Активистката Маја Поповска цели 12 години се занимава со спасување, лекување и вдомување на улични мачки, од 2014 година го раководи нејзиното здружение „Енџелкетс санктуари“ (Angelcats Sanctuary) со седиште во сопствениот дом, каде што секојдневно престојуваат меѓу дваесет и триесет мачки, а понекогаш, на одредено време и по некое куче.
Овојпат оваа спасителка на хендикепирани животни ни ја раскажува приказната за Мистер Клауд.
Не знам како му било името претходно. Само знам дека некогаш бил нечиј миленик. Што му се случило за да заврши на улица, можам само да претпоставам – се родил како мало пуфкасто снежно топче, некој скапо го платил, го чувал… и по некоја година, мачорот ете го на улица, исушен од глад, истоштен, со отпаднато крзно, се крие под автомобили, збунет, исплашен и никако не може да се снајде за храна…
Го забележа една активистка како исплашено ѕирка од под автомобил додека таа ги храни уличните мачки во нејзиното соседство. Очи полни страв, недоверба, очи полни мака и солзи… Реков, однеси го на ветеринар, да видиме во која состојба е, па ке се обидам да го доведам во ред и да му најдам дом.
И така бидна. Ветеринарот му ги направи сите тестови, крвни слики. Се покажа дека е ФИВ позитивен – тоа многу често им се случува на некастрираните мачори кои се борат за женки. Плус, забележавме и дијабола во телото – некому му било интересно да пука во него со воздушна пушка…
Веднаш беше кастриран. Дијаболата отстранета. Го земав дома по оперрација. Личеше на искубано стуткано чергиче за кое можеше само да се претпостави дека било бело порано. Седеше во посебна соба, зашто беше очигледно дека му треба мир и мора да се чувствува безбедно.
Малку по малку му го средив крзното, а и тој одлично соработуваше – редовно и упорно се чистеше самиот, додека не светна и се направи како бело облаче. Така го доби името. Мистер, зашто е со манири и Клауд зашто личи на пуфкаст бел облак.
И така тој си ги помина пролетва и летово кај мене, си се сончаше на тераса, си јадеше убаво, си спиеше во кревет, по малку и си играше, се додека еден ден не ми пишаа – Мистер Клауд има дом! Јеееееее! И покрај неговата состојба која ќе го следи до крај на неговиот живот (ФИВ), некој нему сака да му даде конечно љубов и дом каков што секому му треба.
Од средината на септември 2021 Мистер Клауд има свој конечен дом, негово сопствено царство каде што ужива.
А, да не заборавам – Англичанец е сега тој.
ФОТО ПРИВАТНА АРХИВА