4.8 C
Скопје
01:41 - 26 декември, 2024

Дана Сиљан и Елена Ставреска, учители по таи чи чуан и здравствен чи гонг: Најголемиот непријател против кого се бориме во животот е стравот

Учењето борбена вештина го менува телесниот став, ја поттикнува општата благосостојба и внатрешниот мир. Доколку се избере патот на умереноста, конфликтите ќе се избегнуваат, а животните приоритети ќе подложат на построга селекција и не би дошло до ситуација за каков било физички напад.

Дана Сиљан е учител по таи чи чуан и здравствен чи гонг, претседател на Македонската Вушу федерација, претсдател и главен учител во Вушу клубот „Феи лонг“ и магистер по социјална работа. Со таи чи чуан се занимава од 2003 година. Нејзина колешка по страст за кинески борбени вештини е Елена Ставреска, исто така учител по таи чи чуан и здравствен чи гонг, генерален секретар на Македонската Вушу федерација, учител-асистент во Вушу клубот „Феи Лонг“, дипломирана сликарка и филигранистка. Со таи чи чуан се занимава од 2009 година. Дана и Елена се и креаторки и уреднички на првиот македонски интернет-портал посветен исклучиво на борбените вештини, источната мудрост и филозофија, како и на алтернативната медицина, „Зен ординација“. Денес разговараме со овие две дами, махерки за справување со стрес преку кинески борбени вештини.

Кога и како се појави вашиот интерес за изучување кинески борбени вештини и која е нивната предност во однос на класичните спортови?

Данa: Таоизмот и зен будизмот ми беа поле на интерес уште во средношколските денови, а во нивната суштина се втемелени теоретските и филозофски столбови на кинеските борбени вештини. Секоја источна борбена вештина, кинеска или јапонска, се карактеризира со специфичен пристап и концепт во одржување на дисциплината, кој, пак, вклучува начела на однесување и почитување во самиот клуб каде што се практикува. Учителот не е само тренер, туку е авторитет што се почитува и влијателна фигура на чија мудрост, знаење и разбирање, учениците можат да се потпрат. Тој е одговорен за групната кохезивност и за динамиката во клубот.

Елена: Потребата за изучување некоја борбена вештина за првпат ја препознав и ја почувствував во своите студентски денови. Неопходно ми беше да најдам начин да си ја подобрам физичката сила и еластичност, а истовремено и да поработам на својот фокус, издржливост и ментална стабилност. Таи чи чуанот, како борбена и медитативна вештина, ме привлече со својата префинета естетика, комплексност и мекост на движењата од една страна, како и со култивирањето на внатрешната сила и применливоста на истите движења во борба, од друга страна.

Ја основавте Македонската Вушу федерација. Што значи самиот поим вушу, која е активноста на Федерацијата?

Дана: Вушу претставува унија на кинески борбени вештини, класифицирани како спортски дисциплини. Македонската Вушу федерација е една од помладите спортски федерации кај нас и товарот за нејзиното одржување го носиме јас и Елена од состаноци, патувања, натпреварувања, до интегрирање на клубовите и слични комплицирани формалности и административни процедури.

Елена: Меѓу другото, федерацијата ја создадовме и за промовирање и популаризирање на вушу вештините, какви што се таи чи чуан и винг чун кунг фу. Редно време е луѓето овде да почнат да препознаваат и други борбени вештини, освен карате.

Какви предиспозиции и квалитети треба да поседува една личност за да почне да ги иучува кинеските боречки вештини и која вештина се препорачува за почеток како најприфатлива? Постои ли возрасна граница за почетници?

Дана: Кинеска борбена вештина може да практикува секој што има желба да научи. Друга предиспозиција не постои.

Елена: Нема ограничување во однос на возраста, секој си напредува во согласност со своите можности. Најважно е вежбачите да одржуваат дисциплина и редовност.


Таи чи чуанот има една интересна карактеристика – максимално го ангажира умот да биде присутен овде и сега. Со негово применување, нервниот систем нема ни време, ни простор, ниту пак енергија, да се фиксира на стресот и анксиозноста.

Кои се здравствените предности на конкретно на популарното кунг фу? Се покажало ли ефикасно во реалниот живот, на пример, во самоодбрана особено за жените?

Дана: Кунг фу е еден избор за тоа како да се одржи или да се унапреди психофизичкото здравје. Одлуката е индивидуална и зависи од тоа како практикантот се чувствува за време на тренингот, а уште поважен е впечатокот после часот. Најголемиот непријател против кого се бориме во реалниот живот е стравот. Учењето на борбената вештина го менува телесниот став, ја поттикнува општата благосостојба и внатрешниот мир. Доколку се избере патот на умереноста, конфликтите ќе се избегнуваат, а животните приоритети ќе подлежат на построга селекција, и не би дошло до ситуација за каков било физички напад.

Елена: Една од благородните цели на кунг фу, како и на останатите вушу вештини, е соочување со самите себе и согледување на недостатоците. Убавината е во тоа што борбените вештини ни овозможуваат да работиме на постепено намалување, па дури и елиминирање на овие недостатоци. Низ тој процес, ја градиме нашата самодоверба и учиме цврсто да стоиме зад себе – да си бидеме сопствена доверлива поддршка. Овие придобивки се подеднакво важни и релевантни за секој човек, без разлика на полот.

Зошто се смета дека дисциплината таи чи чуан е една од најпознатите медитативни вештини во светот, каква е релацијата меѓу надминување на стресот, односно медитацијата, и одбраната?

Дана: Цела магистерска теза напишав на оваа тема. Кога станува збор за борбата со стресот, таи чи чуанот помага во намалувањето на неговите симптоми, кои се одразуваат врз психофизичкото здравје на човекот. Стресот предизвикува нарушување на биопсихосоцијалната и на духовната рамнотежа на личноста, а таи чи чуанот има тенденција да ја возобновува и да ја одржува. Тоа е вештина во која се остварува комуникација помеѓу умот и телото, на едно повисоко ниво, овозможувајќи правилен проток на животната енергија. Доколку умот и телото ги поделиме според Јин и Јанг теоријата и на тој начин ги сфатиме како една целовитост, во рамките на кружниот симбол, тогаш ние почнуваме на нашата психофизичка состојба да гледаме како на еден цикличен процес, во кој едното го поттикнува функционирањето на другото. Овој процес може визуелно да се прикаже како возење велосипед, при што едното тркало е умот, а другото е телото, а ние треба да држиме рамнотежа и да се движиме напред.

Елена: Таи чи чуанот има една интересна карактеристика – максимално го ангажира умот да биде присутен овде и сега. Мозокот истовремено треба да ги контролира и да ги координира сите четири екстремитети, кои се движат во различни правци, со различна брзина; да ја регулира рамнотежата на телото; да внимава на дишењето; како и точно и прецизно да ја следи кореографијата на таи чи формата. На овој начин, нервниот систем, практично, нема ни време, ни простор, ниту пак енергија да се фиксира на стресот и на анксиозноста. Така, додека телото се „напнува“, психата се олабавува.

 

Слични објави

Приведена Гога Секулиќ: Сè се случило на границата со Хрватска, со неа бил и нејзин колега

Еспресо

„Секогаш ќе ми бидеш прво дете…“: Саша Ковачевиќ со емотивна објава покажа кој му е најважен на светот

Еспресо

(Фото) Адам Лабунски објави слики со ќерката Хана: „Моето мало девојче“

Еспресо

Ова се најскапите свадби на српската естрада: Милиони евра, лимузини, специјалиети и светски креации

Еспресо

(Фото) Се стегна во зимско одело: Јована Јеремиќ скија со дијамантскиот прстен на рака, ја диктира модата и на снег

Еспресо

Интервју со д-р Дејан Ставриќ, пионер на фако хирургијата во Македонија: Катарактата спаѓа во најуспешните и најбезбедни оперативни методи

Еспресо
Се вчитува....