Кога дури и необично повлечената американска амбасадорка најде за потребно да им се придружи на своите европски дипломатски колеги во сугерирањето дека овој, несовршен, предлог на Законот за јавно обвинителство треба да се донесе што побрзо, пред изборите, тогаш е јасно дека опозицијата по којзнае кој пат се наоѓа во истата ситуација како со години наназад: никако не успеваат да ги антиципираат потезите на меѓународната заедница, за да се обидат со своето политичко поведение да им парираат на конструктивен и продуктивен начин.
А темата на која инсистираат странците е иста со години – нема „затворање“ на процесуираните случаи за криминал правен за време на претходната власт, па макар за нов јавен обвинител да дојдат двете тела во едниот правосуден дух на брачниот пар Маневски, а Катица Јанева да биде протерана на Островот на змиите во Преспанското Езеро!
Опозицијата, сепак, нема да гласа за Законот, бидејќи сега е веќе предоцна за менување на нивните ставови. Тие се надеваат на победа на изборите, за да изгласаат „свој“ закон. Очекуваат дека, доколку се случи тие да ја формираат следната влада, меѓународната заедница ќе си „легне на брашно“ и ќе го прифати „свршениот чин“ на запирање на „прогонот“ на десетици функционери на опозицијата кои се дел од процесите на некогашното СЈО. За тоа ќе треба извесна „чадна завеса“ за што не кријат дека ќе уприличат и нови театрални апсења, почнувајќи од Заев.
Лоша им е таа стратегија, бидејќи тоа размислување на изборите ќе ги однесе со уште една „рецка“ на „рабушот“ на нивната конфронтација со главните странски партнери на Македонија. Тоа дополнително ќе ги одбие оние гласачи кои не се од нивното „тврдо“ гласачко партиско тело, а кои, незадоволни од СДСМ, размислуваат дали да излезат и за кого да гласаат на изборите. Таквите несигурни, но потенцијални гласачи се уморни од постојаната кавга на опозицијата со меѓународниот фактор. Нема таму расположение за „уште една“ реприза на нивните бројни изгубени битки на темата „Македонија против сите“!
Од друга страна, не е ни Мицкоски сосема виновен за оваа ситуација. Неговата пратеничка група во Собранието во најголем дел е вон негова директна контрола; веројатно малкумина од тие пратеници можат да сметаат за повторен „ангажман“ на партиските изборни листи; а и десетина најгласни се директно во списокот на обвинети од некогашното СЈО… Како Мицкоски, дури и кога би сакал, да им наметне став кој би бил различен од нивниот суштински интерес македонското правосудство не да не се реформира, туку да „цркне“ ако може, кога веќе не може да се вратат „златните години“ од тефтерчињата на Гордана?!
Во изминатите 2-3 години раководството на опозицијата не успеа да стане доверлив партнер на нашата сојузничка, западна меѓународна заедница. Не предвидоа ништо, промашија речиси во сите проценки, а во неколку клучни политики и директно се конфронтираа со неа. Сигурен сум дека тоа ќе им се испостави како многу погрешен изборен влог. Ако не ме лаже впечатокот, кај „странците“ нема да има многу ужалени фаци ако ВМРО-ДПМНЕ добие нови четири години во опозиција за сопствена сериозна идеолошка и кадровска реформа.
The post Запад ги отпиша, Исток не ги ни попиша appeared first on Слободен печат.