3.8 C
Скопје
10:09 - 21 декември, 2024

ЛЕКОВИТАТА МОЌ ЗА НЕПЛОДНОСТ НА ИЛИН КАМЕН: Ги услишува молитвите на жените неротки

Во подножјето на планината Влаина, по долината на Брегалница, во непосредна близина на Делчево, се простира селото Ѕвегор. Мештаните раскажуваат дека некогаш, тука се наоѓал голмиот град Ѕвегор. Името го имал добиено по некој огромен ѕвер, што живеел на ова место и уривал се пред себе. И навистина, недалеку од селото има стар антички град, но не со толакава големина како што се прикажува во народното предание.

– Пијанечкиот крај е богат со неизмерно богатство на природни реткости и убавини за кои многу малку се знае. Природните реткости кои ги создала природата се едно дело нејзино, а народот создал своја приказна за неговото настанување – ни раскажува Димитар Узунски.

фото приватна архива

Целиот локалитет е познат како Илин Камен, а за остатоците од старата базилика, велат дека била црква на Свети Илија.

На Илин Камен се наоѓа една карпа која го носи истото име. Во долниот дел на карпата има кружен отвор, а народот вели дека ова е свет камен и ги лекува жените неротки.

– Некогаш, во дамнешно време, постоеле две населби, Долно и Горно Ѕвегри. Тие две села се пишани и во турските пописни документи од 16 век. Живееле заедно, ги славеле заедно големите христијански празници. Во Долно Ѕвегри постоела Црквата Свети Јоаким, а народот ја вика Ѓурѓина или Ѓурѓева црква. Еден ден кога се одбележувал празникот Ѓуровден, се собрал народ и од едното и од другото село. На прославата дошла и момата Илина од Горно Ѕвегри. Таа се издвојувала со својата убавина. Турците ја забележале и одлучиле да ја грабнат и да ја потурчат. Таа навреме сватила што намислиле Турците, успеала да избега и да се искачи по планината. Турците тргнале по неа, но Илина немала доволно сила да им избега. Дошла до местото каде што е каменот и се помолила на Бог: – Боже претвориме во еден камен само да не паднам жива во рацете на Турците и да не бидам потурчена. Бог ја исполнил нејзината желба и веднаш се претворила во камен – вели  Узунски.

Поради верувањата во моќта на каменот, овде доаѓаат многу неротки кои се протнуваат низ отворот во карпата.

– Многу жени доаѓаат тука, ќе се протнат еднаш или три пати низ отворот, палат свеќа и оставаат дар на каменот. некои од жените си нашле спас за својата мака.

На протнувањето му претходан неколку церемонии. Неротката треба да избере кум и да го донесе со себе кај каменот. Потоа заедно со кумот, жената плете плетенка од црвен и бел конец, и со таа плетенка три пати се заобиколува каменот. Потоа жената го врзува конецот како појас околу себе и го носи цело време. Сите обреди се прават во петок, така велат мештаните.

– Од солзите на убавата Илина подоле кај црквата потекла вода, денес ние ја сметаме за света вода. Луѓе со секаква мака, уште пред изгрејсонце доаѓаат на чешмата, се замиваат и напиваат од водата – вели г. Димитар.

Освен легендите за ова место, секој занемува и од прекрасната недопрена природа која го краси овој простор. Така, веднаш под патот кај Илин Камен е манастирот „Св. Илија“ со прекрасна околина покрај Ѕвегорска Река, а во околината има повеќе археолошки остатоци. Самиот локалитет „Илин Камен“ е уреден за посета и располага со одличен панорамски видик.

фото-приватна архива
фото-приватна архива
фото-приватна архива

Слични објави

(Видео) Рапер брутално убиен на паркинг: Се појавија вознемирувачки снимки

Еспресо

Хороскоп за 21 декември: Овните се оптоварени со љубовта

Еспресо

„Јас не можам да пеам!“: Јелена Розга ги одложи концертите во Белград поради трагедијата во Загреб

Еспресо

(Фото) Деколтето во преден план: Данијела Димитровска „пука“ од сексапил во целосно бела комбинација

Еспресо

(Фото) Чантата на Јелена Томашевиќ вреди колку зимување на Копаоник: Сите зборуваат за ова модно парче

Еспресо

(Фото) Поранешниот сопруг на Драгана Мирковиќ ужива за сите пари: Чаша бело вино и нереална глетка на убава дестинација

Еспресо
Се вчитува....