На денешен ден пред 5 години, на 73 годишна возраст почина Есма Реџепова. Кралицата на ромската музика почина по кратко боледување. Оваа вест одекна низ Македонија, но и пошироко.
– Спомените за Есма никогаш нема да избледат, затоа што таа не замина, неа ја има во песните што ги остави. Никој нема да ги заборави ,, Зошто си ме мајко родила”, ,, Џелем, џелем “, ,, Чајорије Шукарије “, ,, Чекај животе ‘…- започнува Зорана Костовска, жената која 15 години беше верна пријателка на Есма.
– Таа беше космополит, таа имаше младешки дух, таа зрачеше со позитивна енергија, таа ја отвараше вратата и душата за сите. Се сеќавам дека на банкарската сметка се случуваше да нема ни еден денар, и велев да заштеди нешто за црни денови, а таа велеше ,, не се секирај, ќе направам концерт ќе се собере некој денар “. – раскажува Зорана.
Костовска е една од најблиските соработнички на кралицата на ромската песна и претседател на хуманитарното здружение „Кралицата Есма и Стево Теодосиевски“, но секогаш вели дека Есма е доживотен претседател на хуманоста.
И после 6 години, Зорана не може да и ја исполни последната желба на Есма.
– Пред 6 години Есма го напиша тестаментот во кој тогаш прекрасната куќа од 750 квадрати, на прекрасна локација кај Американска амбасада, ја остава, поклонува на државата. Заедно со сите вредни работи во неа, да биде Куќа на хуманоста и музиката. Но ништо, куќата е ограбена, руинирана, оставена на забот на времето. Неможев да ја погребам во дворот на нејзината куќа. Тоа и беше последната желба. – ни објаснува Зорана.
Последните часови пред смртта на Есма Реџепова се часови кои Зорана нема никогаш да ги заборави.
– Бев покрај неа во болничката соба до два навечер. Лекарите имаа разбирање. Пиевме кафе и гледавме спотови. Имаше желба да живее – ни откри Костовска.
Не ни помислувала дека тоа ќе биде нивното последно видување. Никогаш нема да го заборави разговорот во деновите кога Есма била хоспитализирана кој, како што вели, сѐ уште ја прогонува.
– Држејќи ме за рака ми велеше „Закопајте ме во дворот на куќата. Кога ќе доаѓаат да го видат, ќе ми запалат свеќа. Кој ќе оди на гробишта да го прави тоа.“ И ветив дека така ќе биде и ја излажав. Не мислев дека по неколку дена засекогаш ќе нѐ напушти. Тоа никогаш нема да си го простам – ни раскажа Костовска.
И покрај големите успеси, Есма никогаш не заборави каков е животот во сиромаштија, па непрекинато нижеше хуманитарни мисии за кои ѝ беа врачени огромен број награди и признанија. Нарекувана и „мајката со најмногу деца во Македонија“, Есма не роди свои чеда, но посвои и израсна 48 дечиња. До крајот на својот живот таа доби повеќе од сто внуци и правнуци.