Изборот на тоа кои лични работи да ги споделиме, а кои не, најчесто зависи од нас…Земете предвид дека покрај телото, подеднакво важно е и психата да остане здрава, а токму балансот е тој што го прави сето ова изводливо…Во текот на животот се запознаваме со многу луѓе, некои ги прифаќаме, некои ги осудуваме…, открива во разговорот за еспресо.мк Христина Цветкоска или Кике Цветче.
Инстаграмџика и Јутјуберка. Да се предадеш целосно на Интернетот воопшто не е лесно. Што те инспирира да го направиш тоа и која е целта на твоето онлајн присуство?
– Социјалните мрежи ги користам како „јавно водење на дневник“, а мотивацијата за тоа е одговорноста која ја чувствувам како креатор. Не се имам предадено целосно на интернетот, само ги уживам придобивките од него. Ми дава простор да се изразам и можност да најдам истомисленици. Го доживувам како катче во кое можеме заеднички да созреваме и учиме.
Какво влијание имаат социјалните мрежи на твојот секојдневен живот?
– Доколку ги користиме правилно и умерено, повеќе се корисни отколку штетни. Сè повеќе се трудам да не трошам бесцелно време на нив, а сето време поминато онлајн да е во креирање и црпење инспирација.
Каков совет би им дала на младите што се обидуваат напорно да ја пронајдат својата насмевка, но едноставно не успеваат поради (не)секојдневните проблеми?
– Ако животот си го претставиш како игра, автоматски сè станува поинтересно. Проблеми секогаш ќе постојат, ама ако решиш да им се потчиниш – губиш. А поголеми шанси за победа имаш ако одбереш добри соиграчи.
Совршеното тело не постои, но сепак ретко на кого му е удобно во својата кожа, особено кога станува збор за млади девојки. Но, твојата самодоверба е на високо ниво и се сакаш себеси во целост. Како стигна до степен на себеприфаќање?
– Едно време мислев дека сум се прифатила, ама потсвеста ми диктираше други чувства. Кога се променија чувствата на подобро, бев сигурна дека овојпат навистина се прифаќам и вистински се заљубувам во себе. Затоа сега I’m living my best life.
Ни јас не сум се родила со висока самодоверба. Сум имала многу моменти кај што самодовербата била речиси непостоечка, особено како тинејџер. И јас тешко сум се справувала со сите предрасуди од околината. Сум се срамела да одам на плажа, сум се чувствувала засрамено во присуство на фит луѓе, особено при правење на активности за кои е потребна физичка активност. Сега, да би можела, на таа Кике би ѝ дала совет да не се плаши да го ужива секој момент од животот, затоа што тоа е најдобриот начин да се прифатиш каков што си, што е прв и најважен чекор за какво било подобрување.
Успешна и инспиративна, Кике започна нова мисија. Ја намали својата тежина. Зошто?
– Заради здравје, буквално првично заради здравје. Не заради изглед, не заради што ќе речат другите за мене, туку поради тоа што сфатив дека со таквото темпо на живот, без никаква физичка активност, ниту со внимавање на исхранa, многу е голема веројатноста да си го нарушам здравјето. Тажно е што болеста најчесто е најголем мотив да почнеме со грижа за нашето здравје. Затоа, несакајќи да се доведам до таква ситуација, си поставив нови стандарди по коишто сакам да се водам во животот.
Успешно завршена една година здрав живот. 365 дена посветеност на здрав начин на живот. Како започна, кои предизвици и потешкотии ги имаше на почетокот?
– Јас мислам дека постојат луѓе кои не ми веруваат на ова, но јас стварно немав некои големи кризи или потешкотии уште од самиот почеток, од аспект на пазење на исхрана и мотивација за вежбање. Мислам дека веќе бев стигната до степен да ми е преку глава дојдено од нездрава храна, затоа за кратко време се навикнав на здравата исхрана и сфатив дека досега не сум ѝ дала шанса да ми покаже колку е вкусна. Меѓутоа, имав минимални последици додека телото не ми се навикна на целосната промена, што сепак беше нагла. Јас всушност му приредив толкав шок на организмот, од најнездрав до најздрав начин на живот, што резултираше со покачена мочна киселина и болки во лево колено, предизвикани од преоптеретување. Сепак, најголемиот предизвик ми беше, а и сè уште ми е, организирање на времето во текот на денот, ама свесна сум дека е дел од процесот на трансформација.
Што се промени во изминатава една година? Како сето тоа влијаеше на тебе?
– Ми се промени целата перспектива на животот. Најбитната лекција што ја научив е балансот, како би можеле секогаш да се задоволат и телото и чувствата без притоа ниедно од нив да трпи. Научив да уживам во новите авантури, а не да ги доживувам како тешка задача.
Ја заокружи годината со фотосесија каде главен акцент ставаш на стриите. Зошто, какво значење имаат за тебе тие промени на телото?
– Стриите не се нешто ново на моето тело. Јас уште одамна си ги имав прифатено, но сега почнав и да ги засакувам, затоа што сфатив дека колку и да слабеам, тие ќе останат да бидат дел од мене и ќе го симболизираат моето минато и ќе ме потсеќаат дека не треба да се повтори.
Оваа нова идеологија ме инспирираше да ја направам фотосесијата, бидејќи сметав дека е совршен начин да пренесам сè што сум научила во изминатава година.
Објави видео каде си на снимање на вежби за новата програма на Ана Стојанова. За што станува збор?
– Пред една година сосем случајно ја почнав нејзината програма и при цел овој едногодишен процес на транзиција покажав дека и без некакво предзнаење, јас успеав да се снајдам во тој, за мене нов свет. Токму тоа сакаше да го претстави Ана со новата програма, дека секој може успее ако се посвети на тоа. Затоа, оваа година зеде жени на различна возраст и со различна физичка спремност, за да покаже дека сè што е потребно е дисциплина и цврста волја.
За крај…Со насмевка која плени, со позитивна енергија која сите ги обзема, со став кој го сакаат сите девојки, таква е Кике Цветче…Кој имал најголемо влијание на личноста којашто си денес?
– Најбитната личност без која не можам да си го замислам животов е Иван. Мислам дека е единствениот човек со кого муабетот никогаш нема да ми стане досаден. Не престанува да ме изненадува неговата желба за учење и за напредување во животот. Доживотно ќе ѝ бидам благодарна на судбината што ни ги вкрсти патиштата!
ФОТО – ПРИВАТНА АРХИВА