-0.2 C
Скопје
01:46 - 27 ноември, 2024

„Жолтите комбиња“ летаат на небо

Го гледав некни Александар Николовски во дебатата со Шекеринска на ТВ24. Ми остави силен впечаток оној негов монолог за тоа како некој него постојано го следи, го снима, го слика… Впечаток ми е дека човекот зборуваше искрено, возбуден, како некој кој без сомневање верува во тоа што го кажува. Дури не е ни важно што немаше интелигентен одговор на логичните прашања што му ги поставуваа соговорниците за тоа зошто таквите сериозни сомнежи не ги пријавил во надлежните институции или зошто барем не презентира некој посериозен доказ за тоа што го тврди.

Нормално, повеќето реакции се дека ваквото инсистирање на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ е лошо смислена политичко-криминална шарада за да се одвлече вниманието на јавноста од недостатокот на суштински одговори кои тој и неговата партија ги немаат за важни прашања од блиското минато, сегашноста и догледната иднина на земјава. Сепак, иако на Николовски не треба да му се оспоруваат квалитетите на вешт политички калкулант и речит демагог – тие квалитети, не само кај него, се неопходност за градење брза и успешна кариера во македонската политика – во оној телевизиски исказ тој со многу енергија и непосредност, пред сè, ни ја претстави својата човечка душа измачена.

Такво нешто на Антонио Милошоски, на пример, никогаш не би му се случило. Мислам на искреноста.

А, не е лесно да се живее во параноја. И тоа не е за исмевање.

По дефиниција, паранојата е инстинкт или мисловен процес развиен во услови на подолготрајна силна вознемиреност или страв предизвикан од одредени трауми во минатото, но и длабоко чувство на неизвесност за иднината. Паранојата те спречува да ги просудуваш работите рационално, а во политиката е згодна алатка за верување и спроведување догми, без сила или храброст да се доведат под сомневање наредбите и визиите на надредените.

Таа состојба на свеста кај Николовски е градена со години. И тој, како и илјадници други во Македонија, бил цел на долготрајни следења, надзор, контрола, неизречени закани и притисок за самоцензура не само за тоа што ќе се каже, туку и како ќе се мисли во неговата партија. Тоа е личното наследство со кое ги оптовари, им го всади во главите на голем број од соработниците на режимот на неговиот партиски идол, Груевски – кој и самиот живееше растргнат во сопствената параноја да не биде сакан од другите. „Ако не ме сакате, тогаш има да ми се плашите!“, би била лапидарната дијагноза на неговата состојба на свеста.

Сега е веќе јасно дека тој систем на масовно следење на комуникациите, контактите, приватниот живот и однесувањето на луѓето, кај Груевски не беше наменет само за вистинските или замислените политички опоненти, туку – уште повеќе – беше спроведен за  можност за потенцијални дискредитации и уцени на сите нивоа на луѓето вклучени во власта кои ќе покажат какви било знаци на намалена лојалност кон врвот на таа власт.

Името на Мијалков не беше лесно изговарано, без голема неопходност за тоа. Тоа е логиката на феноменот на Ќосето, технолошки унапредена за 21 век.

Со таков вид на интернализиран, „вграден“ страв нема преговори. Одговорот на тоа е параноја. Кај многумина таа трае и кога непосредната закана – режимот на Груевски – е отстранета. Всушност, таа бара нов, продолжен „режим“, за да може самата да се осмисли. Ако не се лечи.

Бидејќи, Николовски тврди дека е сниман и следен – од кого?! Од вештиот „режим на Заев“ чијшто титулар („пријател со секого“!) бил и самиот сниман, па потоа на ситно и „препродаван“, од синот на својот близок семеен пријател и висок безбедносен функционер, на ручек кај себе, дома?!?! … Пфф-кххх-ха-ха-ха-ха-хааааа… И да постојат, тешко дека тие „жолти комбиња“ имаат струмички регистрации.

Како што е познато, Николовски не бил дел од апаратот на големата операција за разновидно следење и прислушување што со години ја спроведуваше Груевски. Но, успехот и на неговата кариера се должи на пропагандните и другите злобни политички ефекти од таа гнасна операција. Николовски е денеска можеби и главниот партиски човек за контакт со Груевски, веројатно несвесен дека така си ја продолжува состојбата на сопствената ферментирана параноја што го доведува во ситуации, искрено и елоквентно, во телевизиски студија, да ги елаборира своите длабоки, ирационални стравови.

Николовски мора веднаш легално да ги процесуира сите свои сомнежи, индиции и докази. Дотолку повеќе што во целата вертикала на сегашната власт која тоа службено би го истражила седат негови партиски колеги. Со тоа ефикасно ќе докаже дека не е параноик.

Инаку, паранојата ќе го изеде, а партијата ќе загуби способен оперативец за спроведување на параноични сценарија.

The post „Жолтите комбиња“ летаат на небо appeared first on Слободен печат.


„Жолтите комбиња“ летаат на небо was first posted on мај 21, 2020 at 8:59 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....