некогаш нема. Немам проблем да кажам тоа што другите го молчат од разни причини. Исто и кај готвењето. Немам проблем да искомбинирам контра состојки и на крај да добијам аууу. Како на пример кокос со лук и нане. Склопи го како намаз и додај му козјо сирење, ќе плачиш.

Знам дека некое време си преселена во Побожје. Живот на село значи…

Живот на село значи раат глата! Мир и тишина, шетање гола низ двор, спиење под ѕвезди, дишење чист воздух.

Живот на село значи спокој и многу љубов. Двор, животните: Михајло, Тоби, Буви, Љубица и вечниот гостин Круме, никогаш непрежалените кокошката Пилешко и малиот симпатичен пес Кочо,  смешни обиди за садење бавча ама годинава ми се погодија тиквиците.

Живот на село значи клавање дикат на количини на потрошена вода, колчини на ѓубре кои ги правиме, компостирање, ѓубрење земја со природни нешта, користење бабини рецепти за многу работи.

Живот на село значи пуштање коса, престанав да се фарбам, не сум стрижена од 2019. Адо, мојот сеуште омилен фризер и волжебник за фарбање не сум го посетила веќе 3 години. Не кубам веѓи (Извини Јагодо) користење многу помалце хемија низ дома и на себе.

Живот на село е една реченица од Конески во Песната Тетин Ристе.

„Си приплескав, сполај му, куќуле, и сега пред него можам да садам џунџуле“.

Живот на село е јас и Ангел во тишина. Јас месам леб тој поправа некое појачало што го купил расипано и му го враќа животот.

Живот на село значи реконструкција на најубавите моменти од детството ама како возрасна. Растев на викендица кај тетка ми и тетин ми во Ореовец – Прилепско и најубавите спомени ми се од таму. Викенди полни со природа, храна, многу музика, пеење и драги луѓе.

Живот на село за мене е се надевам последно селење во животов. Требаше да поминам од Битола до Прилеп па Струга па Скопје за да стигнам до овде, Викенд населба Побожје – Општина Чучер Сандево.

Фото: Приватна архива

Освен што готвиш и украсуваш тартови, пити, торти… Ги подаруваш-продаваш-претставуваш на креативен начин преку инстаграм под хаштагот #mаyacooks профилот е @mayacooks. Што те радува најмногу при овој процес? Кои се предизвиците да „погодиш“ некого во срце и стомак?

Кога го спремав блогот со рецепти и храна ми требаше делот за запознавање со потенцијаните читатели. Никогаш не сум знаела како да ја опишам потребата за готвење ама некој што ме знае, го стори тоа за мене.  Кумот ми го склопи текстот кој што комплетно го опишува тоа:

„Постојат две работи за кои не сум сигурна која од тие две нијанси повеќе ја бои мојата личност: aлхемичарската љубопитност за совршено искомбинирани состојки кои ја чинат гастрономски убава храната или љубопитноста за личноста за која готвам.

Кога се припрема храната сакам да зборувам со оние за кои готвам. Сакам да знам кои се, од каде се, што ги прави среќни, што ги прави тажни…

И за време на тие мигови, мислам дека храната го добива оној таен зачин кој не е запишан во ниеден рецепт за нејзина подготовка. Храната за време на тие мигови, станува – како за нас. Споделена топлина!

Кога готвам за гости, готвам и си прајме муабет и тука биднува јадењето и балансот на карактер со храна. Кога спремам некоја нарачка, им го листам инстаграм профилот на нарачателите, мојот впечаток од сликите е креацијата на јадењето.

Фото: Приватна архива

Кога беше малечка, што ти беше омилен интерес во кујната? Што научи прво да зготвиш?

Мајка ми е бог во кујна! Уште вежбам ама не сум и ни до колена. Готви со интуиција и  љубов. Тетка ми готвеше некласична храна и комбинации. Како на пример првата лазања во животов пробана беше нејзината пролетна лазања со зеленчук, без месо.  Во моето семејство уште се збунети од моево готвењево. До кај 32-33 години не пржев ни јајце. Немав никакви афинитети кон кујна. Имав кон чевли. Чевли на штикла, сандали, влечки, ташни и марами.Сега слабост ми се кујнски крпи. Имам над 100, користам 10. Другите ги чувам за нови 😊

Имав експериментални обиди в кујна на 9-10 годишна возраст од прилика. Слегував во летната кујна кај баба ми и во мир и тишина праев глупости. На пример, домашен еурокрем во блендер со маргарин стопен, какао, шеќер и јајце. Тоа беше интересено. Сендвичи без леб – кашкавал и ајвар комбинација (кашкавалот глумеше лебче) и фаворитот домашна алва од гриз со рецептот познат како 1234. Така одеа мерките. 1 мерка масло, 2 мерки шеќер, 3 мерки гриз  4 мерки вода мислам дека ги погодив по ред.  Редовно загорен гриз, со трајни последици по тенџерињата и ринглите. Со лузни беше пуста рингла од гризот загорен.

После тоа папсав и не се интересирав за готвење. Сега си враќам филм дека готвењето ми беше и сеуште ми е одмор, медитација и исклучување од светов. Не знам како да опишам ама кога готвам сум среќна, кога јадат тие околу мене сум уште посреќна. Главен дегустатор и критичар освен Ангел е сестра ми. Бате е царица!

– Маја, ова не е благо! Ова горчи!

– За роденден да ми напрајш торта ама вистинска, блага, не од твоине експерименти.

Фото: Приватна архива

Омилен вкус/комбинација кој те потсетува на она што си…,

Многу е незгодно ова со вкусовиве. Се менува тоа со растење или стареење, како сакаш крсти го.

Овошни вкусови многу сакав едно време и воден сладолед, тоа ми беше вауу вкус. Сега е башка. Зависи од годишно време или од состојба на главата ама сенешто ми се меша и многу комбинации се она што сум.

Навлечена сум на разни видови сол во последно време. Имам сол, да се конзервирам и себе и цела куќа.

Мајка ми и татко ми на гости:

-Добро бе дете, имаш ти нормална, тузланска сол?

– немам.

Следна сцена!

Татко ми отишол да купи, да имам  сол, вистинска не од овие чудниве.

Крем од лимон што го користам за тарт е еден вкус што е Маја на пример.

Мармалад од портокал со печено лебче, пармезан и панцета е исто скроз јас

Зелка манџа со суви сливи е јас кај што викам. Исто Маја кога е гласна е маринирано ребро во ораховка и какао.

Фото: Приватна архива

Пица со моцарела, муфлосано сирење и круши е исто Маја ама тивка.

Мислам дека најмногу си личиме со една старска торта со многу пандишпан а малку фил или татко ми како што ја вика Благ леб. И на изглед – пандишпанот е дебел како мене и комплициран исто така како мене дека е измешан или со црн чај или лаванда зависи од денот  а кремот е од ванила (вистинска) исто како мене.

Слични објави

(Видео) Миа Костова стана жртва на измама: Не рекламирам чаеви за слабеење, не наседнувајте на лажни реклами

Еспресо

(Фото) „Моите деца ме подмладуваат“: Симона Поповска го прослави 32. роденден со семејството

Еспресо

Принцот Хари ќе има кратка и официјална средба со кралот Чарлс: Еве ги деталите

еспресо

Уапсен познат српски естраден менаџер: Во станот му нашле дрога

Еспресо

Искрено со Пеце Суперхикс: Во лутина имаше и физички пресметки и фаќање за гуша, но затоа издржавме 30 години

Александра Георгиев

(Фото+видео) Сите гледаа во задникот на Цеца: Пејачката се „стегна“ во кожна комбинација од 350.000

Еспресо
Се вчитува....