Михаил, по професија дипломиран туризмолог и туристички водич и Кристијан Шемко, кој инаку се занимава со филмска режија и визуелна уметност, си го оствариле сонот од детството да си имаат сопствена фарма. До идејата за сопствена фарма дошле откако се решиле дека време е да променат нешто кај себе и да се занимаваат со нешто поразлично од сè што досега правеле. Михаил, претходно имал некакво искуство зашто во текот на животот дома чувал најразновидни животни од папагали, пајки, мали желки, риби до кучиња и мачиња, додека пак, Кристијан е режисерот кој ја смислува, пишува и ја режира приказната за Фарма Зрзе.
Каде живеевте претходно и што работевте пред да се преселите на село?
– Во животот сме смениле многу места на живеење и особено сме горди на тоа бидејќи секое место каде што сме живееле, сеедно дали било погодно или не, не збогатило со прекрасни искуства кои служат како потпора за денес да знаеме како да се адаптираме на било кое ново место во кое ќе одлучиме да живееме.
Родени сме во скопската населба Чаир, каде што живеевме краток период пред да се преселиме во Сиднеј, Австралија, каде што всушност израснавме и живеевме и работевме долги години. Бидејќи сме работливи деца, досега сме се занимавале со многу професии и сме промениле многу работни места. Сме работеле во професии како ѕидари, магационери, градежници, шофери, шанкери, келнери, фотографи, сниматели, визуелни уметници итн. Од сите искуства сме научиле големи лекции поради што сме многу благодарни на нашето патешествие.
Кој сè е вклучен во работата на фармата и на што сте насочени, на кои домашни производи е вашиот фокус?
– Михаил е одговорен за производството. На пример, обезбедува беспрекорни услови за кокошките да имаат идеална нега, исхрана и заштита. Воедно складирање на јајцата и безбедно пакување за подготовка за транспорт. Јас, (Кристијан, н.з) сум задолжен за маркетингот. На пример, водење на социјалните мрежи, смислување дизајн за продуктите, комуникација со клиенти, спроведување нарачки, како и транспорт на продуктите до купувачите. Нашата мајка Ружица, или Мама Роуз, е задолжена за подготовка на највкусните домашни јуфки кои се правени со нашите еко јајца и со многу љубов бидејќи Ружица е многу страствена за готвење уште од мали нозе. Целиот дом ѝ е преполн со рецепти и секогаш знае за ручек или вечера да не изненади со некој специјалитет, домашен или интернационален. Мило ни е што пораснавме со нејзината прекрасна храна.
Засега, фокусирани сме само на јајца од кокошки пуштени на отворени пасишта и домашни јуфки. Сметаме дека се доволни овие два производа, иако во иднина планираме да воведеме новитети како јајца од препелици и пилешко месо од кокошки кои пасат на отворени пасишта.
Колку домашните јајца се актуелни меѓу жителите на Македонија, и колку воопшто Македонците се заинтересирани за здрава и природна храна?
– Кога ќе се спомне Македонија, на сите ни доаѓа на ум прекрасната кујна што ја имаме и топлото гостопримство кај народот. Не е ни чудно што Македонците се големи гурмани, за сите типови на вкусни гозби. На наше големо изненадување, видовме дека Македонците обожаваат да конзумираат јајца и домашни јуфки. Сметаме дека дојде време кога сите на дофат ги имаме сите информации што ни се потребни. Така што многумина кои купуваат од нас, одбираат квалитетно да се хранат бидејќи сметаме дека во овој 21 век, луѓето ја сфатија потребата од здрава и балансирана исхрана со која ќе можат да имаат придобивки во секојдневниот живот.
Нашите кокошки се одгледувани во хумани услови, со беспрекорна нега, балансирана исхрана, шетаат слободно и пасат на прекрасните ливади во село Зрзе на чист планински воздух и се капат во витамин Д од сонцето.
Какви услови нуди селото за да може фармата соодветно да функционира, дали нешто недостига?
– Од аспект на овој начин на одгледување кокошки, кој е најприроден за кокошките, селото овозможува одлични услови. Село Зрзе изобилува со прекрасна природа и ливади на кои кокошките обожаваат да шетаат и да се хранат со се што природата им дала како дел од нивната балансирана исхрана. Местоположбата е исто супер бидејќи средината е еколошка со чист воздух и има одлична вегетација што на село Зрзе му го овозможува тој природен примат погоден за секаков тип одгледување животни на отворени пасишта.
Колку државата е заинтересирана за поддршка на руралната средина?
– Судејќи според зголемениот обем на туристи, и домашни и странски, што го негуваат селскиот туризам, веруваме дека државата одлично си ја врши промоцијата на прекрасните села во Македонија. Нè радува фактот што селата почнавме да ги доживуваме како богато наследство од нашите предци. Ги гледаме селата како холивудски сет. Гледаме по тоа што нашите пријатели постираат на социјалните мрежи. Убаво е да се негуваат традициите бидејќи тие создаваат чувство на верба и припадност, не учат како да го цениме она што е најважно во животот, а тоа е убавиот однос со семејството и блиските, топлиот оган во зимата, мирисот на духовниот дом, вкусниот зеленчук од бавчата, малите секојдневни нешта кои се на дофат и се бесплатни, а кои воедни се и бесценети.
Каде ги пласирате вашите производи?
Нашите производи можете да ги купите директно од фармата со претходна резервација, да ги нарачате директно преку нашата инстаграм страна, при што ги доставуваме во Скопје еднаш неделно директно до купувачите, а за сите останати градови, испраќаме по карго – исклучиво јуфки.
Пред нас е зимската сезона, произведувате ли и зимници?
Еве баш денес правевме домашен ајвар. Излезе превкусен. За други зимници и немаме баш време периодов бидејќи целосно сме посветени на активностите на фармата.
Кои се вашите планови за развој?
Би сакале со текот на времето да нудиме и други продукти, да нудиме и интересни активности поврзани со селскиот туризам, како и запознавање и дружење со луѓе кои се љубопитни за ваквиот начин на живот. Најбитно е да сме живи и здрави, да создаваме подобра иднина за сите, да промовираме здрав начин на живот и исхрана, како и да создаваме дела што ќе останат.
Кога сме веќе во Зрзе, што задолжително треба да се посети во селото и околината, и нуди ли селото услови за сместување, гастрономија и слично?
– Од туристички атракции, најпрво би го спомнале преубавиот манастир, Св. Преображение кој нуди духовно спокојство со поглед кон Пелагонија. Селото исто така изобилува со стари, автентични куќи за љубителите на селскиот туризам, за оние кои сакаат да прават хајкинг, би препорачале посета на пештерата Змејовица за која има интересна легенда, преубава природа, пиење вода од извор како и разговор со расположените мештани кои ќе ви раскажат интересни приказни и анегдоти за животот на село. Засега, селото нема сместувачки капацитети и ресторани. Сепак, веруваме дека во иднина селото ќе понуди и такви активности.
*
Овие написи може да ги следите и во групата … ДВОРЧЕТО …, група во која има едно чудо разноразни убавини, и која ви ја препорачуваме да ја посетите и да си станете нејзин член!
УЖИВАЈТЕ ВО ФОТОГАЛЕРИЈАТА.
ФОТО – ПРИВАТНА АРХИВА