2.8 C
Скопје
23:15 - 22 ноември, 2024

Умерен оптимизам по умерениот извештај, очите свртени кон Софија

Македонија доби реален и објективен извештај за својот напредок кон Европската Унија, во кој сме и пофалени и критикувани, а дали до крајот на годината навистина ќе ги почне преговорите за членство, зависи од Бугарија и нејзината подготвеност да ризикува тешки последици, сметаат познавачите на пристапниот процес на нашата земја кон европското семејство. Според нив, фактот што европскиот комесар за проширување Оливер Вархељ дојде во посета на Скопје еден ден откако беше претставен извештајот за земјите од Западен Балкан, зборува многу за подготвеноста на Брисел преговорите наскоро да почнат, но и овој пат, и покрај сите фактори за оптимизам, постои можност да бидеме блокирани од соседна земја.

Еврокомесарот Вархељ вчера замоли за трпение и порача дека „дипломатијата функционира“, но потенцира и дека е во интерес на Македонија и на Бугарија „да најдат решение за прашањата кои предизвикуваат недоразбирања“. Тој не беше уверен дека до крајот на годината Македонија сигурно ќе ги почне преговорите со ЕУ, туку изрази надеж дека тоа ќе се случи, затоа што земјата ги исполнила сите услови.

Не е исклучено Бугарија да направи глупост

Според аналитичарот Петар Арсовски, по овој најнов извештај на Европската комисија, веќе ништо не зависи од неа, туку од Бугарија, која неодамна побара поддршка од Брисел да постави свои услови во преговарачката рамка за Македонија.

– По извештајот, кој е дополнет со најавената финансиска помош, јасно е дека ЕК препорачува Македонија да ги започне преговорите. Треба да бидеме задоволни од овој извештај, кој е објективен и оценува дека имаме напредок во повеќе области. Но, останува политичкиот проблем со Бугарија и останува да видиме дали ќе ја реализира заканата да ја блокира првата меѓувладина конференција со која ќе почнат преговорите, а што треба да се одржи до крајот на годината. Судејќи по реакциите во Брисел и на земјите како Германија и Франција мала е веројатноста дека блокадата ќе се случи, но не е исклучено дека Бугарија сепак може да направи глупост.  Ако Софија не блокира во почетокот на преговорите, секако ќе има големи дипломатски и други последици, но таквата можност постои со оглед на отворената закана од бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов, а министерката за надворешни работи Екатерина Захариева не го поби. Бугарија може да плати висока цена, но блокадата не е исклучена како можност – вели Арсовски за „Слободен печат“.в

Александар Кржаловски, директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, вели дека со Бугарија ќе мора да се разговара и да се напредне во тој дијалог, но тој не очекува блокада.

– Без оглед на формулацијата за добрососедски односи во извештајот на ЕК, а би рекол и независно од најавениот инвестициски пакет за регионот, очекувам сепак во декември да ги започнеме преговорите за членство во ЕУ. Веројатно ќе треба комуникација со Бугарија и некаков напредок по прашањата кои тие ги покренуваат, но сметам дека нема заради тоа да ни биде попречен патот за преговори – вели Кржаловски.

Македонија умерено подготвена за ЕУ

Општиот заклучок во извештајот на ЕК е дека Македонија е умерено подготвена да ги преземе своите обврски за полноправно членство во повеќето анализирани области. Најголемите критики и натаму се за борбата против корупцијата, контролата на полицијата, состојбата во јавната администрација, како и за борбата против дискриминацијата, а во правосудните и реформите на разузнавачките служби е забележан умерен напредок. Во извештајот ЕК препорача Македонија да ги започне пристапните преговори со ЕУ.

Според Кржаловски, извештајот е прилично стандарден, со мали пофалби во повеќето области и со доста повеќе критики.

– Документот укажува на многуте реални слабости и најчесто се употребени квалификации дека не сме спремни или сме само делумно спремни за преговорите, особено во борбата против корупцијата, организираниот криминал, реформата на јавната администрација итн. Иако и за тие области се најдени мали елементи за пофалба – вели тој.

Според извршниот директор на „Еуротинк“, Иван Стефановски, извештајот покажува дека Владата дефинитивно треба да вложи најголем напор во борбата против корупцијата и организираниот криминал.

– Заокружувањето на реформите на тајните и на безбедносните служби, особено парламентарниот надзор, исто така треба да бидат приоритет на Владата во следните 12 месеци. Лично очекувам преговарачката рамка да се усвои што поскоро, а првата меѓувладина конференција да се одржи до крајот на годината – вели Стефановски за „Слободен печат“.

Димитров: И за Бугарија е успех ако почнат преговорите

Ако Македонија ги почне преговорите, тоа ќе биде успех и на Бугарија, рече вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров по презентацијата на извештајот.

– Да не заборавиме, од двете зелени светла, едното, за Северна Македонија, беше безусловно. Значи, нема услов што треба да се исполни за да почнат пристапните преговори. Затоа е многу важно за ЕУ таа одлука да се спроведе, во смисла на прва меѓувладина конференција. Но, покрај македонскиот и европскиот влог, тука голем влог има и нашиот сосед – Бугарија. Мислам дека успехот овој процес да продолжи, ќе биде успех и на Бугарија, како земја сосед и пријател што сака да стане уште поголем пријател – посочи Димитров.

Тој рече дека во ова време-невреме со многу предизвици, немаме луксуз да пропуштаме вакви шанси за успех.

– Ако успееме и ако во декември има меѓувладина конференција, тоа ќе биде голем успех за земјава и за ЕУ. Имав корисни средби во Берлин и на сите ми беше потврдено дека еден од главните приоритети на германското претседателство во делот на соседството е да почнат пристапните преговори со Северна Македонија. Мислам дека со таа поддршка и со мудрост од сите страни, ќе дојдеме до тој заеднички успех, односно да заживее новата методологија и ние конечно да почнеме пристапни преговори – нагласи Димитров.

Тој објасни дека средната оценка за вкупната подготвеност на Македонија сега е 3,11 што значи добро ниво и е одредено поместување во споредба со ланската оценка за подготвеност која беше 3,06.

Корупцијата останува најголем проблем

Иако оценува дека во борбата против корупцијата Македонија бележи добар напредок во неколку сегменти, ЕК оценува дека „корупцијата е сеприсутна во многу области“ и бара поактивен пристап од сите чинители. Во тој дел се поздравува и работата на Антикорупциската комисија.

Како „голема слабост“ се оценува недостатокот на сеопфатен закон против дискриминација, откако претходниот беше поништен од Уставниот суд од процедурални причини. ЕК бара овој проблем брзо да се коригира во парламентот.

Проблематичен е и недостатокот на независни истражители кои би вршеле надзор врз работата на полицијата што пак, го става во прв план проблемот со неказнивост во полицијата. Хронична болка останува и состојбата во затворите.

Умерен напредок има и во делот на слободата на медиумите, но ЕК бара да се унапредат и професионалните стандарди и квалитетот на новинарството, и да се зголеми транспарентноста во делот на државното, јавното и партиското рекламирање во медиумите.

ЕК очекува да се продолжи со негување на добри односи со соседните земји и почитување на билатералните договори.

 

The post Умерен оптимизам по умерениот извештај, очите свртени кон Софија appeared first on Слободен печат.


Умерен оптимизам по умерениот извештај, очите свртени кон Софија was first posted on октомври 8, 2020 at 7:45 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....